Премин во живот – Кон изложбата „Вечнеење“ на Никола Пијанманов

12.11.2024 00:52
Премин во живот – Кон изложбата „Вечнеење“ на Никола Пијанманов

Агонија на животот

 

Со повеќе од педесет платна Никола Пијанманов ја постави изложбата „Вечнеење“ во Културниот информативен центар. Овој исклучително плоден и посветен сликар со бројни самостојни и групни изложби пред љубителите на уметноста изложи дел од опусот на кој работел во последните три години.

Во негов својствен и препознатлив стил секоја од сликите сведочи не само за Пијанманов уметникот, туку и за Никола човекот. Насловот „Вечнеење“ на прв поглед не соодветствува со темнокрвавите нијанси на сликите ниту со нивните наслови. Колективното „Вечнеење“ е претставено преку поединечни слики како „Трагедија“ и „Слепиот слепи води“. Но, тоа е само така на прв поглед. Созерцателниот пристап кон делата на овој длабокоумен сликар овозможува поинаква перспектива и согледување на нештата однатре. Дека тоа е така сведочат слики со наслов како „Враќањето на блудниот син“ и „Премин“.

Во еден осврт е невозможно да се дискутираат повеќето, а камоли сите слики на изложбата. Но, можно е преку неколку од нив да се постигне ефектот на синегдоха и така со дел од нив да се претстави целината.

Стареење

 

Имајќи ја предвид посветеноста на Никола Пијанманов на христијанските симболи во своето творештво, тие се неизбежно присутни и на оваа изложба. Како на теолог вљубеник во сликарството, ова за мене отвора егзегетски пат и ми дава херменевтички клуч преку неколку избрани дела.

Освртот ќе го почнам со сликата „Агонија на животот“. Претставени се четири фигури одлево надесно. Фигурите на левата страна од диптихот се на маж и на жена. Позицијата на телата, а особено поставеноста на рацете потсетуваат на библиската сцена кога нашите прародители се изгонети од едемската градина по падот во грев. Лицата не може да им се видат што асоцира на срам и на каење за стореното зашто со зачекорувањето надвор од градината на невиноста, човештвото веднаш ќе се соочи со својата смртност, распадливост, страв и агонија. Адам и Ева, оние што требало да бидат таткото и мајката на живите, се проколнати. На потомството на кое ќе го зачнат и ќе му дадат живот воедно го осудуваат на смрт. Срамот за тоа дека се голи, но не и невини, ги воведува во агонијата на животот кој е секогаш поразен од смртта. Свесно или не, Пијанманов на десната страна на диптихот ги насликал првите два сина на Адам и на Ева, Каин и Авел. Авел е мртов и превртен наопаку додека Каин си го крие лицето и очајно извикува, „Секој што ќе ме сретне, може да ме убие.“ Пред очите на публиката на диптихот се одвива драмата која од памтивек се повторува до денес. Секое убиство е „братоубиство“, а секоја војна е братоубиствена.

Танц со смртта

 

Сеедно и ако ја имаме среќата да не бидеме убиени смртта ни е загарантирана од самото раѓање. Се појавува под името „Стареење“. Мажот и жената на левото крило на диптихот служат како потсетник на залудноста на постоењето кое гледајќи во нив може да се опише со еден збор, „Мачнина“. Животот по себе е мачен - неправеден, непредвидлив, несовршен, неисполнет и недовршен. Сето ова е претставено во двата акта на десното крило на диптихот на кој во анфас се насликани едно девојче и една жена. Веројатно истата личност во детството и во староста. Цутот на младоста не е претставен. Тој е толку минлив така што за секој кој стигнал до зрели години на животот минал за миг. Старицата на сликата мирно ја прифаќа судбината на стареењето и на сета мака која доаѓа со него. Но, човековиот инстинкт бара и нешто друго. Дилан Томас секому жив му заповеда,

Не оди в тој благ ноќен мрак со спокој,
Староста ќе гори и реве на крајот од денот;
Беснеј, беснеј против смртта на зракот свој.

(Препев, Зоран Анчевски).

Слепиот слепите ги води

 

Човештвото го послушало неговиот совет и беснее. Но, наместо секој да беснее против својата лична смртност, човештвото беснее во прилог на смртта на оние другите, кои и да се тие означени како „другиот“. Целиот свет е фатен во „Танц со смртта“. Оваа слика е „хамлетовска“. Како што Хамлет го држи черепот на Јорик размислувајќи за смртта, така Пијанманов насликал своја верзија. На сликата човекот високо во раката држи череп и според положбата на телото танцува. Но, тој танцува во прегратките на смртта. Смртта го подигнала в раце и го води кон веќе подготвен гроб со надгробна плоча. Потсетник дека и во драмата на Шекспир по оваа сцена, на Хамлет му следи смрт. Ова е брилијантен начин Пијанманов на сите да не потсети, „Memento mori“.

Од толку многу смртност, а толку малку живот се исцрпува и последната капка радост и надеж. Животот е пустелија во која „Слепиот слепи води“. Оваа слика е „Vintage“ Пијанманов. Во апокалиптична средина група издолжени и стилизирани фигури врват накај никаде. Таму со сигурност и ќе стигнат.

Големиот инквизитор

 

Има некој кој нуди целосно решение – „Големиот инквизитор“. Насликан во минималистички стил, Пијанманов ова свое видување, еден од најконтроверзните ликови на Достоевски, уметнички го претставил со неколку детали. Големиот крст врз градите, дланката со четири наместо со пет прсти која повеќе личи на канџа, другата рака в џеб и трновата круна во неговото подножје. Ова е маестрално сликовито претставување на книжевниот опис на Достоевски. Големиот инквизитор е подобие за авторитарност и за контрола. Тој има циничен поглед врз човечката природа и силно ги критикува идеалите на Христос. Истовремено тој е има комплексна морална двосмисленост и е симбол на институционализираната корупција. Контрастот на златниот крст и на трновата круна е јасен показател за сето ова. Наместо крстот кој Христос го преобразил од сурово средство за мачење и погубување, во средство за милост и за помирување, големиот инквизитор го носи како средство за духовна, ментална и за физичка контрола над луѓето.

Враќањето на блудниот син

 

Но, кај Пијанманов нештата никогаш не се безнадежно мрачни. Темнината никогаш не може да ја проголта светлината сѐ додека од некаде има извор на светлина. Овој зрак светлина метафорично е најавен со сликата „Враќањето на блудниот син“. Иако во речиси ист ликовен амбиент како и другите слики со траорни теми, Пијанманов успеал да долови елементи на благост, на кроткост, на покајание, на интимност, на доверба, на простување и над сѐ на помирување. Славната сцена од Евангелието според Лука и една од најчести претстави од Новиот завет е „раскажана“ на лиричен уметнички начин со четки и со бои. Блудниот син покајнички гледа надолу, но тоа не го сопира таткото со сочувствителна љубов да гледа во своето повторно пронајдено чедо. Синот ја допира раката во барање на прошка, а таткото нежно ја положил раката врз неговата глава во знак на милост и на простување. На оваа слика нема место за никакво цинизам и за никаков егзистенцијален нихилизам. Но, секако има место за изворниот егзистенцијализам на Сјорен Кјеркегор, кој е цитиран во каталогот, „Во овој живот одлучуваш за својата вечност“. Така одлуката да се прифатат принципите на вечноста почнуваат тука и сега во ова ограничено простор-време.

Премин

 

Агонијата на животот не е ништо друго, туку подготовка за „Премин“. Оваа слика како да излегла од опусот на Пијанманов познат како „Мироносици“. На нив тој насликал серија дела на жени во долги бели одори. Според златниот „ореол“ не може да не се заклучи дека на оваа жена треба да се гледа како на една од светителките во христијанското предание. Да се стане светија според ова предание не значи првенствено да се здобие со статус на безгрешност, што секако е точно, туку пред сѐ се работи за здобивање на „Боголикост“ особено изразена како „Христоликост“.

Стремежот кон „Вечнеењето“ кое „венее“ низ ходниците на безбројните чекалници не е залуден. Не е залуден дури и тогаш кога „Големиот инквизитор“ ја поништува слободата на личноста и во име на колективната среќа на човештвото нуди лаги и пропаганда. Ништо нема да го сопре срцето што копнее по вечноста да стигне до преминот во состојбата на вечната слобода. Тоа ни го порачува Пијанманов.

ОкоБоли главаВицФото