Почина македонската писателка Оливера Николова

04.11.2024 22:01
Почина македонската писателка Оливера Николова

Денес, на 4 Ноември, на 88 годишна возраст, почина Оливера Николова, една од најзначајните македонски писателки за возрасни и за деца.

Оливера Николова, раскажувачка, романсиерка и драмска писателка, е родена во Скопје на 11 март, во 1936 година. Се школувала во Струга и во Велес, а дипломирала на Филолошкиот факултет, на катедрата за Југословенска книжевност, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работела како уредничка и драматург во емисиите за деца и во драмските програми за возрасни на Радио и на ТВ Скопје. Има објавено десет романи и три збирки раскази за возрасни, седумнаесет книги за деца и сликовници, меѓу кои: „Зоки Поки“, „Земја во која не се стигнува“, „Пријателите Бон и Бона“, „Девојките на Марко“, „Мојот звук“, „Преминот не е осветлен“, „Светлосна година“, „Љубоболки“, „Шифри на каменот“ како и многубројни театарски, телевизиски и радиоигри.

Нејзината култна книга за деца „Зоки Поки“ стана задолжителна лектира во училиштата, а според неа е снимена и детска телевизиска серија. Член на Друштвото на писателите на Македонија била од 1963 година.

Нејзини дела за возрасни се книгите раскази: „Ден за летување“ и „Лева комора“, комедијата „Сребреното јаболко“, книгата со драмски текстови под наслов „Сребреното јаболкo“. Романите: „Тесна врата“, „Домашни задачи“, „Тромбот“, „Адамовото ребро“, „Вежби за Ибн Пајко“, „Куклите на Росица“, „Белиот чад“, „Куќичка“, „Кадифената покривка – новелети за жени убијки“, „Пешаци по црни полиња“ и „Песот со тажен поглед“.

За своето творештво Оливера Николова има освоено многубројни награди, меѓу кои: Наградата на РТВ Скопје и Струшките вечери на поезијата во 1966, 1975 и во 1978 година, наградата „Младо поколење“ во 1978, Змаевата награда во 1983 година за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца, наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија во 1983 за романот „Тесна врата“, во 1998 за „Тромбот“(којашто ја вратила) и во 2015 за романот „Кадифената покривка – новелети за жени убијки“. Го добива и „Рациново признание“ во 2000 година за „Адамовото ребро“, Роман на годината на „Утрински весник“ за 2004 година за „Куклите на Росица“, роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“ во 2019 година за книгата „Песот со тажен поглед“. Во 2012 година романот „Куќичка“ е номиниран за наградата „Балканика“. Во 2022 година Оливера Николова ја добива наградата „Прозарт“, а во 2024 година е одликувана и со орден за заслуги.

Во 2018 година според нејзиниот текст „Земја во која не се стигнува“, со музика на Александар Џамбазов и режија на Виолета Џолева, во Театарот за деца и младинци беше поставен првиот македонски мјузикл за деца со истиот наслов.

Издавачката куќа „Арс Ламина“ објави десет тома со дванаесет книги од творештвото за возрасни на Оливера Николова. Станува збор за насловите: „Куклите на Росица“, „Тесна врата“, „Куќичка“, „Тромбот“, „Адамовото ребро“, „Збогум Вано, Ванке…“, „Пешаци по црни полиња“, „Белиот чад“, како и „Вежби за Ибн Пајко“, во исто издание со „Песот со тажен поглед“, „Лева комора“ и „Кадифената покривка“.

Оливера Николова ја одбележа македонската книжевност во втората половина на дваесетиот и почетокот на дваесет и првиот век.

ОкоБоли главаВицФото