1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 08:59
Кога референдумот за Брегзит во Обединетото Кралство во 2016 година донесе неочекуван резултат, Европската комисија ангажираше три лица за да се осигури дека одлуката за напуштање на Европската Унија ќе биде запаметена како целосна лудост. Денес тие три лица остануваат на врвот на политичкиот пантеон на ЕУ – само што сега ја пеат химната на брегзитовците. За да разбереме зошто, треба да ја разбереме кризата на Унијата што се продлабочува.
Мишел Барние, поранешен еврокомесар, беше избран да ги води секојдневните преговори со Обединетото Кралство (ОК), со цел да ги скрши британските пратеници и да ја извлече секоја можна корист од нив. Доналд Туск, тогашниот претседател на Европскиот совет, дури и започна несреќна кампања за втор референдум, недипломатски сугерирајќи дека борците за Брегзит заслужуваат „посебно место во пеколот“. На крајот, Емануел Макрон, кој стана претседател на Франција, водеше дискурзивна битка против духот на Брегзит од височините на Елисејската палата, предупредувајќи ги своите британски колеги дека никогаш нема да им биде дозволено да ги изберат само деловите од ЕУ што им се допаѓаат, а останатите да ги отфрлат.
Овие тројца тргнаа во војна против брегзитовците со три цели на ум. Прво, тие настојуваа да ја бранат кохерентноста на единствениот пазар на ЕУ, особено идејата за конкурентна рамнотежа во која француските, португалските и словенечките компании се соочуваат – барем теоретски – со истите правила. Наспроти тоа, активистите за Брегзит, и од десницата и од левицата, беа непоколебливи во барањата дека Владата на ОК да го поврати правото да нуди државна помош на стратешки важните компании кои инвестираат на британска територија. Макрон ја презеде оваа борба, осудувајќи ги напорите на ОК да ја сврти ситуацијата во корист на избрани британски компании на сметка на скапоцените принципи на единствениот пазар на ЕУ.
Второ, тие настојуваа да ги урнат сите надежи на Британците дека ќе се ослободат од заедничките институции на ЕУ во корист на лондонски Сити. Туск собра тим за да се осигури дека конечниот договор за Брегзит ќе ги казни британските финансиери кои одбија да преселат значителен дел од нивните портфолија, персонал и инвестиции во ЕУ. Туск им порача на британските финансиери дека по Брегзит за нив „животот ќе биде поинаков“.
Конечно, тие сакаа да ги прикажат заговорниците на Брегзит како погрешно насочени непријатели на другиот скапоцен принцип на ЕУ: слободата на движење. Барние одново и одново им говореше на британските преговарачи дека единствениот начин на кој Обединетото Кралство може да продолжи да ја ужива трговијата без царини со ЕУ е да се откаже од своето апсурдно барање да ја врати контролата врз своите граници. Барние дури и неодамна, во јуни, беше упорен: „Нема повторно преговарање за Брегзит без слобода на движење“.
Денес, сите тројца чувари на ЕУ со сменија тонот, усвојувајќи го јазикот и политиките на брегзитовците за кои претходно беа задолжени да им се спротивстават. Прво, дојде крај на преправањето дека браниме еднакви услови за компаниите низ Европа. Соочени со кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19, Франција и Германија повторно го потврдија правото на пружање државна помош. „Одговорот што го имавме во Европа во последните години“, како што рече Макрон, „беше да обезбедиме национална флексибилност: државна помош“. Во меѓувреме, германскиот канцелар Олаф Шолц ги покажа мускулите на својата влада за да го блокира целосно легалното преземање на Комерцбанк од страна на италијанската Уникредит, поткопувајќи ја можноста за единствен финансиски пазар на ЕУ.
Многу повеќе изненадува преобразбата на другите двајца. Туск, откривајќи го во себе брегзитовецот, се чини дека заборавил колку е погрешно една земја членка на ЕУ да сака повторно да ја преземе контролата над своите граници. Сега, како премиер на Полска, Туск се колне дека, погодувате, ќе ја „врати контролата“ на границите на Полска, барајќи изземање, во британски стил, од правилата на ЕУ за минималниот број баратели на азил кои европските земји треба да ги прифатат. Всушност, Туск отиде уште подалеку, суспендирајќи го правото на азил во Полска за оние кои доаѓаат од Белорусија и Русија, што е грубо кршење, не само на правилата на ЕУ, туку и на обврските на Полска според меѓународното право и Европскиот суд за човекови права – традиционална мета на брегзитовскиот гнев.
Не сакајќи да биде оставен зад Туск, Барние, сега премиер на Франција, води малцинска влада, потпирајќи се на премолчената поддршка од евроскептичната, ксенофобична Марин Ле Пен. Таа се залага за имунитет од јурисдикцијата на европските судови за да може Франција да депортира кого сака, па дури и да донесе закон за забрана на секаква имиграција надвор од ЕУ.
Што се случи? Како ловочуварите на ЕУ станаа ловокрадци? Одговорот лежи главно во кревките економски темели на Европа. Ренационализацијата на политиката секогаш беше на повидок штом заедничкиот проект „уште поблиску со Унијата“ ќе го загубеше својот сјај. Речиси две децении недоволни инвестирања ги интензивираа центрифугалните сили што ја раздвојуваат Европа, ширејќи го духот на Брегзит од Париз до Варшава.
Од почетокот на пандемијата извозот на ЕУ во Кина се намали, додека САД речиси го удвоија увозот од Европа. Целосно потпрена на Америка во однос на оружјето, фосилните горива и надворешна побарувачка, ЕУ е мошне ранлива. Доколку Доналд Трамп победи на претстојните претседателски избори и ги воведе ветените царини за извозот од ЕУ, Европа ќе се соочи со подлабока стагнација и фрагментација.
Европските лидери се обвинети за колапсот на ЕУ, поради отфрлањето на умерените но суштински политички реформи. Изразувајќи поддршка за заедничките потреби на Европа (како што се големите зелени инвестиции) без никаков интерес за создавање на потребните заеднички фондови, тие станаа најуништувачките саботери на ЕУ. Брегзит се врати за да го земе својот данок.
Карикатури: Alexei Talimonov
Извор за текстот: Слободен печат