Вируси на четката за заби

05.11.2024 10:50
Вируси на четката за заби

Ние не ги гледаме, но тие убаво живеат и во нашата бања: научниците таму откриле над шестотини различни вируси. Нема потреба од паника, бидејќи велат дека нема ништо лошо во тоа.

Туширањето со топла вода не го сакаат само луѓето, туку и вирусите. Неодамна, беше објавена студија во стручното списание „Граници во микробиомите“ (Frontiers in Microbiome)“, според која, на пример, цела метропола на вируси живее во нашиот туш.

И не само таму. Површините во бањата се покриени со биолошки слој во кој сè врие од живот. Тим научници од Европа и САД открија над шестотини видови вируси на тушот или на четката за заби.

Тајниот живот во бањата

Ерика Хартман од Универзитетот Нортвестерн во САД го предводеше микробиолошкото истражување во проектот. Таа, исто така, смета дека е неверојатно што се е пронајдено, пред сè вируси за кои малку се знае или кои луѓето досега не ги виделе: „Неверојатно е колку неискористена биолошка разновидност е присутна околу нас - токму пред нашиот нос“.

Статистички, повеќето луѓе во САД поминуваат две третини од својот живот во куќа или стан. Затоа научниците мислат дека е добро луѓето да знаат што се живее со нив.

Во анализата, научниците користеа податоци од претходно истражување во кое беа собрани примероци од домаќинствата. Утврдено е дека составот на микробите зависи од местото каде што е земен примерокот. Разновидноста на организмите била толку голема што ниту една заедница на микросуштества на тушот не била слична со другите. Истото важи и за четките за заби.

Зошто вирусите на четката се добри?

Постојат бројни вируси на кои им е потребен друг организам како домаќин на кој потоа му нанесуваат штета. Ваквите вируси предизвикуваат разни болести кај животните и кај луѓето. Но, истражувањата покажаа дека не сите вируси се однесуваат на овој начин. Тие населуваат сосема различни средини и формираат сложени заедници. Не се сите вируси штетни - напротив, некои можат да ѝ послужат на науката.

Најголемиот број на вируси идентификувани од истражувачите припаѓаат на таканаречениот вид на бактериофаг или само фаги. Тие не се опасни за луѓето, но ги напаѓаат бактериите. Имајќи предвид дека отпорноста на бактериите кон антибиотиците во принцип се зголемува, организмите како што се бактериофагите би можеле да се користат за лекување на бактериски инфекции.

Но, тие би можеле да послужат и како средства за чистење. Хартман предупредува дека интензивната употреба на хемиски средства за чистење ја зголемува можноста бактериите да станат отпорни на нив. „Треба да се прифатат. Микробите се насекаде и огромното мнозинство од нив не нè разболуваат“.

Голема разлика помеѓу бактерии и вируси

Животот букнува во влажна средина. Не е случајно што научниците, барајќи живот во вселената, прво бараат вода. Влажните површини во бањата не се само живеалишта за вируси, туку и за бактерии и габи, дури и за алги и други едноклеточни организми.

Овој тим на научници претходно се занимавал со оваа тема: тие се обидувале да утврдат дали по користењето на казанчето во тоалетот, бактериите се шират пошироко во форма на аеросол, а потоа и на четката за заби. Но, утврдено е дека најголемиот број бактерии на четката за заби потекнуваат од корисникот, односно живеат во неговата усна шуплина и организам.

Студијата од 2018 година во Соединетите Држави открила поврзаност помеѓу почестите бактериски пневмонии и местата каде што одредени видови бактерии се населуваат на тушот. Ова истражување точно утврди како бактериофагните вируси во бањата ги напаѓаат ваквите штетни бактерии.

„Можно е да се отстранат овие агенси кои предизвикуваат болести од санитарниот систем со насочена употреба на бактериофаги“, смета Хартман. Таа додава дека нејзиниот тим на научници сè уште ги истражува сите функции на вирусите со цел да утврдат каде тие би можеле да бидат пријатели и сојузници на човекот.

Извор: https://www.dw.com/mk

ОкоБоли главаВицФото