1015 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 09:59
Дали некогаш сте се „заљубиле“ во омилениот лик од серијата? Дали доживувате вистинска загуба ако умре? Дали имате омилен инфлуенсер? Добредојдовте во светот на парасоцијалните врски, важни односи кои ги имаме (најчесто) со славните личности кои не знаат дека постоиме или дури со измислени ликови, како оние од цртаните филмови. Овие видови односи во одредена мера се сосема нормални во текот на растењето, а некогаш изгледаа како соба полна со постери од омилените славни личности. Оваа тема во последно време почна да се однесува и на инфлуенсерите кои донесуваат нешто ново - лични искуства, грижи, секојдневни проблеми - и се вечно достапни на социјалните мрежи. На луѓето им станува полесно да се идентификуваат со она што го гледаат на екранот заради „човечноста“ која ја пренесуваат инфлуенсерите.
Терминот парасоцијални врски го создале Хортон и Вал во 1953-та година, не знаејќи ги резоните кои ќе ги достигне тогашната теоретска рамка на овој поим. Во домовите дошле првите телевизори, а авторите забележале посебни видови односи кои ги создавале гледачите со луѓето од екраните. Едно еволуциско објаснување на оваа појава од нашиот социјален живот е тоа што едноставно не сме се развиле доволно на органско ниво за нашиот мозок да може да направи јасна дистинкција помеѓу односот со реалната и фиктивната личност - затоа имаме исти или слични емоции и реакции за некој од екранот и за некој од реалниот живот. Рационално разбираме (повеќе или помалку) дека немаме таков однос, но сличноста на доживувањето во таквите односи е доволна за да предизвика слични емоционални процеси.
Денес имаме џебни екрани на кои поминуваме повеќе часови дневно и отворени сме за бројните можности на новите виртуелни еднострани односи. Освен мобилните телефони сегашноста ни донесе и осаменост. Во 2021 година петпати повеќе мажи изјавиле дека немаат ниту еден близок пријател (15 проценти) во однос на 30 години претходно кога истото го кажале 3 проценти од мажите. Доживуваме и зголемување на бројките кај луѓето кои живеат сами. Кризата со Ковид-19 нè затвори во домовите и на тој начин навидум го продлабочи јазот кај меѓучовечките односи. Тогаш некои побараа помош во гледањето серии, филмови, концерти и следење содржини со омилените медиумски ѕвезди.
Предностите и недостатоците на парасоцијалните односи
Додека луѓето меѓусебно стануваат сè пооддалечени, не е необично да развиваме чувства кон медиумските личности. Џорџ Стевер, психолог кој се занимава со медиумите, ги опишува парасоцијалните врски во контекст на теоријата за приврзаност, објаснувајќи дека овие односи можат да имаат многу слична динамика како и приврзаноста во реалните врски - фигурата за која се прирзуваме, во случајов славна личност, станува извор на утеха, сигурност и истражување на светот. Во случајов станува збор за еднонасочен однос, а реципроцитетот е замислен или илузорен. Едни се надеваат дека ќе го запознаат својот идол, други буквално полудуваат за личноста, а некои дури стануваат и ирационални демначи или сталкери. Во 2000-та година Еминем во дуетот со Дидо интересно го прикажа развојот на односот со својот демнач на кого на крајот од песната му возврати и со писмо.
Многу славни личности избираат својот романтичен живот да го чуваат далеку од очите на јавноста, за да го заштитат својот партнер, својот интегритет, но и за да ги одржат парасоцијалните врски со своите обожаватели. Да ја земеме, на пример, Јужна Кореја каде музичарите одржуваат силни парасоцијални врски со обожавателите и често се принудени да го кријат својот љубовен статус зашто можат да доживеат сериозни последици во форма на онлајн насилство доколку се открие нешто од нивниот романтичен живот.
Славните личности, а особено музичарите, многу добро се запознаени со парасоцијалните врски и ги користат за создавање заедници како што е Swifties (обожаватели на пејачката Телор Свифт). Преку тоа заедништво можат да го интензивираат доживувањето блискост и тогаш станува збор за некои други социјални процеси како создавањето група врз основа на заеднички интерес.
Стајн и соработниците во 2022 година направија експеримент кој би можел да ни даде одговор на прашањето дали парасоцијалните врски се лек за осаменоста. Имено, учесниците (н=151) прво биле тестирани со прашалници за благосостојбата и осаменоста, а потоа биле распоредени во една од три групи: првата требало да напише есеј за најомилената медиумска личност, втората пишувала есеј за најдрагиот пријател, а третата решавала когнитивни задачи (несоцијална ситуација). Покрај тоа, истражувачите поставиле одредени прашања за чувствата кои ги поврзуваме со средбата на конкретната личност во задачата.
Во овој експеримент се посматрале неколку исходи: моменталната осаменост, негативното расположение и социјалната самодоверба. Ефектот на замислен медиумски лик не ја намалил осаменоста, но помогнал со негативното расположение и значајно ја зголемил социјалната самодоверба. Ефектот на реален пријател имал слични (и малку поизразени) ефекти кај негативното расположение и социјалната самодоверба, но за разлика од есејот за медиумската личност, есејот за пријателот сепак го намалило доживувањето на осаменоста.
За многу од нас парасоцијалните односи се дел од социјалната мрежа. Иако се малку поинакви од физичките односи, можат да послужат како бегство, отстранување на непријатноста или да ни ја намалат осаменоста. Од друга страна, личностите кон кои негуваме парасоцијални симпатии можат да влијаат на нашите политички ставови, одлуките за гласање, потрошувачкото однесување, ставовите кон другиот пол и довербата за одредени групи луѓе. Тоа е големото влијание кое треба да го знае секоја славна личност. Одговорноста е поделена. Вистина е дека не постои доволна свест за негативните страни на големото влијание кое може да се стекне преку видливоста на социјалните мрежи. Истовремено, не постои доволна свест кај набљудувачот за пасивно стапување во парасоцијални односи кои можат да им ги нарушат другите аспекти од животот. Таквите односи можат да добијат толкава важност што некои личности можат да ги занемарат работата, семејството па дури и себеси. Потенцијалот на парасоцијалните односи поттикнува дискусија за многу научно-фантастични теми кои ни се чинат поблиски од кога било, како „романтичните партнери“ кои постојат само во нашите мобилни телефони.
Важно е да се запамти дека како и во односите со семејството, пријателите, партнерите и колегите, и во овој случај е важно да „не нè иритираат“. Ако забележувате дека имате некакви тешкотии во својата парасоцијална мрежа, обратете се кај стручњак за ментално здравје и/или некому во кој имате доверба.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Monassi
Извор: https://nepopularna.org/