1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 08:59
Победата на Доналд Трамп во САД го потврди она што ние во Израел го знаеме одамна: кога либералниот блок не нуди алтернатива, популистичкиот блок победува пред празен гол. Сите ги споредуваат Трамп и Бенјамин Нетанјаху - навистина, постојат многу сличности - но никој не ги споредува демократите во САД и партиите од центарот и левицата во Израел. Како што Трамп е брат близнак на Нетанјаху, така Камала Харис е сестра близначка на Бени Ганц и Јаир Лапид. Непоколебливата насмевка на Камала, заносниот шарм на Јаир и чесноста на Бени зад кои нема ништо.
Трамп и Нетанјаху се создадени од лидерски материјал кој предизвикува силни и непоколебливи емоции на омраза или обожување. За трамповците и бибистите не е важно што ќе кажат или направат нивните херои, тие ги следат низ оган и вода па и во криминал, зашто водачот секогаш е во право и секогаш е жртва. Но нивната победа, меѓу другото, се случи и заради слабоста на противничкиот блок. Во САД и Израел либералниот блок предизвикува симпатии, но е целосно гнил. Во САД и Израел либералниот блок навидум се противи на војната во Газа, но таквото противење е празна, безидејна приказна и морална празнина, дволичност и преправање. Американскиот гласач покажа дека тоа не му се допаѓа, а можеби нема да им се допадне ни на гласачите на израелските избори. Харис не изгуби само заради Газа, но постапувањето на демократската администрација по тоа прашање сигурно не ѝ помогна на изборите. Гласачите не сакаат измами и преправања.
Сличноста боде очи. Баједновата администрација последнава година преправањето и дволичноста ги доведе до рекордни висини до кои израелскиот блок од центарот и левицата сè уште не стигнал. Истата година овој блок докажа дека суштинските разлики помеѓу нив и бибиевската десница се многу помали отколку што се чинеше, ако воопшто постојат. Се појави неверојатен јаз помеѓу изјавите на администрацијата и нејзиното однесување. Изјавите служеа за да насликаат портрет на хумана и морална администрација која стравува за човечките животи и се грижи за човековите права. Се бореа за секоја хуманитарна пратка до Газа, се бунтуваа заради масовното убивање и деструкцијата и му забранија на Израел да изврши инвазија на Рафах. Што уште сакаме од американската администрација?
Но во исто време таа хумана и морална администрација го снабдуваше непослушниот Израел со оружје и муниција во размери кои досега не ги видел. Ниедно морално барање на Америка не беше проследено со какво било условување, не се воведени никакви позначајни санкции за штитеникот кој ги прекрши сите законски морални правила во Газа. Дали администрацијата на Бајден и Харис е за или против масовното убивање во Газа? Дали е за или против етничкото чистење? За или против геноцидот? Судејќи според изјавите, демократската администрација е шокирана од израелските акции. Судејќи според делата, таа ги поддржува, финансира, вооружува и охрабрува страшните напади во Газа. Крвта на многу луѓе е на рацете на оваа администрација.
Секој кој толку обилно ја вооружува државата има намера да ги искористи оружјето и муницијата, а Израел го направи тоа на најужасен начин. Погледнете ја Џабалија, помислете на Беит Лахија. Америка е соучесник. Демократите се соучесници. Либералните гласачи извлекоа заклучоци соочени со лицемерието на Камала Харис, се предадоа на теророт на Трамп или останаа дома.
И нашата опозиција е одлучна - молчешкум ја поддржува војната, во Кнесетот се противи на решението за две држави, ја поддржува елиминацијата на УНРВА (Агенција на ОН за поддршка на палестинските бегалци). Бени Ганц подготвено ќе ги сослуша семејствата на киднапираните, толку е емотивен и праведен. Лапид дури напамет ги знае имињата на загинатите војници и сочувствува со болката на нивните семејства. Но од нив не слушнавме ни збор за ужасите во Газа. Ниеден збор.
Кога толку вознемирени и шокирани ја коментираа смената на Јоав Галант, двајцата го пофалија новиот министер за одбрана Израел Кац. Ах, колку го ценат, рекоа израелските либерални.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Allan McDonald
Извор: https://www.haaretz.co.il/