1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 07:59
Слободно продолжете понатаму, овде нема ништо ново, само уште една обична апокалипса. Судејќи според претходните искуства, реакциите во светот за поплавите во Шпанија ќе бидат слични на реакциите на возачите на автопат кога поминуваат покрај место на несреќа: ќе забават и ќе погледнат, ќе им биде жал, ќе им олесни што тоа му се случило на некој друг, а потоа ќе додадат гас и брзо ќе заминат.
Таков е образецот на однесување во нашата климатски пореметена доба, кога катастрофите предизвикани од екстремните временски прилики се толку вообичаени што се речиси нормализирани. Наместо огорченост и одлучност да се преземе нешто, обземени сме со рамнодушност. Такви нешта едноставно се случуваат, некој друг е одговорен, некој друг ќе преземе нешто.
Тоа не може да биде подалеку од вистината. Неприродната катастрофа во Шпанија, најсмртоносната поплава во Европа последниов половина век ни открива две неспорни вистини. Климатската криза предизвикана од човекот зема залет и мораме брзо да ја изгаснеме нафтената индустрија пред таа да нè изгасне нас. Тоа би требало да биде главната порака на самитот на ОН (ЦОП29) за климата, кој се одржува во Баку следната недела, зашто единственото решение за стабилизација на климата е запирање на согорувањето гас, нафта, јаглен и дрва. Прв чекор е борбата против нормализирањето на климатските катастрофи.
Автомобили кои како чунови се тркалаат по градските улици, автомобили кои плутаат во реки со кал, автомобили како смртоносни замки. Сликите од Валенсија и другите региони во Шпанија се шокантни, но познати. Неодамна, во Италија патиштата се претворија во реки кои носат возила. Тоа се случи и во Франција и централна Европа, каде 24 лица загинаа во поплавите во Полска, Австрија, Чешка и Словачка. Во Англија исто така беа забележани несекојдневни врнежи.
Се разбира, секогаш имало поплави и локалните атмосферски, географски, економски и политички фактори придонесуваат за нивното влијание, но денес кон провалијата нè води глобалната физика на светот, дестабилизирана од фосилните горива. Колку атмосферата е потопла, задржува повеќе влага. Тоа подразбира долги суши и поинтензивни врнежи. Шпанија ја доби годишната количина врежи за неколку часа. „Ваквите настани, кои некогаш се случуваа во интервали од повеќе децении, стануваат почести и нивната деструктивна моќ е поголема“, вели д-р Ернесто Родригез Камино, поранешен виш државен метеоролог и член на Шпанското метеоролошко здружение.
Бевме предупредени многупати. Поминаа триесет и две години откако владите се сложија да се занимаваат со климатските прашања на првиот Самит за Земјата во Рио де Жанеиро и девет години од Парискиот договор за ограничување на глобалното затоплување од 1,5 степени целзиусови над прединдустриското ниво. Сепак, глобалните температури продожуваат да соборуваат рекорди, а емисиите растат побрзо од просекот на изминатава деценија. Со други зборови, ногата сè уште е на гасот и брзо се приближуваме кон верижен судар.
На државите сè уште им е поважна економската ефикасност отколку климатската сигурност. Бавно ги намалуваат ризиците и бавно ги образоваат граѓаните и во многу од нив, вклучувајќи ја и Британија, ги апсат климатските демонстранти кога го блокираат сообраќајот. Правниот систем практично ги принудува луѓето да ја прифатат климатската катастрофа.
Како да се нарече тоа поинаку? Последниве неколку години се редат апокалиптични глетки кои како да излегле од холивудските филмови: патници однесени од пероните или заробени во вагоните во поплавата во метрото во кинескиот град Џенгџу, стаклен ѕид откорнат од виетнамската деловна зграда за време на супер-тајфунот Јаги, кој потоа со леснотија ги крши ветротурбините во Хајнан во Кина.
Живееме во време на несакани климатски суперлативи: најтоплите две години во историјата на светот, најсмртоносниот пожар во САД, најголемиот пожар во Европа или Канада, најлошата суша во амазонската прашума. Набројувањето е бескрајно. Ова е само почеток. Сè додека луѓето испуштаат гасови во атмосферата таквите рекорди ќе се соборуваат сè почесто додека „најлошото досега“ не стане наше стандардно очекување. Мораме да прифатиме дека тоа не се изолирани случаи, туку дел од вознемирувачкиот образец кој го предвидоа климатските научници и ОН. Причините се јасни, но и решенијата.
Стручњаците од организацијата World Weather Attribution покажаа колку бурите, сушите, поплавите и пожарите станаа поинтензивни и почести како резултат на климатските пореметувања предизвикани од човечкиот фактор. Тоа ги вклучува поплавите од летоска во Судан, Нигерија, Нигер, Чад и Камерун кои усмртија повеќе од 2 000 луѓе и раселија милиони, пороите кои од 26-ти до 28-ми септември оставија најмалку 244 мртви во Непал, поплавите на југот од Бразил кои годинава однесоа повеќе од 169 животи, како и разорните урагани во САД, особено Хелен и Милтон, кои усмртија 360 луѓе и предизвикаа штета поголема од 100 милијарди долари. Притоа, најранливи се најсиромашните и најранливите. Во Шпанија жртви пред сè беа постари луѓе кои не успеале да побегнат од своите домови, покрај возачите за достава на стока и храна кои останаа заробени во автомобилите. И сето тоа се случува заради глобално затоплување од само 1,3 степени целзиусови. Тоа би требало да биде доволна опомена дека е потребно итно да се намалат емисиите на гасовите, велат авторите на овие студии.
„На ЦОП29 глобалните лидери навистина мораат да се договорат не само за намалувањето, туку за целосно запирање на согорувањето на фосилните горива, со одреден краен рок. Колку повеќе се одложува преминот од фосилни горива на обновливи извори на енергија, толку екстремните временски прилики ќе стануваат посериозни и позачестени“, рече Фридерике Ото, раководителот на организацијата World Weather Attribution од Центарот за еколошка политика на колеџот Империјал во Лондон.
Претставниците на ОН веќе остануваат без зборови со кои би ја опишале сериозноста на опасноста. Антонио Гутереш, генералниот секретар на ОН, прогласи „црвен аларм за човештвото“. Извршниот секретар за клима на ОН Сајмон Стил предупреди дека „имаме две години да го спасиме светот“. А минатата недела шефицата на програмата на ОН за заштита на животната средина Ингер Андерсен, нагласи дека ова е „последен момент за решавање на климатската криза“.
Сепак, дневниот ред го одредуваат оние што сакаат да го прошират производството на фосилни горива. Азербејџан е трет домаќин на конференцијата, по Обединетите Арапски Емирати и Египет, кој планира да го зголеми производството на нафта и гас. Следниот домаќин Бразил, исто така има намера да го зголеми производството. Многу од најбогатите држави во светот го прават истото. Овогодинешните разговори ќе се занимаваат со прашањето како да се финасира „напуштањето на нафтата и гасот“, нејасна цел која најпосле беше прифатена на минатогодишниот самит по три децении преговори.
Расчекорот помеѓу ваквиот тромав напредок и апокалиптичните сцени во Шпанија и на другите места би требало да нè освестат. Најпосле, изворното значење на апокалипсата е откровението - вадење на поклопецот, откривање на нештата. Но за да се случи тоа, мораме навистина да ги разбереме ужасите низ кои поминува светот и да одговориме без залажување дека животот по старо сепак можеби е можен.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.theguardian.com/