Може ли МПЦ да падне пониско?!

14.11.2024 11:57
Може ли МПЦ да падне пониско?!

 

Редица скандали се поврзани со функционирањето на Македонската православна црква низ годиниве, но тешко дека оваа институција, што по дефиниција на нештата би требала да биде носителот и чуварот на моралот, етиката и вредностите во едно општество, има паднато толку ниско како пред два дена – кога им додели орден на браќата, Сашо и Влатко Мијалкови.

За поранешниот шеф на УБК, кој е дел и од црната листа на САД, едноставно е непотребно да се трошат зборови – тој беше носител на најстрашните злодела во македонската демократија, меѓу кои и она со нелегалното следење на комуникациите на македонските граѓани, но поважно: тој беше и остана симбол на киднапираното општество, на неказнивоста, на корумпираното судство и на триумфот на мафијата врз државата, или тоа што би требало да биде држава, ама и на опортуниот флерт на елитите кои имаа задача да го гонат, опиени од неговата моќ, пукнати пустите од желба да бидат – тој.

Црквата, носителот на моралните закони за православните верници, посредникот меѓу небото и земјата, гласникот на Неговата волја, арбитерот на доброто и злото, е таа Црква решила дека токму овој човек и неговиот брат, заслужиле да добијат одликување за ктиторство на црква во Ново Село, Штип. Тие ја спонзорирале црквата, МПЦ решила дека тоа е повеќе од доволно да ги одликува, а на самото осветување да присуствува и господинот на квадрат – Стефан. Чиста трансакција – сирење за пари принцип, каде очигледно малку пари требаат за да се фрлат над и да ги покријат десетте божји заповеди, меѓу кои и оние да не крадеш и да не посакуваш ништо туѓо.

Фанатиците би рекле дека прошката е во суштината на православието, па можеби изговорите за оваа безобразна постапка би биле во таа насока, но, искуството и доказите за „дил ориентед“ природата на Црквата се толку многу, што овде најголем грев би било да сме наивни во анализите.

МПЦ – ОА, да повторам, низ годините се најде во центарот на повеќе бизнис и политички скандали, па ајде да се потсетиме само на неколку најсвежи што се совршен доказ за опсесијата на духовниците со материјалното. Еден од најголемите е оној за изградбата на станбено-деловниот објект во центарот на Скопје спроти хотелот „Холидеј ин“, каде МПЦ е бизнис партнер на „МГ Фешн“, проект за кој познавачите обвинуваа дека е надвор од ГУП и надвор од разум, оти таа локација е идеална за инвестиции кои би биле на линија на јавниот интерес (градинки, школи, паркови и слично).

Голем дел од црковниот имот само во Скопје е на атрактивни локации во центарот на градот и низ општините. Колегите со години истражуваат и објавуваат за сите бизниси во градежништвото, а уште поважно – за сите даночни повластувања, законски овозможени, ама и за сите законски прекршувања, како на пример, она за непријавување на годишна завршна сметка, пред кое Државата упорно затвора очи.

И ако овие реченици, во кои МПЦ се дефинира како бизнис партнер и бизнис организација, не ви се доволно скандалозни, да одиме понатаму, со нови докази дека оваа организација е многу повеќе компанија, отколку верска институција.

По градежниот бизнис, Македонската православна црква се вклучува и во еден друг бизнис, многу атрактивен – тој со струја. МПЦ заедно со уште четворица партнери на 25 ноември лани основа компанија за производство на електрична енергија, а митрополитот Тимотеј на Дебарско – кичевската епархија за ИРЛ тогаш изјави дека одлучиле да вложат во изградба на мала хидроцентрала.

За сите овие скандали, Управата за јавни приходи неколкупати најави дека истражува дали МПЦ – ОА работи законски, но досега нема никаков резултат од ниедна нивна истрага, или од истрага на каков било друг државен орган.

Со сето ова на ум и со одликувањата дадени завчера, тешко дека има дилема за улогата на МПЦ во македонското општество. Нашите свештеници, чест на исклучоци, се тука за први за да го носат знамето на општествениот регрес, да фрлаат клетви и анатеми кон сите прогресивни процеси и нивни носители, да шуруваат со непријателски сили и да шират нивна пропаганда, најгласни се во својата мизогинија и повици за кршење на елементарните човекови права, поим немаат за тоа дека религијата во светски рамки исто така еволуира и има обиди за излегување од матриците на патријархатот, национализмот и примитивниот конзервативизам.

Истите, кои имаат проблем со еманципираната позиција на жената во општеството и на кои тешко им е организирано и системски да им помагаат на ранливите категории граѓани, гледаме дека мака немаат со еманципацијата на и помошта кон докажани криминалци – нив ги гушкаат, со нив соработуваат, нив ги креваат на престол – и ги одликуваат, додека сето ова го имаат удавено во една одвратна хипокризија, преку која, совршено ја отсликуваат тезата на еден нивен колега, језуитскиот свештеник Џонс, кој рекол дека човекот го прават човек неговите постапки, а не тоа каде оди во недела наутро.

Со вакви постапки, со вакви недела, со вакви бесрамни шурувања со општествениот гној, за овие луѓе сосема е неважно и каде одат во неделните утра и на кои места стојат во божјите храмови; во храмот на македонската демократијата тие секако стојат најдолу.

Фотографиите се од филмот Фауст (Ф. В. Мурнау, 1926)

Извор за текстот: Солуција

Слични содржини

Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Квир / Живот
Општество / Активизам / Квир
Општество / Активизам / Настан
Општество / Активизам / Квир / Теорија

ОкоБоли главаВицФото