Миграции – надворешни и внатрешни

31.10.2024 13:07
Миграции – надворешни и внатрешни

(Лидија Димковска, Единствен матичен број, ТРИ 2023)

Книгата Единствен матичен број е една од добитничките на признанието Штефица Цвек #3.

 

Ова е роман за еден мигрант, неговата ќерка и нивните ближни. Тој еден ден морал да побегне од војната, само со пасош во џебот. Работејќи во хотел, се заљубил во странкиња, сезонска работничка. Кога започнал воениот напад успеал да избега во нејзината држава, по што се венчале и не живееле среќно до крајот на животот. А и тој никогаш пoвеќе не се вратил во татковинатa и ги прекинал сите врски со примарното семејство.

Поради ова, неговата ќерка чувствува дека ѝ недостасува половина од семејството, а со тоа и половина од нејзиниот идентитет. И бидејќи таткото не зборува за својoт дом, таа самата почнува да ги истражува семејните корени. Патот ќе ја одведе во посета на неговата родната земја. Додека го бара татковото минато и дел од себе, таа созрева обидувајќи се да го најде сопственото место во светот.

Кога се чита ваков опис на роман од авторка која припаѓа на постјугословенскиот книжевен простор, веројатно првата асоцијација е дека станува збор за уште еден текст кој се обидува да ги опише овдешните повоена траума и мигрантско искуство. Во повеќето случаи, ова би била точна претпоставка. Но, не и во овој. Затоа што Лидија Димковска, во својот последен роман, одлучила да раскаже малку поинаква приказна.

Ликот на таткото се вика Никос Аврам. Никос е Кипранец, кој во 1974 г. среде летната сезона, морал да побегне со својата девојка Македонка во социјалистичка Југославија. Воениот конфликт направил радикален рез во неговиот живот, оставајќи го истовремено и без семејство и без татковина. Во Македонија се обидел да основа ново семејство, но никогаш повеќе не успеал да ја поврати својата целовитост. Затоа, тој станува двоен емигрант – во реалноста, кајшто добива единствен матичен број (што на Кипар не било практика) и југословенско државјанство. Но, бирократското препознавање не му гарантира длабинска поддршка и разбирање. Така, тој станува и духовен емигрант, кој живее живот отуѓен од сите и чија водечка изрека му е „Човек да фати пустелија“.

Токму оваа изрека станува врзувачка нишка на романот, чии поглавја се испресечени со цртички со опис на пустелијата. Како што е ефектно поместувањето на мигрантската приказна на Кипар, барем во контекст на постјугословенските поетики, слично е и со менувањето на реалистичниот тон на раскажување со сегментите кои потсетуваат на некоја чудна мешавина на утопија и дистопија. Тие се дополнително визуелно издвоени, исчукани со фонт кој потсетува на машина за пишување. Деловите во кои се развива описот на пустелијата во нејзините различни аспекти – како екстремно отуѓените луѓе се однесуваат кон себе, едни кон други, а особено кон своите деца – се коментари за она низ што минуваат ликовите видени од гледната точка на Катерина, ќерката на Никос.

Во реалноста на ликовите, согледуваме како нивните животи не се разликуваат многу од сликите на пустелијата. Мајката на Катерина е антихерој, нарцис кој нема емпатија кон никого, и нејзината себичноста ја спречува да воспостави вистински односи со другите членови на семејството. Стефан, братот на Катерина, има проблеми со алкохолизам. Неговата екстремно религиозна сопруга оди во манастир, за да се искупи за својата грешка поради која нивната мала ќерка целосно се затворила и одбива да комуницира. Сите овие ликови, од една страна, делуваат реалистично, бидејќи во нив лесно може да се препознаат типови личности од секојдневниот живот. Но, од друга страна, како и самиот текст кој ги надминува цврстите стилски граници со комбинирање различни регистри, и тие делуваат пренагласено како драмски личности во некаква сатира. Со таквата постапка се постигнува да можеме да сочувствуваме со ликовите, но и да имаме одредена дистанца во однос на нивните позиции.

Доколку изведбата на романот се задржеше само на описот на отуѓеноста што ги тера луѓето во духовен егзил, во „пустелија“, тој ќе беше едноличен. Затоа ликот на Катерина, од чија перспектива ја следиме приказната, е поставен како противтежа. Имено, самиот нејзин обид да дознае што е можно повеќе за татковата страна на семејството претставува проактивно движење против општата вкочанетост. Наместо само да фантазира за бегство во „пустелијата“, таа тргнува да истражува. Отпрво, како тинејџерка, таа го користи интернетот како извор на информации за Кипар. (Треба да се има предвид дека таа е претставничка на генерацијата родена во втората половина на седумдесеттите години, што значи дека интернетот ѝ бил достапен малку подоцна.) Потоа оди во Бристол на собир на кипарски бегалци и нивните потомци, каде што престојува некое време. Како социологинка, Катерина наоѓа истражувачка работа во Британија на темата на Кипарското прашање. Преселувајќи се во Британија, таа самата станува мигрантка, иако од малку поинаков тип - Никос побегнал од војната а неговата ќерка поради економски причини и поради емоционалната тежина на ништожноста и заглавеноста.

Но, пред да се задржи во Бристол, Катерина за прв пат оди на Кипар. Нејзин придружник е Хасан Османи, кипарски Турчин, левичар и еколошки активист кој дошол во Бристол за да им ги врати на грчките семејства фотографиите што ги нашол во куќата кајшто се преселило неговото семејство. Со воведувањето на ликот на Хасан се отвора простор во текстот за поексплицитна критика на капиталистичкиот систем како повеќекратно неодржлив и експлоататорски кон луѓето и кон природата.

Низ очите на Катерина го набљудуваме градот замрзнат во времето, пет децении од денот кога турските сили го извршија нападот. Ја следиме низ кипарските улици и преку граничниот премин меѓу грчкиот и турскиот дел, кој го преминува благодарение на стариот пасош на нејзиниот татко, единственото што тој го понел со себе. Поради разработената топографија и приказот на духот на епохата од крајот на 20 и почетокот на 21 век, текстот има и дополнителен квалитет на атмосферичност, па изгледа инспиративно како можна предлошка за други аудиовизуелни форми.

Романот Единствен матичен број на Лидија Димковска тргнува од искуствата на отуѓеност на едно семејство со цел да ја раслои темата на миграцијата - генерациски, просторно, во односот надворешно/внатрешно. Во капиталистичката рамка која ги поставува границите сред островот, границите кои ги разоруваат интеретничките заедници, кајшто ниту внатре во семејството нема место за сочувство - таму нема ниту можност за бегство. Зашто „пустелијата“ е духовна, во нас самите. Спротивно на ова се обидите како оној на Катерина – која можеби не е идеална, но е претприемчива хероина – да се загледа во таа „пустелија“, да се обиде да ги пронајде обата дела од себе и своето минато заради можеби послободна иднина.

Текстот е напишан како дел од регионалната иницијатива Štefica Cvek #3 спроведена од Naratorium (Босна и Херцеговина), Pobunjene čitateljke (Србија), Kulturtreger/Booksa (Хрватска) и Коалицијата МАРГИНИ (Северна Македонија).

Превод од српски: Александар Трифуновиќ

Слики: Owen Gent

ОкоБоли главаВицФото