1012 hPa
36 %

24 °C
Скопје - Саб, 19.04.2025 15:59
Иако рационалното и аналитичкото мислење, формалната логика и индукциската метода денес сѐ уште се општо признаени темели на нашата технолошка и информатичка доба, неспорен факт е дека овие форми на човечката мисла секојдневно ги употребува незначително мал број луѓе. Ова болно сознание му противречи на глобалниот светоглед изграден над принципите и вредностите на просветителството, чија основна премиса е дека разумната и логичната мисла му е природена на човечкиот мозок, и дека е само потребно нејзино ослободување низ процесот на едукацијата. Дваесет и првиот век како да нè воведе во друга постпросветителска доба, во која луѓето практично сите одлуки од кои им зависи животот, кариерата, односите со околината и светот, буквално сите овие одлуки ги носат под влијание на предрасуди, непроверени гласини, дезинформации и заблуди.
Подготвен во секоја ситуација да пресече врз основа на овие и вакви „фактички докази“, особено доколку основниот двигател на ситуацијата е најсилната од сите емоции – стравот, нашиот современ хомосапиенс е совршено подготвен секој миг да го вклучи емоционалниот апарат – моќниот ментален блендер, кој по неколку секунди мешање на купот сосем неврзани дезинформации и ирационални мисли самоуверено и ведро ги донесува сите животоважни одлуки.
Убава илустрација за оваа општочовечка вистина е вицот за растерувачот на тигри. Елем, шетка човекот пред својата куќа во центарот на метрополата и совесно, со широки замави, расфрлува зрна пченка секаде наоколу, по тротоарот и улицата, како да рани непостоечки кокошки или гулаби од кои нема ни трага. Му приоѓа познаник што патем ја здогледал апсурдната сцена, и го прашува зошто ја расфрлува пченката. Нашиот јунак му одговара простосрдечно дека тоа е од најголема важност не само за него и неговото семејство, туку и за целиот град, зашто со зрната пченка ги растерува тигрите човекојадци. Вчудовиден, познаникот му забележува дека во градот нема тигри, а особено не тигри човекојадци. „Тоа е очигледно затоа што пченкава си ја врши работата сто насто“, ведро и самозадоволно му одговара растерувачот на тигри.
Фактот дека нешто, некоја несреќа воопшто не се случила, во никој случај не е гаранција дека е тоа исклучиво заради нашите постапки. Или, уште поконцизно: стравот од нешто што може да се случи во иднината, најчесто предизвикува мерки и дејствија кај човекот поединец, а особено кај човечките заедници, кои практично немаат никаква логичка, разумна или причинско-последична врска со предметот на стравот.
Тоа е така зашто стравот повеќе – или исклучиво – зборува за оној што го чувствува или за општеството што го одгледува, отколку што носи во себе информација за предметот на стравот. Конечно, сите религии, како и големите социјални формации како што е државата, се историски изградени околу и над чувството за страв, кое човештвото го следи од мугрите на цивилизацијата. Затоа стравот како најсилната и најирационалната емоција стана историски најважниот ресурс на монотеистичките религии, религиите на едната Книга, но и на државата како таква.
Стравот како ресурс на политиката не е нешто што се врзува само за средниот век, добата на апсолутизмот или воопшто за минатото, туку е тоа практично најважниот политички ресурс и ден денес, есента 2024, во зрелата младост на 21 век. Историчарот Мајкл Игнатиев пишува дека „во 20 век претставата за човечката универзалност се заснова помалку на надежта отколку на стравот, помалку на оптимизмот изграден врз човечката способност за доброто, отколку на стравот од човечката способност за вршење на злото“. Така е и денес, во очи на „најважните избори на планетата“, во финишот на предизборната кампања за избор на претседател на САД. Она што ги карактеризира и овие избори, како впрочем и сите други демократски избори во Европа и ширум светот, е што политичката хомогенизација не се постигнува со истакнување идеали или позитивни цели кон кои сите ќе целат и околу кои мнозинството ќе се здружи, туку обратно: политичкото заедништво најмногу се обезбедува со истакнување на страшните негативни визии и црни перспективи, за коишто е егзистенцијално важно да бидат одбегнати.
Легендарниот Крис Хеџис коментира дека американските избори всушност и не се избори, зашто двете изборни опции се два вида на истото, на ограбувачкиот капитализам, кој помеѓу себе се разликува само во детали околу методите со кои и едниот и другиот го ограбува и го уништува американското општество, но и многу други земји во светот. Всушност, дека се работи за „граѓанска војна во рамки на капитализмот“ во која ниту една од двете доминантни партии не е демократска и не може ништо добро да им понуди на мнозинството на граѓани, но убедливо и успешно ги плаши своите гласачи со страшните визии за иднината доколку победи онаа другата.
Така, републиканците на Трамп го претставуваат олигархискиот капитализам, власта на малкуте најбогати, но своите многубројни сиромашни симпатизери ги плашат дека демократите на Харис ќе ги разоружаат и ќе ги заменат – како раса и како староседелци – со милионските орди нелегални мигранти. Олигарсите не се двоумат непријателската опција на Бајден и Харис да ја нарекуваат со најгрдото име што можеле да го смислат – дека се комунисти (хаха, што е генијално, и богами далеку го надбива и апсурдот!). Демократите на Камала Харис, од друга страна, се претставници на безмилосниот корпоративен плутократски капитализам, кои ја хомогенизираат својата популација, плашејќи ја со ужасните визии за губитокот на човечките слободи и смртта на божествената американска демократија во евентуалната идна Трампова тоталитаристичка власт, која набедените „комунисти“ ја нарекуваат фашистичка.
Но ниту една од двете политички опции не се демократски, зашто во САД не постои демократија во вистинската смисла на зборот, туку политичко-медиумска фарса што го замаглува грдиот поглед на практично еднопартискиот – дволичен или со два партиски лика – олигархиско плутократски капитализам. „Обете партии ги имаат купено и политичката класа и академската заедница и буквално сите медиуми.
Обете се форми на експлоатацијата што го осиромашува и обезмоќува народот. Обете ги испумпуваат парите нагоре, во рацете на класата на милијардери. Обете ги демонтираа и укинаа регулативите, ги уништија работничките синдикати, ги опустошија јавните сервиси во име на штедливоста, ги приватизираа сите аспекти на американското општество, од комуналните услуги до училиштата, обете водат бескрајни војни, обете се вклучени во вршење геноцид во Газа. (…) Обата вида капитализам ја расчеречуваат и уништаат земјата, но тоа го прават со навидум различни алатки и објавени цели,“ ламентира Хеџис.
Како и да е, сета политичка понуда во „градот на ридот“, во „земјата на слободните“ се сведува на една единствена ограбувачка капиталистичка опција поделена на две внатрешни непријателски фракции – олигарси и плутократи, кои меѓусебно се нарекуваат „комунисти“ и „фашисти“. Гротескно и апсурдно! И единствената политичка понуда за иднината што можат да ја смислат за своите гласачи е ништо повеќе отколку ужасниот страв од иднината под власта на други.
Карикатури: Омар Ал Абдалат
Извор за текстот: Слободен печат