1015 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 09:59
Поранешниот шеф на кабинетот на Трамп потврди дека поранешниот претседател е фашист. Претходно, поранешниот претседател на Здружениот генералштаб официјално изјави дека поранешниот претседател е фашист. Угледни историчари велат дека тој е фашист. Зарем сето тоа не е доволно за да ја разреши таканаречената „дебата за фашизмот“, која трае долго, огорчена е и изненадувачки лична?
Учесниците во оваа дебата се сложуваат дека Трамп мора да биде запрен. Но кавгата околу спорниот збор на буквата Ф ги турна левичарите и либералите во деструктивни меѓусебни пресметки. Оние кои ја користат аналогијата со фашизмот се најдоа на удар на критиката, зашто го игнорираат фактот дека во американската политика состојбата не беше добра и пред 2016-та година. Оние кои ги одбиваат историските паралели се обвинуваат за самозадоволство. Сепак, совршено е можно да се смета дека етикетата фашизам е несоодветна (и можеби контрапродуктивна), а притоа да не се намали опасноста што ја претставува Трамп, ниту да се занемарат елементите на фашизмот во историјата на САД, како што е ККК.
Фашизмот е форма на авторитаризам, но сите авторитарци не се фашисти. Фашистите имаат трансформативен политички проект: да создадат хомоген народ лојален на месијанскиот водач и да го мобилизираат општеството во име на насилен расен конфликт. Наспроти тоа, монарсите или технократските авторитарци - на пример, воените диктатури во Латинска Америка - знаат да бидат сосема дискретни. Најдолготрајната диктатура во Европа во 20-от век ја предводеше изразено нехаризматичниот португалски економист Антонио Салазар. Од друга страна, фашистите го засноваат својот легитимитет на општонародна акламација. Организираат масовни собири и спектакли за демонстрирање на сопствената моќ.
На прв поглед тоа е мошне трампистички: култот на личноста кој се негува на големите митинзи, сè поотворениот расизам кој следбениците на Трамп ги издвојува како „вистински народ“ - е израз кој го користеше Трамп за подбуцнување на своите фанатични следбеници на 6-ти јануари. Но дали може да се зборува за колективен проект фокусиран на насилството? Не баш. Навистина, Трамп не може да биде погорд со Гордите момци. Додајте ја на тоа милитаризацијата на цивилниот живот која ја овозможува врховниот суд, мошне креативен во измислувањето традиции од 18-от век за да ја оправда пролиферацијата на оружјето. Така, Кевин Робертс, шефот на Фондацијата за наследство, денес водечка трампистичка група, ветува „втора американска револуција“ во која, како што појасни, „нема да има крв ако левицата не го дозволи тоа“ - што не може да биде поотворена закана со насилство. Сепак, сето тоа сè уште не е исто со фашистичката глорификација на борбата до смрт како конечна смисла на животот.
Сите фашистички движења произглегле од искуства со насилство за време на Првата светска војна (Мусолини проповедаше дека во тој пекол е создадена „ровократијата“, борбената аристократија). И не е случајно тоа што сите фашистички држави на крајот тргнале во војна. Тоа е една од причините заради кои воениот пораз ѝ зададе толкав удар на фашистичката идеологија по 1945-та година. Но како млаките плутократии од западот воопшто можеа да ги поразат закоравените фашисти?
Трамп не се покажа баш како воен хушкач. Навистина, неговото подбуцнување на насилство во земјата не е обична реторика, а намерата војската да се впрегне во масовните депортации потсетува на ужасните искуства на етничкото чистење од 20-от век. И употребата на војската против внатрешниот непријател потсетува на практиките на латиноамериканските генерали. Ветувањето дека американските мажи повторно ќе станат големи во голема мера е во согласност со фашистичката идеализација на машкоста од 20-от век.
Па сепак, Трамп истовремено е и производ и промотер на потрошувачкиот капитализам кој настојува политички да ги демобилизира луѓето. Тешко дека младите денес суштината на добриот живот ќе ја видат во униформираните маршови. Ветувањето на Трамп за неговиот „вистински народ“ - од наводна „колевка“ на нацијата во руралните области до белите предградија - им гарантира на следбениците дека не мораат да се жртвуваат за ништо. Неговиот поранешен шеф на кабинет наведува дека Трамп, за време на посетата на воените гробишта во Арлинготн, рекол дека не гледа смисла во умирањето во војна. Ниеден вистински фашистички водач не би го негирал значењето на херојската смрт во борба.
Тогаш, дали треба да се опуштиме? Апсолутно не. Трамп наликува на популистите од радикалната десница, како Нарендра Моди и Виктор Орбан, кои тврдат дека само тие го претставуваат народот, своите политички противници ги делегитимираат како предавници и поттикнуваат омраза против веќе ранливите малцинства. Таквата стратегија има авторитарни последици, додека за возврат ги овозможува ортачкот капитализам или директната клептократија, клучна за консолидација на режимот како оној на Орбан.
Еве лекција која е покорисна од начелната споредба на Трамп со фашизмот. Спротивно на либералната тенденција за политичките болести да се обвинуваат наводно ирационалните луѓе, елитите донесуваат реални одлуки за укинување на демокартијата. Паралелата со Вајмарската република вообичаено се користи за да се сугерира дека мнозинството гласа за фашистите. Но власта на Хитлер му ја предадоа старите пруски и индустриски елити за кои тој можеби не беше идеален канцелар, но беше доволно добар за пресметка со комунизмот. Фашистите маршираа кон Рим во 1922-та година, но Мусолини стигна со ноќниот воз од Милано, откако традиционалната италијанска елита го повика да владее.
Трамп има вистинско движење но, како што воочи Хана Арент кога го опишуваше необичниот сојуз на „топлата“ и елитата, движењето не е доволно. Американските милијардери и извршните директори сакаат да го поддржат кандидатот кој ветува намалување на даноците и незауздана дерегулација. Судиите од врховниот суд со утврдување на претседателскиот имунитет однапред ја обезбедија неговата авторитарна тактика. Да се означи тоа како фашизам не е особено просветлувачки, но воздржувањето од употребата на зборот на буквата Ф не значи дека шансите за второ доаѓање на Трамп се помалку опасни за САД и, всушност, за целиот свет.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Sherif Arafa
Извор: https://www.theguardian.com/