1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 08:59
Иако капиталистите понекогаш се прилагодуваат и ја поддржуваат изборната парламентарна демократија, тие, никогаш во историјата, не го прифатиле исходот од изборите кој можел да ги загрози капиталистичките сопственички односи. Денешниот политички консензус инсистира на ставот дека капитализмот и демократијата меѓусебно се поддржуваат и зависат еден од друг. За идеолозите на слободниот пазар секое суштинско ограничување на слободното функционирање на капиталот, нужно го води општеството по „пат кон ропство“, според познатиот израз на Фридрих Хаек. Иако либералите и социјалдемократите веруваат дека пазарот може и треба да се регулира, сè уште како факт прифаќаат дека системот заснован на приватната сопственост над економските ресурси е од суштинско значење за зачувување на слободата.
Сепак, дури и еден површен поглед на историските податоци покажува дека капиталистите биле главни поддржувачи и поборници на некои од најозлогласените авторитарни режими во историјата, од Третиот рајх на Хитлер до јужноафриканскиот апартхејд и хунтата во Латинска Америка. Дури и ако „демократијата“ ја дефинираме во најминимална смисла, како збир од формални процедури за менување влади со мирни методи, очигледно не постои нужна поврзаност на капитализмот и демократијата; нивниот соживот е можен, но никако неминовен.
Во време кога десничарските авторитарни сили повторно се воздигнуваат, дури и во најдолговечните капиталистички демократии, од витално значење е реалната проценка на положбата на капиталистите во однос на демократијата. Капиталистичките класи во некои држави се непријателски кон демократијата, додека во други ја поддржуваат. Нивните политички интереси, како и интересите на другите класи, произлегуваат од нивната специфична структурна локација во класните односи и од конкретните околности на класната борба специфични за секоја држава.
Мораме да почнеме така што јасно ќе ги идентификуваме карактеристичните класни интереси на капиталистите. Бидејќи капиталистите, како група, се посебен вид класа, важно е да се спротивставиме на употребата на категориите кои се навидум соодветни, но, всушност, се мошне непрецизни за нивно опишување, како што се „богати“. Капиталистите не се ни „богати“, ни „еден процент“, ни „корпоративна елита“. Тие се група актери кои заземаат карактеристична структурна локација во антагонистичките односи за присвојување на економскиот вишок. Политиката во напредните капиталистички општества во голема мера е обликувана од карактеристичното политичко однесување на оваа група.
Сите главни капиталистички демократии се далеку од тоа да бидат совршени примери за „конкурентен елитизам“ или „формална демократија“. Сите тие содржат големи формални ограничувања на целата претставничка демократија, како што се електорските колеџи, плуралните изборни системи, изборните системи со метод за создавање супермнозинства и слично. Ваквите формални концепти на изборните системи создаваат јаз помеѓу застапеноста на претставниците во парламентот и реалната дистрибуција на ставовите во општеството. Меѓутоа, забелешките кои се наоѓаат во понатамошниот дел од текстот би важеле и за најсовршено организираниот репрезентативен систем.
Како владеат капиталистите?
Капиталистите се разликуваат од сите претходни владејачки класи според специфичниот начин на кој го експлоатираат вишокот на директните произведувачи. Капиталистите го присвојуваат вишокот кој го произвеле работниците врз основа на нивното легално право на сопственост над главните средства за производство во општеството. Меѓутоа, капиталистите најчесто не го присвојуваат вишокот од произведувачите со директна употреба на политички средства (како што е заканата или реалната употреба на насилството, или со поддршка од државната власт формално да ги принудат работниците да произведуваат вишоци). Наместо тоа, капиталистите го извлекуваат вишокот во процесот на производство откако ќе се изврши формално слободна размена на пари за трудот на работникот.
Затоа главниот класен однос, кој го дефинира капиталистичкото општество, е економски, а не директно политички однос. Бидејќи општествената положба на капиталистите зависи од одржувањето на ваквиот економски однос, тие имаат посебен однос кон политичкиот авторитет (или државата) воопшто.
Најважна последица на позицијата која ја заземаат капиталистите во односите на експлоатацијата е што нивните фундаментални класни интереси не бараат од нив директно да ја контролираат власта.
Ваквата ситуација создава две важни политички последици: пред сè, капиталистичката експлоатација е компатибилна со промената на власта во државата; второ, поединците кои ја сочинуваат владата не мораат да бидат капиталисти. Во склад со она што го тврдеа многу теории за капиталистичката држава, не-капиталистите често се покажаа како многу подобри политички менаџери на капитализмот отколку што самите капиталисти би можеле да направат нешто за директно да ја контролираат власта.
Со други зборови, капиталистичкиот економски систем е компатибилен со изборната или формалната демократија. Секако, капитализмот исто така е компатибилен со политичките облици кои не се либерална демократија, како што покажуваат бројните примери на политички авторитаризам кои функционираат со капиталистичка економија. Но, суштински единствена карактеристика на капитализмот е тоа што тој е компатибилен со формалната изборна демократија. Ниедна друга класа која го присвојувала економскиот вишок во историјата не дозволила постоење политички систем кој му дава право на глас на значаен дел или на сите директни произведувачи на економскиот вишок. Тоа што капиталистите во многу случаи го толерирале формалниот демократски систем произлегува од нивните мошне специфични класни интереси.
Специфичните политички интереси на капиталистите
Освен општата компатибилност, постои и поконкретна врска помеѓу интересите на капиталистичката класа и либералната демократија. Оваа врска произлегува од посебниот вид „внатрекласни“ односи кои се карактеристични за капитализмот. Бидејќи капиталистите го присвојуваат вишокот преку својата приватна, индивидуална сопственост над најважните средства за производство, вишокот да го остварат со продажба на производите на пазарот. Како последица на тоа капиталистите се натпреваруваат со други капиталисти околу уделот на пазарот. И покрај тоа, капиталистите настојуваат да влезат во нови производни гранки, во чии рамки се појавува конкуренцијата.
Овие два процеси - конкуренцијата во рамки на гранките на производство и влегувањето во нови гранки - доведуваат до тоа специфичните економски интереси на индивидуалните капиталисти да бидат спротивставени, за разлика од другите доминантни класи во историјата кај кои не постоел таков конфликт на интереси. На пример, интересите на нафтените компании, произведувачите на фотонапонски ќелии и произведувачите на електрични ветерници се спротивставени, зашто сите се борат за што поголемо учество на истиот пазар за производство на енергија. Хобсовата војна која беснее кај разни капиталисти, кај сите нив создава заеднички интерес за одржување безличен правен поредок; а зачувувањето на таквиот поредок бара менување разни влади и администрации во државата и надвор од неа.
Накратко, капиталистите не се само потенцијално толерантни кон изборната демократија, туку имаат и позитивен интерес да ја зачуваат.
Границите на капиталистичката толеранција на демократијата
Толеранцијата на изборната демократија од страна на капиталистите има две добро дефинирани граници: едната произлегува од класната борба, а другата од структурните услови на капиталистичките економии.
Да го разгледаме првиот облик на граници. Во период на економски раст капиталистите можат да го прифатат функционирањето на организациите на работничката класа кои вршат притисок да се прераспредели општествениот вишок така што ќе се зголеми уделот за плати на работниците. Меѓутоа, ваквиот развој на ситуацијата е строго условен. Единствените случаи кога капиталистите ги толерирале организираните масовни работнички движења и работничките политички партии се случиле кога таквите партии или станале поумерени или целосно ја отфрлиле целта да ја национализираат приватната сопственост над средствата за производство и државата да го преземе раководењето со истите.
Со други зборови, нема историски примери кога капиталистичките класи, дури и краткорочно, толерирале масовни партии засновани на работничката класа кои барале укинување на капиталистичките сопственички односи преку преземање на државната власт. Во оние случаи кога во рамки на капитализмот постоеле масовни работнички партии, тие во основа секогаш морале да ги напуштат или еуфемизираат своите социјалистички цели: тоа важело за скандинавската социјалдемократија исто колку и за италијанскиот комунизам.
Тоа имало клучни импликации за социјалистите. Секогаш кога самосвесното движење на работничката класа кое се бори за социјализам било блиску до победа, капиталистите многу брзо ја напуштале посветеноста на демократијата и прибегнувале кон итни мерки за спречување на социјалистичката победа. Токму затоа транзицијата кон социјализам никогаш нема да се случи без сузбивање на капиталистичкиот класен непријател. А тоа не може да се оствари во системот на постоечката изборна демократија.
Со други зборови, воспоставувањето демократски социјализам самото по себе не може да биде остварено на демократски начин, во строго изборна смисла; истовремено, социјализмот мора да биде многу подемократичен во практична партиципативна смисла на учество на сите работници во демократскиот процес.
Втората граница на капиталистичката толеранција на демократијата произлегува од структурните карактеристики на капиталистичката економија. Капиталистите, како што сугерирав претходно, можат да ја толерираат мобилизацијата на работниците за материјални отстапки во ситуација на општ економски раст. Под овие околности, капиталистите можат да ги поделат добивките од растечкиот колач со работничката класа, со цел таа да ги ублажи своите политички барања. Меѓутоа, во ситуации на забавување на економскиот раст, натпреварувањето околу колачот помеѓу капиталот и трудот сè повеќе добива карактер на игра на нулта сума. Истовремено, во такви периоди и конфликтите помеѓу самите капиталисти стануваат сè поостри.
Во такво опкружување се појавува стратегијата „победникот зема сè“, кога капиталистите стануваат сè помалку подготвени да ги споделуваат оскудните добивки од намалениот економски раст.
Згора на тоа, кога забавува растот капиталистите почнуваат да преминуваат од стратегија на вложување во средства за производство кон стратегија на користење политички средства за зголемување на експлоатацијата. Таквите алтернативни стратегии можат да добијат многу различни облици, од користење полициски сили за насилно да се иселат станарите заради неплаќање кредит или станарина, преку употреба на легални мерки со цел финансискиот капитал да ги наплати своите камати од должниците, до воспоставување монополска контрола над правата на интелектуална сопственост.
Што значи сето ова?
Капиталистите се единствената класа во историјата која го присвојува вишокот додека истовремено ја толерира изборната демократија заснована на широкото право на глас и која опфаќа значаен дел од експлоатираните класи. Заради својата лична позиција во односите на присвојување на економските вишоци, капиталистите можат да го толерираат менувањето влади и присуството на некапиталисти во власта. Меѓутоа, нивната толеранција кон изборната демократија е строго ограничена и условна.
Не постои ниеден историски случај во кој капиталистите го прифатиле исходот на изборите кој можел да ги загрози капиталистичките сопственички односи. И покрај тоа, како што светската економија стагнира сè повеќе, и како што опаѓаат стапките на инвестициите во капацитети и опрема, така се засилува борбата за распределба на економскиот колач, како помеѓу капиталистите, така и помеѓу капиталистите и работниците.
Оживувањето и подемот на демократскиот социјализам и кризата на капитализмот наговестуваат дека компетитивниот елитизам нема многу шанси за опстанок. Меѓутоа, она што не е сигурно е дали овие трендови неминовно водат кон воспоставување социјалистичка демократија која би го расформирала капиталистичкиот систем.
Дилан Рајли е социолог, професор на Универзитетот Беркли и член на уредничкиот одбор на New Left Review.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Thomas Allen
Извор: https://jacobin.com/