1019 hPa
34 %

18 °C
Скопје - Саб, 22.03.2025 13:59
Денес бројни филозофи, економисти, правници, социолози и антрополози од разни провиненции, трагаат по одговор на прашањето како денешниот свет може да се промени во правец на создавање поцврста симбиоза помеѓу слободата на хомосапиенсот и новата визија на човештвото што би водело, ако ништо друго, барем кон нов копнеж за подобар, послободен и подемократски свет. Што може да го инспирира хомосапиенсот уште еднаш да посегне по револуционерни промени со кои би се оддалечил од сите свои стравови и заблуди кои сè уште го држат во окови?
Би било тешко да се претпостави дека инспирација за револуционерни промени човекот би можел да најде во враќање кон древното минато на хомосапиенсот како можен катализатор за прогресивна трансформација на себеси и човештвото, како што денес тоа се обидува да го наметне реториката на авторитарниот популизам. Дали е можно на хомо сапиенсот да му се понуди лажливо бегство во минатото од тешкотиите и стравовите кои ги носат големите и мачни миграции на населението, сиромаштијата, вжештената клима, насилството и неслободата и непознаниците кои ги носат новите технологии, што го загорчува неговиот живот на самиот почеток од овој милениум?
Благодарение на таквиот страв и заблудите на хомосапиенсот, светот денес, повеќе од кога било порано, е распнат помеѓу длабоките нееднаквости и разликата помеѓу поединецот и групата, религијата и расата, општеството и државата, што води до воспоставување висока контрола над човекот од владејачите и бога (државата и црквата), што сè повеќе го турка човекот на општествената маргина и во духовна сиромаштија и немоќ. Во својата немоќ хомосапиенсот станува сè понаклонет кон враќање во своето минато за таму да бара инспирација за нова револуционерна трансформација на човештвото, каде е тешко или невозможно да се најде.
Со фасцинација на монументалниот сјај на суровото владеење на големите императори, големите царски палати, величествените кралски древни архитектури, спектакуларните споменици, храмовите, библиотеките, црквите, манастирите и империјалната моќ на архаичните владејачи и богови, реториката на авторитарниот популизам се обидува да создаде висок степен на уверувања дека новиот пат до револуционерните промени за иднината на светот е впрочем враќање на моќта на државата и авторитарниот владетел, што значи враќање кон строга политичка хиерархија на општеството, поттикната од слабоста на демократските институции и нивната идеологија, кон силна контрола над ресурсите и териториите, поттикната од големиот раст и миграциите на населението и враќање кон контролираните воени конфликти за да се отстрани технолошката нееднаквост помеѓу нациите.
Авторитарната популистичка идеологија се залага за отфрлање на сите универзални вредности и закони, глобалното управување и идеологијата на мултилатералниот либерализам, барајќи во тоа гаранција нацијата да управува со себеси во склад со нејзините интереси без никакво ограничување во однос на интересите на другите нации, што ќе ги одреди силата и моќта како крајна дестинација на националната политика на државата. За авторитарните популисти секоја идеја за универзални развојни, морални или правни стандарди не е ништо друго туку платформа за нов империјализам, кој по својата природа дискриминаторно се меша во внатрешните работи на националните држави, што во нив ги загрозува традиционалните културни стандарди и националната култура на живеење, наметнувајќи нееднаквост и привилегии во корист на меѓународните системи на вредности. Преку таквата идеолошка матрица бројни авторитарни популистички движења ширум светот отворено ќе ја демонстрираат идејата за разорување на глобалните стандарди и институциите на меѓународната заедница, што неминовно значи укинување на сите универзални организации и закони кои би можеле да ја ограничат самостојноста на нацијата како затворена хомогена јазична, културна, верска и историска структура во 21-от век. Во таквиот стеснет и затворен простор авторитарниот популистички национализам прераснува во опсесија за своите следбеници и бара монополизација на сите сегменти во јавната сфера, каде нема место за универзалните човечки вредности.
Свесно испуштајќи од вид дека растечката хиерархија на државната структура сè повеќе води кон сè поголема општествена нееднаквост, сиромаштија и конфликти, авторитарниот популизам во своето агресивно враќање во историјата ја поништува самата суштина на идеологијата што ја заговара. Никакво реторичко позерство не може да ја прикрие фаталната слабост на агресивната идеологија на авторитарниот популизам и неговиот пристап до промена на светот. Авторитарните популисти би сакале да се враќаат во минатото во потрага по одамна изгубената моќ на империите и моќта на краловите и враќањето кон геополитичките поделби со контури на архаичните империи, притоа не сфаќајќи дека нивниот агресивен антиматеријализам ја поништува самата суштина на нивниот концепт за промена на светот. Во таков амбиент на закопана кралска моќ со монументален сјај, како мешавина на суптилни лаги, разиграни емоции и невидливи замки за невнимателниот хомо сапиенс, револуционерната промена на светот во изведба на авторитарните популистички водачи е сосема извесно невозможна.
Материјалните промени кои се на видикот, новите технологии, вештачката интелигенција, компјутерските алгоритми, квантната информатика, бараат нов клуч за технолошкиот развој, што значи нови економски, социјални и психолошки промени во општеството, нови сојузи, нови модели за поттикнување инвестициски вложувања, нови стандарди и нови показатели за успешност во работењето на корпорациите во процесот на создавање „заеднички глобални вредности“. Таквите промени нужно бараат нов модел на глобално производство и нова природа на односите помеѓу државата, општеството и човекот, како нови платформи за промена на светот во овој милениум.
Овој глобален конфликт помеѓу технолошки меѓузависниот свет и сè повидливите популистички геополитички поделби и безбедносни барања е најголемиот парадокс на човештвото во 21-от век. Се бара нов концепт на комплементарност помеѓу деловната развојно-технолошка парадигма и безбедносно-политичките и идеолошките барања. Отсуството на таква комплементарност помеѓу развојно-технолошката парадигма и безбедносно-политичките структури на глобално ниво се заканува со губење на просперитетот на внатрешната платформа за развој на државите, што овозможува плодно тло за развој на авторитарни популистички режими. За да се воспостави таква комплементарност, се бара застапеност и гласачка моќ на рамноправна основа за сите учесници во донесувањето одлуки во глобалните мултилатерални институции, сразмерно на нивната моќ и нивното влијание.
Комплементарноста помеѓу внатрешната развојно-технолошка парадигма и безбедносно-политичката струтура на глобално ниво ја прави „доктрината за креативната модерност“ атрактивна за меѓународните односи во 21-от век, во која постојат пошироки можности за политичко обликување на отпорниот, одржлив и разновиден меѓународен поредок како функционален мултилатерален механизам, кој функционира врз основа на стабилните правила на отворената глобална економија.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Lola Dupre
Извор: https://tacno.net/