1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 08:59
Вечерва, на 7 ноември (четврток), со почеток во 20 ч, во Културно информативниот центар (Империјал 1 и 2), ќе биде отворена изложба на ликовниот уметник Никола Пијанманов насловена „Вечнеење“.
На самостојната изложба „Вечнеење“ од ликовниот уметник Никола Пијанманов се поставени дела од тригодишно истражување за човекот кој чека, изгубен во огромните простори и лавиринти на чудниот, апсурден и тежок макросвет. Човекот заробен во состојба на бесконечното исчекување. Изложбата ги поврзува една заедничка тема, и во фигуративните слики и во пејзажните композиции. Тоа е осаменоста и кревкоста на поединецот, човекот во распаѓање и слободен пад – човекот клекнат пред ѕидот и машината на суровиот либерален свет кој ја гази човечката слобода и личност повеќе од било кои времиња во историјата. Тука се додава бесконечното чекање на човекот во бескрајните транзиции на корумпирани општества и системи. Слабиот човек душевно и телесно заробен во чекалниците на Европа, напуштените предели, села и населби, оттуѓените семејства и епидемијата на разделби. Контрастот и единствениот излез е претставата на човечката фигура во чудесните предели на восхитувачката природа. Во тоа опкружување сликите добиваат мистично и екстатично значење.
Рецензентот на изложбата Емил Ниами ќе напише во текстот од каталогот – „Сето ова наведува на една друга размисла, а тоа е гледањето на уметноста низ призма на уметникот, а не како чисто ликовен елемент. Она што навистина воодушевува во неговото поново творештво е тоа што е апсолутно очигледно дека Никола не слика, туку го живее сликањето. За него сликањето не е само процес, туку и начин на живеење, начин на размислување, приближување и оддалечување, нешто во коешто тој не само што ги предава нештата, ами се предава и самиот себеси, односно и тој станува дел од сопствената уметност. Ова би можело да се противоположи на тетоважите – доколку тетовирањето е сликарство на кожата на човекот, сликите на Пијанманов претставуваат платна со човечки елементи“.
Изложбата ќе биде поставена во двата салони на Културно информативниот центар во Скопје.