1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 08:59
Лектирата во училиштата, задолжителната и онаа што се препорачува, постои во повеќе европски земји, вклучувајќи ја и Македонија, и е постојано предмет на остро спротивставени дебати околу напорите за градење заеднички културен идентитет, или чувство на заедништво и припадност кон некое општество. Утврдувањето списоци на лектирни дела тешко може да помине без политичко влијание, а едновремено неизбежно се наметнува прашањето во колкава мера еден таков вредносно редуциран пристап кон културното наследство, всушност го ограничува слободното размислување.
Пробивот и значајните изборни резултати на екстремната десница во Европа во последните години постепено доведе до лансирање идеи за воведување не само задолжителна лектира, туку и, во еден поширок опфат, воведување т.н. културен канон во образовниот процес. Следејќи ја аналогијата со религиозното значење на зборот канон, станува збор за утврдување урнек за културата. Идејата е дека постојат одредени дела, особено истакнати и карактеристични, кои можат да бидат дел од културниот канон на една земја, време или цивилизација.
Таков културен канон во Холандија беше воведен во 2005 година и се состои од 50 избрани предмети. Секој предмет претставува „прозорец“, зад кој се отвора поголема предметна област. Холандскиот сликар Рембрант, на пример, станува портата на уметноста од 17 век. Тоа се објаснува како начин да се биде во можност да се прикаже поголемата приказна за холандската историја преку познати предмети и субјекти. Приврзаниците на таа идеја тврделе дека целта не била канонот да се направи како „лудачка кошула“ за идентитетската припадност кон културата, туку нешто што луѓето го препознаваат и го почитуваат.
Речиси истовремено и во Данска беше интензивирана широка дебата за воведување културен канон во чии рамки се содржани 108 дела во осум различни културни категории, кои се сметаат за особено значајни за културното наследство на Данска. Но, паралелно со тоа избувна жолчна дебата во медиумите врз база на какви критериуми ќе се избираат делата што треба да бидат „канонизирани“ и како ќе се ажурира таквиот список на дела што треба да кореспондира со духот на промените што ги носи времето.
Критичарите посебно го потенцираа фактот дека некои исклучително важни автори, како, на пример, прочуениот дански филозоф и теолог Сорен Кјеркегорд, не бил вклучен во канонот зашто составувачите сметале дека би бил премногу „тежок“ за учениците. Со наметнување дела во образовниот процес од извесен број избрани автори, потврдени како список од надлежните министерства, се зголемува ризикот други важни и значајни авторски имиња постепено да бидат избришани и заборавени.
Воведувањето културен канон во Данска во 2006 година, всушност, според многу показатели забележа неуспех и имало ограничен ефект; изминатите години сè поретко се споменува. Многумина сметаат дека вистинската заднина била пред растечката муслиманска имиграција во земјата, за да се покаже грижа за негување на данската традиција, на „данскоста“.
Ентузијазмот околу данскиот културен канон постепено се олади. Списоците на дански „канонизирани“ уметнички дела, како што некои иронично забележуваат, денес можеби играат некаква улога кога странци аплицираат за данско државјанство, бидејќи мора да поминат тест што ќе ја покаже нивната ориентација во она што се смета за данско, што има белег на „данскост“. Тест за кој се покажа, како што укажа данскиот професор по социјална психологија Ларс Денцик, дека ни многумина Данци не би можеле да го положат. Констатацијата дека политиката замешала прсти во оваа област, е неизбежна.
Но, без оглед на тоа дека данскиот културен канон е речиси заборавен, во Шведска, конзервативната влада поддржана од екстремната десница, која веќе воопшто не го крие својот длабок анимозитет кон доселениците, посебно кон муслиманските имигрантски групи, неодамна донесе одлука за испитување на можностите за воведување културен шведски канон во училиштата. Се разбира, дебатата со спротивставени мислења веднаш се разгоре, при што многумина сметаат дека тоа и не е многу изненадувачко, бидејќи, исто како и претходно во Данска, е поврзано со поттикнувањето на национализмот.
Воведување културен канон ја става идеологијата во преден план и ја запоставува внатрешната, сопствена сила со која располага литературата, смета Матс Малм, постојан секретар на Шведската академија, објаснувајќи зошто Академијата не поддржува воведување „соголени“ списоци на литературни дела, кои ќе се користат во образованието како задолжителна литература.
Реагираа и група значајни шведски писатели. Можеби е важно да се разбере, како што беше нагласено во нивното протестно писмо, дека канонот е нешто што се појавува кога луѓето читаат, тој е жив и се менува цело време. Постарата литература исто така се превреднува со текот на времето и е под влијание на промената на вредностите.
Канон воспоставен од државата, би значел исцрпување на литературната широчина и длабочина, што значи и намалени можности културата да се преиспитува и да се менува. Контролирањето на литературата е контролирање на мислите и животите на луѓето и не припаѓа во едно демократско општество.
Таква е во моментов дебатата што во некои западноевропски земји се води околу воведување културен канон, која во крајна линија многу малку има заедничко со основното мото на ЕУ – „Обединети во различноста“. Не се обединуваат само земјите, треба да се обединат и различните делови од нивното население.
Затоа сето она што се наметнува како „задолжително“ за успешно градење на националниот културен идентитет, често е проследено со контроверзии и негирања. Најмногу поради тоа што свесно ги скусува перспективите на гледање на нештата во нивната развојна смисла низ времето.
Најпосле, историјата нè учи дека транзицијата од демократија во тоталитарна држава секогаш се случува првин со задушување на слободата на говорот и ограничување на работата и творештвото на оние што ја практикуваат. Културен канон и задолжителна лектира се идеална алатка за постигнување такви цели.
Слики: Roland Topor
Извор за текстот: Слободен печат