ЕУ во расчекор пред Трамп

11.11.2024 15:02
ЕУ во расчекор пред Трамп

 

Поминаа пет години откако францускиот претседател Емануел Макрон стави вето за пристапните преговори на Македонија и на Албанија, правдајќи го тоа со изјавата дека „куќата првин треба да се реновира пред да се примат нови членки“.

Во своите визии за Европа, за да биде можно идното проширување по кое ЕУ би можела да има и до 35 членки, Макрон заговараше спроведување внатрешни реформи, со неопходни построги правила за одлучување, бидејќи Унијата како гломазен систем лесно може да биде парализирана со ставање национални кочници и блокади.

Но, по таквите најави во 2019 година, од реформската волја за промени во ЕУ досега не е видена речиси ни прашинка. „Заморот од проширување“ се чини беше заборавен по руската инвазија во Украина. Но, некое позначајно помрднување на земјите кандидатки на европскиот пат не се има случено, освен што, и покрај претходното противење на Макрон, Македонија и Албанија беа одвоени во процесот, така што на Тирана од неодамна ѝ е овозможено да ги започне преговорите за членство во Унијата. Брисел е веројатно свесен дека се неопходни минимални поместувања, барем во симболична смисла. Што се однесува до Македонија, таа и понатаму е оставена најпрвин да ги реши билатералните спорови со соседите, па потоа да ги почне преговорите.

Големата визија на ЕУ е дека не само Украина, туку и Молдавија, Грузија и сите земји од Западен Балкан треба да станат членки, доколку продолжат со реформи и сакаат и да ги исполнат барањата што го дефинираат преговарачкиот процес. Но, последниот извештај на Европската комисија за проширувањето, покажа дека сите земји што преговараат за членство сè уште имаат големи проблеми со корупцијата и непочитување на принципите на владеењето на правото. Доколку ЕУ сака да опстане и успешно да функционира, таквите држави не можат да станат членки. Мислењата околу тоа се поделени, како што и ставовите меѓу западните и источните ЕУ-членки мошне често суштински се разликуваат, и разидуваат.

Големиот план за иднината на ЕУ е веќе поставен на расклатено столче. Згора на тоа, се чини дека воопшто не се претерани очекувањата по претседателските избори во САД, дека Доналд Трамп секако би сакал да стави клин и да го растури сонот на ЕУ да стане уште поголема и геополитички посилна унија. Трамп го поздрави брегзит и веројатно ќе сака поделбите во Европа да продолжат, со цел ЕУ да има уште послаб заеднички глас во светската политика. Тоа би му овозможило повеќе простор да ги контролира процесите и да ги управува според сопствени видувања.

А колку мислењата и ставовите во Европа подразбираат поделеност, покажаа и низа испитувања на јавното мислење меѓу европските граѓани пред одржувањето на претседателските избори во САД. Во западноевропските земји, посебно во Скандинавија, дури меѓу 80 и 90 проценти од анкетираните изнеле мислење дека би гласале за Камала Харис доколку би имале можност да учествуваат во американските избори. Во Источна Европа, како, на пример, во Србија, Унгарија, Грузија и Бугарија, состојбите се речиси обратни во однос на поддршката за Трамп, иако Камала Харис во предизборната кампања истакнуваше дека ќе продолжи да се залага за јакнење на евроинтеграциите и доближување на земјите кандидатки кон ЕУ.

Сондажите спроведени од неколку истражувачки институти покажаа дека за Трамп во Данска би гласале само 4 проценти од избирачите, а во Шведска околу осумдесет проценти не би се двоумеле да го дадат својот глас за Камала Харис. Но, сепак, останува малку нејасно на каков начин се спроведени тие анкети, имајќи предвид дека во Шведска, според официјалната статистика, околу 20 отсто од населението е со имигрантско потекло.

Како се избирани учесниците во анкетата? Дали тие 80 проценти поддржувачи на Харис се регистрирани само меѓу етничките Швеѓани, и дали е реално да се верува дека сите тие навистина би гласале против Трамп? И конечно, дали навистина, доколку сондажите се репрезентативни за вкупното население во државата, и меѓу оние 20-те отсто со имигрантско потекло дури 80 проценти би го дале својот глас за Камала Харис?

Во секој случај, нема никакво сомнение дека повторниот избор на Трамп за американски претседател ќе ги продлабочи поделбите во Европа.

Во низа коментари во западноевропските метрополи беше истакнато дека Европејците кои се загрижени поради победата на Трамп би требало, всушност, да се обидат на многу поверодостоен начин, отколку што тоа беше случај порано, најпрвин да исчистат во својот двор. Многумина, на пример, сметаат дека тоа што Виктор Орбан може да го искористи ротирачкото претседателство на ЕУ за да ја поткопа и ослабне заедничката политика на ЕУ кон Русија е апсолутно за жалење. Унгарската влада дури го повика шведскиот амбасадор во Будимпешта на разговор, откако шведскиот премиер Кристоферсон го критикуваше премиерот Орбан дека не може да зборува во името на ЕУ, туку можеби само во името на Русија.

Таквата конфликтна атмосфера сигурно не оди во прилог на јакнењето на единството во ЕУ. Но, земјите членки често покажуваат дека имаат сосема спротивставени гледишта на низа значајни прашања, како што е и изборната победа на Доналд Трамп. Поранешниот шведски премиер и министер за надворешни работи, Карл Билд, тоа, малку иронично, го објаснува така што вели дека во Шведска работите се доведуваат на линија дека „за нас во однос на надворешната политика сме само ние и САД, ништо друго“. Затоа и победата на американскиот претседателски кандидат за кого не се навива, внесува толку неодоумици и разочарувања. Иако меѓу оние 80 проценти што би гласале против, сега, пост-фестум, многумина веројатно ќе кажат „подготвени сме да соработуваме со претседателот Трамп“.

Како ќе се постави Доналд Трамп во однос на натамошното проширување на ЕУ, останува да се види. Но независно од тоа, ЕУ нема друг избор освен да се заложи да внесе многу повеќе енергија и решителност за тој процес да добие суштинско значење за нејзината иднина.

Слики: Aron Wiesenfeld

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото