Кога жените успеваат, сите победуваме

08.03.2011 16:51
Кога жените успеваат, сите победуваме

100 години 8 март

Потсетување од енциклопедијата

Во последен миг решавам да не одам на Википедија и меѓу збиените книги го отворам третиот том од енциклопедијата на Просвета од 1986 година. За Клара Цеткин нека зборува нејзиното време. Родена е во 1857 година, а умрена во 1933 година. Била „политички работник на германското и унгарското работничко движење, соработник на Енгелс и на Ленин; еден од основачите и раководител на женското меѓународно работничко движење, еден од основачите на КП на Германија, истакнат поборник на Втората и Комунистичката интернационала, познат писател, публицист и добар говорник“. Потекнува до учителско семејство, затворана и прогонувана, го уредувала списанието Еднаквост, била „пратеник во германскиот Рајхстаг до доаѓањето на Хитлер на власт“.

Забележувам дека енциклопедијата нема чувство за родово сензитивен јазик, и се сеќавам – не без сентимент – дека наставникот по книжевност, една исцрпена самохрана мајка, строго нè учеше дека јазикот има само машки род за професија. Во вториот том, под одредницата Осми март пишува дека на иницијатива на Цеткин, на Меѓународната конференција на жените во Копенхаген во 1910 година, е одлучено секоја година да се организира Меѓународниот ден на жената „како сеќавање на големите демонстрации кои американските жени ги одржале во 1909 година под паролата борба за општо право на глас“. Првпат 8 март е прославен во 1911 година во Германија, Австрија, Данска и Швајцарија. Во 1914 година во Германија прославата прераснува во демонстрации бидејќи била уапсена Роза Луксембург, „која отворено застанала против вооружувањето и империјалистичката војна што буржоазијата ја подготвувала“. Сите Титови пионери и пионерки знаеја кои се Клара Цеткин и Роза Луксембург. 8 март потоа престана да се слави во западните земји заради поврзаноста со комунизмот, но во 1975 година, која е прогласена за Меѓународна година на жената, Обединетите нации официјално почнаа да го одбележуваат 8 март како Меѓународен ден на жената.

Архетипот е стереотип

Колку и односот кон комунизмот да беше амбивалентен едно е неоспорно: левичарката идеја за тоа дека сите луѓе се еднакви неминовно го забрза прифаќањето на фактот дека жените и мажите се рамноправни. Клучната борба за рамноправноста на половите во тоа време се однесуваше на остварувањето на женското избирачко право (таканаречениот прв бран на феминизмот). Меѓутоа, женските права беа само една од ставките на комунизмот, како што и самиот комунизам беше една од фазите во историјата на женското движење. Во Европа и во Америка жените во 18 и во 19 век се организираат во многубројни здруженија, сред општата промена и демократизацијата на општествата со делумна поддршка на умните мажи. Тоа не беше борба на обесправените, туку и револуција на понижените. Требаше да се избори правото да се има право. Од антиката, таа колепка на западната мисла, важи правилото дека жените се суштества од втор ред во однос на мажот. Кога на ова ќе се додаде библиското устројство, ова мислење се задржа во текот на следните речиси две илјади години, опстанувајќи речиси како природен закон, еден од архетипите за човековиот вид. Според Аристотел човекот се разликува од животните по тоа што е политичко суштество, но неговиот зоон политикон не може да биде дете, роб и жена. Во 1970 година маркизот Де Кондорсе, ценет интелектуалец на своето време, пишува дека исклучувањето на жените од природните права е тирански чин, зашто не само мажите, туку и жените се „разумни суштества, способни за креирање морални идеи и разумно расудување за нив“. Пред правото на глас, сопственост,образование, жените мораа да докажуваат дека имаат разум кој умеат да го употребуваат, дека не се морално празни, неподобни да бидат слободни. Требало да докажат дека не сме ништо помалку од човечки суштества. Успеавме. Денес е очигледно дека архетипот е разголен во стереотип, против кој сепак е полесно да се бориме. Кому тоа не му е јасно, не му е јасно ништо.

Добар ден за видот

Сетете се, барем денес, дека освојувањето на рамноправноста на половите, со уважување на сите различности, беше добар ден за целиот вид. И не заборавајте дека оваа вистина сè уште не е освоена во сите делови на светот, дека борбата за унапредувањето на правата на жените мора да продолжи, зашто, како што гласи осмомартовското мото на UNDP, кога жените успеваат, сите победуваме.

Извор: e.novine.com