1030 hPa
45 %
16 °C
Скопје - Пет, 08.11.2024 11:59
Голема кискада
Научниците велат дека кога кучето мрда со нозете додека спие, навистина сонува. А кога птицата тивко се задлабочува во сонот, нејзините мускули за пеење се грчат. Дали тоа значи дека таа вежба пеење во сонот?
Според физичарот Габриел Б. Миндлин од Универзитетот во Буенос Аирес, голем дел од различните видовите птици се песнопојни, со специфични мозочни региони посветени на учење песни. Неговото истражување ги испитува врските помеѓу соништата на птиците и репродукцијата на песни, особено кај видови птици што често учат нови звуци и песни, како и видови птици што поседуваат ограничен, инстинктивен капацитет за учење песни.
Научниците претходно набљудувале заспани птици кои прават движења кои наликуваат на синхронизирање на усните. Во претходните истражувања, Миндлин и неговите колеги имплантирале електроди кај две птици од видот Зебра финч, а за една неодамнешна студија во научното списание „Хаос”, тие го направиле истото на две големи птици од видот Кискада. Тоа им овозможило да ги снимаат и споредат активностите на невроните и мускулите кај птиците кои спијат.
Преку истражувањето научниците увиделе дека кога се будни, птиците од видот зебра финч пееле добро регулирана линија на ноти од стакато. Но, нивните движења кога спиеле биле фрагментирани, неврзани и спорадични, како во сон. Се чини дека за време на дремката овие птици тивко вежбаат неколку ноти и потоа додаваат други, создавајќи шема на мускулна активност што научникот Миндлин го потсетува на учење музички инструмент.
„Ова вежбање е помалку веројатно кај кискадата која не учи”, вели коавторката на истражувањето, Ана Амадор, невронаучничка од Универзитетот во Буенос Аирес.
Синтетизираната мелодија за спиење на кискадите се состоела од брзи, идентични нотни слогови кои звучеле гласно и агресивно и повеќе личеле на кошмар отколку на сон. Заспаните кискади често ги комбинирале овие движења со заканувачко покажување на пердувите на главата, што често се случува да го прават за време на нивните територијални конфликти кога се будни.
Слушањето на заспаната птица пејачка за подобро да се разбере нејзиното однесување во будна состојба, и да се бара можна врска со соништата е налик на „пробивање код во детективски роман”, вели Амадор.
Неврологот Даниел Марголијаш од Универзитетот во Чикаго, чии пионерски студии од деведесеттите ги карактеризирале мозочните региони на птиците кои учат песни, вели дека новите резултати се во согласност со неговите набљудувања на невроните на птиците што спијат. Но, тој советува претпазливост при опишување на оваа активност на спиење како сонување.
Даниел Марголијаш смета дека идните истражувања треба повнимателно да ги испитаат состојбите што птиците ги доживуваат за време на процесот на спиење, вклучувајќи го и спиењето со брзо движење на очите за време на (РЕМ) фазата на спиење, што е тесно поврзано со сонувањето и кај други животни.
Фото: Gerald DeBoer
Извор: https://www.scientificamerican.com