1032 hPa
51 %
13 °C
Скопје - Пет, 08.11.2024 10:59
Пренесено од Дојче веле
Додека Владимир Путин во Казан беше домаќин на првиот БРИКС плус Самит, со амбиција да формира „нов светски поредок“ наспроти оној западниот, целиот свет е во исчекување на претседателските избори од 5 ноември, со цел да разбере кои ќе бидат идните потези на САД.
Честопати се вели дека изборите за Белата куќа не се однесуваат само на Американците, туку на целата земјина популација, затоа што САД и понатаму се број 1 економска и воена суперсила на светот. Но, интересно е да видиме низ светот, низ нашиот регион, па и кај нас самите, кој навива за кого? Кои земји и чии влади преферираат победа на Камала Харис, а кои посакуваат враќање на Доналд Трамп.
Имајќи ја предвид националистичката и изолационистичка политика на Доналд Трамп би можеле да помислиме дека Трамп има многу малку сојузници надвор од Америка. Но, тоа не е така и од разноразни причини републиканскиот кандидат има силни поддржувачи меѓу бројни странски влади.
Кои земји се на страната на Трамп?
Се смета дека можеби најголемиот странски поддржувач на Трамп е Владимир Путин, кој најверојатно стравува од победата на Харис, затоа што тоа би значело продолжение на американската воена помош за Украина и со тоа продолжение на исцрпувачката војна за Москва. За време на американските избори 2016-2020, Москва отворено го поддржуваше Трамп, па дури и тајно го помагаше неговиот избор преку манипулации на социјалните мрежи и лажните вести. Главната причина зошто Путин се надева на нова победа на Трамп е затоа што тој повеќе пати јавно посочи дека не сака да ја продолжи воената помош за Украина и затоа што истакна силни сомнежи за американската поддршка за НАТО. Нешто што звучи идеално за војната која рускиот автократ ја води во Украина.
Индија и Аргентина гледаат во Трамп лидер сличен на сопствените, со кој премиерот Моди или претседателот Милеи лесно би се разбрале без премногу да се грижат за протести околу нивните авторитарни методи или прекршувања на човековите права. Од иста причина и Саудијска Арабија верува дека може да направи подобри врски и дилови со Трамп отколку со Камала Харис. Иако односите помеѓу Мохамед бин Салман и Бајден денеска се тесни и добри, како што покажува американската иницијатива за историски мировен договор помеѓу Ријад и Тел Авив, сепак Трамп беше тој што ги издејствува Абрахамовите договори меѓу Израел и четири арапски земји. Воедно, саудискиот принц сигурно не заборавил дека токму Демократите се обидоа политички да го изолираат после убиството на новинарот Џамал Кашоги.
Израел е целосно на страната на Трамп. Јавна тајна е дека Бенjамин Нетанјаху чека да поминат изборите, за воопшто да го земе предвид американското барање за примирје и прекин на огнот во војната во Газа, и спречување на тотална војна на Блискиот Исток. Нетанјаху е убеден дека победата на Трамп ќе му овозможи да прави што сака, да не им понуди вистински концесии на Палестинците и секако да постигне помирување со Саудијците.
Авторитаризмот и добрите односи со Москва секако ја туркаат и Турција на Ердоган кон Трамп, повеќе отколку кон Камала Харис. Што се однесува до Европа, негов број 1 навивач и близок пријател е унгарскиот премиер Виктор Орбан. Повеќето европски популисти кои моментално навиваат за Трамп се уште се во опозиција, а не на власт, иако постојано растат по бројот на гласови. Исклучок е можеби италијанската премиерка Џорџа Мелони која во Трамп гледа силен сојузник на темите какви што се национализмот и миграцијата. Во суштина, за Трамп се сите оние влади или партии кои со задоволство би престанале да даваат помош за Украина.
Од Балканот веројатно најсреќен од победата на Трамп би бил Вучиќ, кој е во блиски односи со ентуражот на Трамп, почнувајќи од Ричард Гренел, зетот Џаред Кушнер, до самиот син на милијардерот кој треба да гради хотел во Белград. Вучиќ се надева на трампова поддршка за зајакнат притисок врз Косово и некакви побрзи и поунилатерални решенија за косовското прашање.
Кој се надева на победа на Харис?
Интересно за нас што и новата влада на ВМРО-ДПМНЕ е исклучително блиска и развива чести односи со истите луѓе од најблискиот круг на Трамп. Но, пред тоа, да видиме кои влади или земји искажуваат симпатии за ривалката Харис.
За Харис секако навива Украина, како што за нејзина победа навиваат и најголем дел од земјите на ЕУ, Велика Британија, Канада и Мексико, последниве затоа што одлично знаат дека со Трамп односите би биле нервозни и затегнати.
Од екс-советските земји, Молдавија (повеќе владата отколку народот), како и во Грузија каде е сосема обратно (многу ќе зависи од изборите во сабота), најверојатно се на страната на Харис. И покрај критиките за војната во Украина насочени кон Бајден, Бразил на Лула ја преферира Камала Харис. Претседателот Лула е социјалист кој не може да замисли сојузништво со републиканец и десничар каков што е Трамп.
Јужна Африка е земја која го оптужи Израел за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата и тешко дека може да навива за Трамп, кој пак бескомпромисно е на страната на Еврејската држава. Останатите африкански земји генерално имаат негативни чувства за САД без разлика кој и да победи. Во Азија, Јапонија и Ј. Кореја се сигурно за Харис, не заборавајќи и на критиките на Трамп кон Сеул и Токио дека профитираат од воената заштита на САД, за што побара и да платат. Конечно, Иран се надева на Харис, затоа што Трамп го прекина нуклеарниот договор со Техеран и генерално гаи тврда линија против режимот на ајатоласите.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ навива за Трамп
И да се вратиме на нас: за кого навива нашата политика и Влада помеѓу Трамп и Харис?
Првиот сигнал дека владата на ВМРО-ДПМНЕ навива за Трамп ја добивме уште летоска кога на НАТО Самитот во Вашингтон, премиерот Мицкоски и министрите кои го придружуваа, зад грбот на домаќинот Бајден, остварија средба со Ричард Гренел, контроверзниот поранешен дипломат и поранешен в.д. координатор на американските разузнавачки служби. Македонија во тој поглед како да е дел од една нова политичка оска каде заедно со Унгарија и Србија се обидуваме подобро да се позиционираме кон идната американска администрација, се разбира доколку победи Трамп.
Дека средбата со Гренел не била случајна и уникатна, ни се потврди и кога се одржа втора средба за еден месец меѓу Мицкоски и Гренел, кој се смета за претендент за висока позиција во администрацијата на САД ако Доналд Трамп победи на ноемвриските избори.
Тогаш Владата соошти дека: „Посебен акцент беше ставен на односите помеѓу САД и Република Северна Македонија, како и на можностите за нивно дополнително зајакнување“ и дека на средбата биле анализирани и можностите за идни заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот. Според владиното соопштение, била разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“ кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата.
Премиерот и Владата во јули беа домаќини и на Хауард Лутник, шефот на транзицискиот тим на Доналд Трамп, доколку победи. Лутник беше во земјава како дел од делегацијата бизнисмени заинтересирана за можна соработка и инвестиции. Самиот премиер во телевизиско интервју потврди дека во делегацијата американски бизнисмени биле луѓе многу блиски до Трамп. „Станува збор за корпорации со десетици милијарди долари годишен обрт. Крис Павловски е со македонско потекло, тој работи заедно со тимот на господинот Трамп во делот на развивање на ‘Рамбл“ (Rumble), која е многу важна во процесот на дигитализација, а луѓето кои беа тука, господинот Хауард и господинот Нунес, се двајца кои се од кругот на најблиските соработници на експретседателот на САД, Доналд Трамп, и тоа се луѓе со големо корпоративно и политичко искуство во делот на дигитална трансформација“, ќе изјави тогаш премиерот.
Покрај економските аспекти, како и во случајот со Србија, мошне веројатно е дека нашата влада верува дека директните и блиски односи со Трамп, доколку утре победи, би ни донеле и некаква политичка дивиденда, особено во спорот со Бугарија и во насока на забрзување на нашите преговори со ЕУ. Оттука, со сигурност можеме да кажеме дека Скопје навива за Трамп.
Слики: Andreas Englund