1015 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 09:59
(Тања Ступар Трифуновиќ: „Дуж оштрог ножа лети птица“, Лагуна, Белград 2024)
1. Авторката во македонскиот книжевен контекст
Босанско-херцеговачката авторка Тања Ступар Трифуновиќ (1977) поодблизу ја запознавме во 2018 година кога беше на книжевна резиденција во Скопје, во рамките на програмата за автори и преведувачи од Југоисточна Европа „Апсолутно модерен“, под покровителство на „Традуки“ и издавачката куќа „Готен“. Истата година, Ступар Трифуновиќ учествуваше и на третиот фестивал „Друга приказна“ на „Темплум“. Ја знаевме и како добитничка на наградата за книжевност на Европската Унија за 2016 за нејзиниот прв роман „Сатови у мајчиној соби“, годината кога европската награда ја доби и нашиот Ненад Јолдески за „Секој со своето езеро“. За потребите на фестивалот „Друга приказна“ беа препеани неколку нејзини песни од Тихомир Јанчовски. Ступар Трифуновиќ истата година ја читавме и во „Мала антологија на непримерени песни за ранливоста (антологиски зборник на поновата босанскохерцеговска лирика)“ приредена и препеана од Сеида Бегановиќ (Израз, 2018), а веќе наредната година, 2019, во издание на Слово љубве и во превод на Олгица Станковска излезе „Местата каде што почнува сè од почеток: избрани и нови песни“. Минатата недела Ступар Трифуновиќ повторно ја видовме во Скопје на промоција на нејзината наградена стихозбирка „Змијарник“ (награда „Васко Попа“) во издание на ПНВ Публикации и во препев на Јовица Ивановски. Нејзината поезија делумно е преведена на македонски јазик.
2. Фокус
Но, фокусот на овој текст не е нејзината поезија, туку нејзиниот најнов роман „Дуж оштрог ножа лети птица“, излезен неодамна, за време на Белградскиот саем на книгата во октомври. Тоа е нејзин трет роман, по спомнатиот „Сатови у мајчиној соби“ и „Откако сам купила лабуда“ (2019). За првиот ја доби наградата за книжевност на Европската Унија, за вториот Виталовата награда „Златни сунцокрет“, за третиот, според првичниот впечаток по читањето, нема да нè изненади која било награда за роман напишан на српски јазик, можеби веќе и претстојната НИН-ова за 2024.
3. Препорака за превод
За жал, ниеден од романите на Ступар Трифуновиќ сè уште не е преведен на македонски јазик и овој текст, иако првенствено се занимава со најновиот роман, истовремено e и препорака за превод на сите нејзини романи: „Часовниците во мајчината соба“, „Откако купив лебед“ и „Долж остриот нож лети птица“. Ова се само мои предлог-преводи за насловите, можеби некој нивни иден преведувач би бил послободен и покреативен, особено за насловот на најновиот роман кој, со оглед на фактот со какви сè насловувачки кодирања располага низ текстот, можеби би можел и да се адаптира или дури и сосем да се смени како ексклузивитет на македонското издание. Не затоа што „Долж остриот нож лета птица“ е лош наслов, туку затоа што романот совршено би се одѕивал и на барем уште две-три реплики – насловувачки кодирања од самиот текст, на пример: „Морето ја изеде птицата“ („Море је појело птицу“), „Кој те ослободува, тој те поробува“ („Ко те ослобаѓа, тај те поробљава“) и мојот омилен насловен код, повторливата реплика на Милена, еден од главните ликови – „Ве најдов!“ („Нашла сам вас!“). Третиот предлог-наслов за некое евентуално македонско издание на овој роман е реплика што хипотетично, но раскажувачки уверливо може да ја изговори и самата војна. Зашто Милена и војна (сопствена именка и општа именка) метафорично можат и да се изедначат во романот. Милена може да ги „најде“ децата-ликови што се кријат од неа; но и војна може да ги „најде“ луѓето каде и да се кријат од неа. Именките Милена и војна се извесни семантички двојници. Имаат различни морфолошки лица и тела, но всушност се едно исто нешто: страдање и болка. Милена е антропоморфизирана војна; војна е персонифицирана во Милена.
4. Распарталени вистини
„Долж остриот нож лета птица“ е кус, концентриран роман за растењето и созревањето, но и за војната во поранешна Југославија во деведесеттите години. Но, во никој случај ова не е „само уште еден роман за војната“, како што вообичаено, малку блуткаво и прекорувачки се вели поради огромното количество книги на оваа тема со најразличен квалитет. Ступар Трифуновиќ нашла една исклучителна точка од која раскажува за светот во кој е „фрлена“, точка во која се пресекуваат заедничката војна на возрасните и личната „војна“ на растењето и созревањето на јас-раскажувачот – 14-годишно девојче чиешто име (Вања) се кажува само еднаш во романот и тоа дури пред самиот крај, на 111. страница. Одложувањето на името е одложување и на вистината, зашто текстот на Ступар Трифуновиќ воопшто не сака да се занимава со општата дотерана вистина, туку прецизно и мошне вешто успева до крај да се занимава само со личните, распарталени вистини. Војната е војна, војската е војска, не се кажува ниту чија ниту каква. Не се кажува кој против кого се бори и зошто, затоа што страдаат сите и именувањата се речиси неважни. Вања и нејзиното семејство (брат и родителите) се принудени да заминат во родното село на татко ѝ, кај бабата и дедото, за да ѝ побегнат на војната во градот. Но, набрзо и војната доаѓа во селото. Војска се шета низ селото и се спровира низ пукнатините на животите на селаните на сите можни начини; војска се формира и од децата и таа се спровира низ стрмниот камењар над морето и низ нивното растење. Војната понекогаш е поубава од монотонијата; војската понекогаш е поубава од семејното насилство.
Приказната за семејството на јас-раскажувачката, за војната, војската и селото е прекршена со Милена, еден мошне занимлив и одлично развиен лик. Милена е всушност убавото, запуштено и застрашувачко лице на војната; војната е тукушто расцутено едно физички, психички и сексуално малтретирано девојче, напуштено од својата мајка. Домашната војна на Милена цврсто се прегрнува со надворешната војна и во таа нераскинлива и неправедна прегратка не ѝ останува воздух за дишење. Децата ја избегнуваат, небиолошкиот дедо ја злоупотребува, Милена лаже, крие, измислува, мечтае, не кажува... всушност, сето време само страда. Нејзиниот непримерен живот се исцртува по рабовите на селските куќи и дворови како закана за другите деца какви би можеле да бидат доколку... ѝ дозволат на војната, на војската, на Милан... да завладее и со нив.
5. „Кој те ослободува, тој те поробува“
Семејството на јас-раскажувачката Вања е одлично исцртано. Со цврста, поетска четка на добро распнато епско платно. Дедото кој постојано повторува „кој те ослободува, тој те поробува“ и кому војната му ги има скршено преградите во главата и сè му се измешало, е спротивставен на сезнајната доминантна баба која сè гледа и сè знае; таткото е мобилизиран, депресивен, убиен и погребан,.. мајката заминува и се враќа од различните светови на постоењето на војните и мировите... Селаните одат во јакните на војниците од различни војски, зашто се потопли од нивните; јас-раскажувачката пишува само два стиха во новата тетратка за време на целата војна: „глава трча преку полето сама / полето трча главата да ја втаса“... Таткото ги носи децата на едната единствена и последна прошетка на Змијштак / Змијарник, всушност, во симболична смисла – романот оди „на прошетка“ во поетската збирка на авторката. Романите на поетите секогаш имале некоја подземна сила, некој далечен екот и татнеж на прекршени слики-стихови. Мислата на Ступар Трифуновиќ и во овој и во романот „Часовниците во мајчината соба“ е наметната со ритмичност, со строфична организација која го збива кажаното, а го умножува премолченото.
6. Точило
Ако романот „Часовниците во мајчината соба“ може да се чита двојно: и како мајка и како ќерка, зашто и е напишан двојно: и како мајка и како ќерка; романот „Долж остриот нож лета птица“ треба да се чита мошне претпазливо, зашто секоја реченица е совршено наострена и приказната може да пресече, да раскрвави, да заболи... Сите преселби го зашмрљуваат родниот крај како некакво литерарно засолниште, како траен дом за сеќавањата, а принудните – краснописно го пренапишуваат она што одамна престанало да постои или барем престанало да биде тоа што треба. Родниот крај на авторката на „Долж остриот нож лета птица“ е времето, поточно деведесеттите години од 20 век... можеби и морето што секогаш ѝ е зад петиците или во очите на Другиот спроти неа.
Нема поголемо читателско задоволство од добар роман напишан од добар поет. Поезијата на Ступар Трифуновиќ е точило што постојано се врти и ја наточува, ја наострува и нејзината проза, најверојатно и сè што би напишала оваа одлична авторка.