1009 hPa
55 %

15 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 12:36
Агенцијата на Обединетите нации за заштита на животната средина (УНЕП) неодамна го објави новиот извештај за јазот во емисиите - кои нациите ширум светот во моментов планираат да ги намалат за да ги избегнеме најлошите последици од глобалното затоплување.
„Сегашните амбиции не се доволни“, оценува д-р Ана Вуковиќ Вимиќ од Земјоделскиот факултет во Белград, една од водечките српски стручњаци за климатски промени.
„Забележан е исчекор во однос на периодот од пред петнаесет години, но тој сè уште е - недоволен, па се движиме кон таканаречените точки на пресврт, по кои веќе нема враќање назад и тоа треба да го избегнеме“.
Во моментов планетата е потопла за 1,2 степени целзиусови во споредба со прединдустрискиот период (1850-1900), а веќе сме сведоци на предупредувачки последици: делови од Земјата се соочуваат со обилни врнежи и разорни дождови, додека други молат да заврне дожд, а во делови владеат огнени стихии.
Со актуелните климатски планови на земјите, до крајот на векот светот би можел да се загрее помеѓу 2,6 и 2,8 степени.
„Тоа значи понатамошна дестабилизација на климатскиот систем и - сè посилни и позачестени временски екстреми“, предупредува соговорничката.
Меѓутоа, проблемот е тоа што моментално важечките политики сè уште не гарантираат исполнување на постоечките климатски планови. Според пресметките на стручњаците од УНЕП, доколку светот остане на актуелното ниво на климатска ангажираност, просечната температура на планетата до крајот на векот би можела да порасне и до 3,1 степен.
Тоа секако е значајно, но е и покритично во однос на границата од Париз: уште во 2015-та година земјите потписнички се договорија дека ќе настојуваат да го зауздаат глобалното затоплување значително под 2 степени, а во идеален случај на 1,5 степени.
Идеалниот случај ни бега, се наведува во извештајот: за неколку години би можеле да му одржиме опело доколку не ги зголемиме амбициите и доколку тие брзо не се спроведат на дело. Вториот, помалку амбициозен случај - критичниот праг кој е поопасен и за човештвото и за планетата - од 2 степени е во малку подобра ситуација, но сепак му се заканува заминување на интензивна нега. Повторно, со премиса да продолжиме да ги влечеме нозете во климатската акција.
На почетокот на следната година државите би требало да поднесат ажурирани извештаи - и во нив да бидат содржани ветувањата за намалување на емисиите.
Според пресметките на УНЕП, со овие документи и нивната имплементација, емисиите на гасови со ефект на стаклена градина треба да се намалат за 42 проценти до крајот на деценијата, а до 2035 година - за 57 проценти. На тој начин би ја одржале во живот целта за затоплување од 1,5 степени.
На годишно ниво тоа значи 7,5 проценти емисии помалку во следните 11 години - а бројките секако ќе стануваат сè поголеми ако седиме со прекрстени раце.
Борбата со климатските промени е огромна задача која бара глобална мобилизација во размери и брзина какви не сме виделе никогаш порано, порачуваат од УНЕП. Намалувањето на емисиите се постигнува преку големи вложувања во обновливи извори, пошумување, енергетска ефикасност на објектите, сообраќајот, индустријата - а сето тоа треба да го предводат и овозможат владите, пред сè оние кои се историски најодговорни за порастот на температурата.
Меѓутоа...
„Она што го правиме сега, нема да го почувствуваме веднаш“, вели д-р Ана Вуковиќ Вимиќ, „зашто реакцијата на климатскиот систем доцни во однос на форсирачките фактори. Дури и да замислиме најдобро можно сценарио - утре да запре порастот на температурата, климатските промени би ги чувствувале со децении“.
Трошка оптимизам сепак може да пружи фактот што во една област на дејствување против климатските промени, најновите трендови покажуваат дека работите се случуваат уште побрзо од она што го планираа државите.
Според податоците од последниот извештај за состојбата со обновливите извори на енергија, кој го објавува Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), се прогнозира дека растот на капацицтетите на обновливи извори ќе ги надмине моменталните цели кои ги прокламираа нациите: се очекува дека до 2030 година нивниот вкупен капацитет ќе се зголеми на најмалку 9 700 гигавати, што е за околу 25 проценти повеќе од она што го пишува во националните енергетски планови и стратегии.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Christoffer Relander
Извор: https://klima101.rs/