1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 07:59
Во своето триесетминутно видео1 американскиот истражувач Нејт Хагенс2 во кратки црти ги објаснува почетоците на животот на човечкиот вид на Земјата чиј развој и еволуција, од економски и технолошки аспект, биле речиси незебележливи од една генерација до друга - сè додека со ренесансата не почнала да се развива технологијата која овозможила истражување на оддалечените подрачја и воспоставување нови трговски односи и патишта. Потоа дошла индустриската револуција со развојот на машините и, најпосле, „ерата на нафтата“ која донесе голема моќ и благосостојба. Во споредба со периодот од илјада години претходно, кон крајот на 20-от век имавме триесетпати зголемен економски раст што ни овозможи дотогаш невидено ниво на расположливи средства и удобност.
Направивме машини кои работат за нас исто како 500 милијарди работници, кои Жан-Марк Жанковичи3 ги нарекува „енергетски робови“4. Како што преминувавме кон користење на фосилните горива, полека се одвојувавме од природните текови на нашата планета. Овој главен инпут на нашата економија го сметавме за бесплатен зашто не плаќавме за неговото создавање и загадувањето. Ваквата благосостојба и напредокот ѝ го припишавме на нашата генијалност. Станавме енергетски слепци.
Човештвото стана супер организам
Нејт Хагенс понатаму наведува: „Енергијата е и секогаш ќе биде валута на животот“. Таа е елементарна компонента на нашиот физички свет која овозможува трансформација на материјата. Без енергијата ништо не се менува, ништо не се поместува и ништо не живее. Во моментов поминуваме низ период кој го нарекува „јаглероден пулс“ во кој претерано користиме фосилни горива и кој нема да трае бесконечно. Бидејќи најдостапните и најбогатите наоѓалишта се исцршени, вадењето фосилни горива ќе стане сè поскапо до точка кога искористувањето на преостанатите ресурси веќе нема да биде исплатливо.
Последниве неколку векови направивме сложена глобална мрежа на добра и услуги која сега бара енергетски еквивалент од 170 милијарди светилки само за да се одржува и тоа главно со користење фосилни горива. Нашиот финансиски систем се темели на постојан раст кој бара печатење сè повеќе пари, односно енергија со која ќе ја трансформираме нашата околина. Според Хагенс: „Системот е надвор од контрола. Човечкиот вид стана безумен, незаситен, енергетски гладен супер организам“.
Што е тоа што нè прави луѓе?
Луѓето се социјални битија, но повеќето од нас сè уште се однесуваат и размислуваат како племенскиот човек. Во овој историски момент на голема материјална благосостојба, загушеност со информации и социјални мрежи, ни стана многу тешко да ја разликуваме реалноста од фантазијата. Направивме системи и алгоритми кои се оптимизирани за правење профит, но кои ја намалуваат нашата способност за внимание, создаваат зависност, поларизација, ги зголемуваат апатијата и скептицизмот кон науката.
Ние сме суштества со конечен животен век, што значи дека далечната иднина не ни е приоритет. Затоа сме повеќе насочени на краткорочните потреби и го одложуваме извршувањето на нашите ветувања за промена. Таквиот пристап и „јаглеродниот пулс“ нè доведоа до создавање супер организам. Меѓутоа, тоа не е неизбежно, а незавидната ситуација во која се наоѓаме ќе го поттикне дефинирањето на она што сме способни да станеме.
Големото поедноставување
Технолошките и економски очила со кои денес гледаме во иднината се енергетски слепи. Преминот на обновливи извори на енергија нема да го реши овој проблем. Потребно ни е она што Хагенс го нарекува „системски очила“, односно пристап кој ја опфаќа свеста за енергијата, покрај сето знаење и наука кои ги поседува човештвото. Бидејќи ќе морме да научиме да ја користиме енергијата на поинаков начин, ќе го искусиме она што Хагенс го нарекува „големо поедноставување“.
Бидејќи ќе треба да функционираме со помалку расположлива енерија, нашиот комплексен, енергетски гладен супер организам ќе се изгладни и изумре, водејќи нè кон турбуленции, економска криза и исчезнување на постоечкиот начин на живот. Некои економисти и научници овој феномен го нарекуваат „одраст“.
Хагенс го опишува тоа сликовито: „Постојат многу начини со кои може да се преживее големото поедноставување. Некои се мудри, хумани, па дури и пожелни во однос на моменталната состојба. Некои се речиси незамисливо мрачни. Сепак, токму размислувањето за нив и свесниот избор нудат реална надеж за долга и смислена иднина на човечкиот вид. Природата нè обдарила со плоден и убав дом, способност за разбирање на нашето потекло и имагинација со која можеме да ги замислиме понатамошните можности. Иднината не мора да биде дистописка, но снаодливоста самата по себе веќе нема да биде доволна за следниот дел од нашето патување. Ќе ни требаат имагинација, далековидност, емпатија и пред сè мудрост за да се снаоѓаме на патот кон иднината што доаѓа – големото поедноставување“.
1. https://www.youtube.com/watch?v=-xr9rIQxwj4
2. Нејт Хагенс е коосновач и директор на Институтот за проучување на енергијата и нашата иднина (The Institute for the Study of Energy & Our Future) во чиј фокус е меѓуодносот помеѓу енергијата, животната средина и финансиите и нивното влијание на иднината на луѓето.
3. Видео разговор помеѓу Жанковичи и Хагенс
4. https://en.wikipedia.org/wiki/Energy_slave
Превод: Алек Кузмановски
Фотографии: Denis Cherim
Извор: https://nova-akropola.com/