Разновидност на стилови - единство во пристапот: ЖЕНИТЕ на БиХ за деца

29.10.2024 00:36
Разновидност на стилови - единство во пристапот: ЖЕНИТЕ на БиХ за деца

Книгата „ЖЕНИТЕ на БиХ за деца - Илустрирано патување со исклучителни жени од минатото“ е една од добитничките на признанието Штефица Цвек #3.

ЖЕНИТЕ на БиХ за деца - Илустрирано патување со исклучителни жени од минатото е продолжение на иницијативата #ЖЕНИ на БиХ, а е прва публикација во Босна и Херцеговина налик серијата изданија Приказни за добра ноќ за мали бунтовни девојчиња. Иако овој формат за деца веќе е познат во регионов и постојат неколку верзии на илустрирани приказни за значајни жени, оваа книга доаѓа во нешто поинаков формат, надминувајќи ги класичните биографски приказни.

Книжевниците, пилотките, партизанките, новинарките, балерините, учителките, математичарките, докторките, оперските пејачки, од различно потекло, етникуми и националности, од почетокот и првата половина на 20 век, се прикажани во борбата за рамноправност. Најчесто се работи за првите жени во одредени професии, жени кои немале можност да се школуваат исто како мажите, жени кои морале да се борат за она што за мажите се подразбирало. Петнаесет современи босанско-херцеговски авторки и автори ги потпишуваат биографиите на петнаесет истакнати жени од Босна и Херцеговина, оние кои се бореле против различни угнетувачки системи. Расказите ги потпишуваат: Адиса Башиќ, Бјанка Алајбеговиќ, Бориша Мраовиќ, Емир Заметица, Енес Куртовиќ, Ферида Дураковиќ, Ламија Бегагиќ, Ламија Гребо, Ламија Милишиќ, Лејла Каламујиќ, Николина Тодоровиќ, Сабина Фидахиќ, Селма Асотиќ, Тамара Заблоцки и Зоран Ќатиќ.

Амбициозноста на оваа книга се одразува врз читателката или читателот преку чувството на заедништво и здружување во книжевниот потфат, а пишувањето, уредувањето, илустрирањето и издаваштвото се сфаќаат како една од формите на бунтување. Кон тоа придонесува и претставувањето на кратките биографии на авторките и авторите заедно со биографиите на значајните жени. Разновидноста на стиловите и на пристапите во биографско-книжевната обработка го прават текстот динамичен, но поради тоа може да се забележат и одредени стилски неусогласености. Некои биографии имаат стилизирана наративна рамка во која информациите се изложени директно и без да се користат конкретни книжевни постапки, додека во други приказните се стилски многу автентично и книжевно успешно изведени во целост.

Сепак, единството на овој текст се компензира на други начини. Пристапот кон темата, кој се рефлектира во потенцирањето на борбата и на бунтот на овие значајни жени, но и укажувањето на нивната општествена привилегираност (особено класната), доколку постоела, доследно го зема предвид интерсекцискиот пристап. Различноста на идентитетите - родовиот, класниот, расниот, верскиот, етничкиот - преку биографските приказни многу јасно ѝ ги расветлуваат на помладата публика различните системи на угнетување и нивната меѓусебна поврзаност.

Кохезивноста на текстот се огледува и во доследното спроведување на методичкото водење низ приказните. Имено, зад секоја приказна стои збир прашања или задачи кои го водат читателот/читателката кон критичко промислување на општествените околности, поврзување на историскиот и современиот контекст, како и кон активно општествено дејствување. Меѓутоа, овие прашања се осврнуваат и на приватниот живот, на личните предизвици и интереси на младите, што може да се толкува како занимлив начин да се укаже на спрегата на личното и политичкото. Токму овој сегмент од текстот ја издвојува ЖЕНИТЕ на БиХ за деца од останатите изданија од овој тип. Покрај тоа, информациите од една приказна можат да се повторат или да се алудира на нив во некоја од останатите приказни, па така низ книгата се ткае своевидна историја на борбата за правата на жените, додека активното поврзување со современиот контекст го одржува континуитетот на оваа борба и ја прави севременска. Конечно, впечатливите илустрации на Наташа Коњевиќ и дизајнот на книгата на Александра Нина Кнежевиќ придонесуваат кон визуелната кохезија. Жените на БиХ се автентично сликани, додека преку конзистентната употреба на тоновите и на стилот се постигнува хармонија која ги поврзува биографиите во една целина.

Текстот активно ја ангажира младата публика. Тој директно ѝ се обраќа објаснувајќи ѝ одредени авторски или уреднички одлуки. Интересно е што за одредени историски настани се говори од различни перспективи и со користење различни книжевни постапки. Втората светска војна и Холокаустот понекогаш се именуваат само како мрачните години што доаѓаат, за кои некои од текстовите не зборуваат експлицитно туку се задржуваат на среќниот крај славејќи ја победата на женската борба, додека, во други текстови, оваа тема детално се обработува а Холокаустот има директни последици врз хероините. Наместо да се заобиколи оваа тема во книгата, за неа се дискутира многу внимателно, отпрво суптилно најавено, а на крајот отворено и со потнцирање на потребата за паметење на страдањето на Евреите.

Иновативноста на книгава се рефлектира и во јазикот. Женскиот род е нормиран. На овој начин, читателките и читателите се покануваат да ја преиспитаат идејата за универзалноста на машкиот род во БХСЦ јазиците. Уште повеќе, постапката е експлицитно објаснета, па ги повикува момчињата да ѝ обрнат внимание и активно да ја промислуваат.

Книгата ЖЕНИТЕ на БиХ за деца претставува важен придонес за популаризацијата на историјата на женската борба во Босна и Херцеговина. Преку иновативен пристап, книгата активно ги ангажира младите читатели и читателки, нудејќи им алатки за критичко промислување на различните опресивни системи кои, како и женската борба, имаат своја историја, а и ден денес се силно присутни. Книгата не само што едуцира, туку и инспирира, повикувајќи ги младите генерации да бидат свесни за минатото и активно да учествуваат во градењето на поправедна иднина.

Текстот е напишан како дел од регионалната иницијатива Štefica Cvek #3 спроведена од Naratorium (Босна и Херцеговина), Pobunjene čitateljke (Србија), Kulturtreger/Booksa (Хрватска) и Коалицијата МАРГИНИ (Северна Македонија).