1030 hPa
60 %

3 °C
Скопје - Сре, 12.02.2025 09:59
Од 31 октомври до 4 ноември во Скопје, под мотото „Лабораторија за приказни – таму каде што се вкрстуваат нашите патишта”, ќе се одржи третото издание на Фестивалот на приказни за деца и млади „Крошна”.
Оваа година посетителите на фестивалот ќе имаат можност да слушаат македонски, грчки, полски, словенечки и шпански приказни во различни формати.
„На овој начин сакаме на децата да им ја пренесеме пораката дека сите деца и многу возрасни на светот сонуваат убави соништа: сонуваат за светла земја, во која луѓето не се плашат и се гледаат во очи, за земја во која се игра, се пее, се раскажуваат приказни и лебот се дели на еднакви парчиња”, стои во најавата.
Програмата започнува со промоција на научнофантастичниот роман „Очите на Михалина” на полскиот автор, а продолжува со концерт за деца, за млади и возрасни со добар вкус на Георги Шарески и Џијан Емин, по текст на Владимир Лукаш од песнарката „Пу за Мите, пу за сите”. Потоа следува изложба на илустраторката Наталија Лукомска и работилници што ќе ги водат писателите за деца Марија Папајани од Грција и Марќин Шчигелски од Полска. Шпанскиот дизајнер Хуан Олер од креативното студио „Милимбо” од Валенсија ќе одржи предавање за создавање содржини за деца на јавни простори насловено „Игриви градови” и работилница за изработка на тродимензионални книги, а главниот настан ќе биде панел-дискусија за елементите во приказните што нè поврзуваат со насловот „Каде се вкрстуваат нашите патишта”.
Настаните ќе се одржуваат на неколку локации низ Скопје и тоа во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци”, КСП Центар „Јадро”, во библиотеката „Другарче”, во кафе-книжарница „Буква”, во Театарот на сенки „Сенки и облаци” и во Драмскиот театар во Скопје.
Повеќе информации и детали за програмата може да најдете на линкот.