1034 hPa
70 %

3 °C
Скопје - Пет, 07.02.2025 02:59
Во понеделникот започна нова рунда меѓународни преговори за климата во Азербејџан, земја која 90 проценти од своите приходи од извозот заработува преку продажба на фосилни горива. Во зависност од перспективата, таквата околност е или фарсична или мрачно соодветна. Непосредно пред конференцијата, Коперник, агенција на Европската унија за набљудување на Земјата, извести дека за првпат глобалните температури годинава во просек ќе бидат повисоки од 1,5 степени целзиусови над прединдустриските нивоа. Исто така, минатата недела САД за претседател избраа личност која ги негира климатските промени.
„Имаме повеќе 'течно злато' од која било земја на светот, повеќе од Саудиска Арабија“, рече Доналд Трамп во својот победнички говор. (Според најверодостојни извори, вклучувајќи ја и ЦИА, американските резерви на нафта всушност изнесуваат само една седмина од резервите на Саудиска Арабија.) Реагирајќи на изборната победа на Трамп, Мајкл И. Ман, климатски научник од Универзитетот во Пенсилванија, ги прогласи САД за „петродржава“ во создавање и рече дека очекува земјата „набрзо да му се придружи на сојузот петродржави во блокирањето на секој смислен напредок“ во поглед на климатските промени.
Секоја година, пред почетокот на годишниот самит за климата попознат по кратенката ЦОП (Conference of the Parties), програма на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) објавува извештај за „емисиониот јаз“. Овогодинешниот извештај е насловен „Доста беше врел воздух... Ве молиме!“ и е мошне обесхрабрувачко четиво. Ветувањата на повеќето земји дека ќе ги намалат емисиите не беа доволни, а дури ни тие не се исполенти. Како резултат, ограничувањето на загревањето на 1,5 степени - што е цел која е договорена на конференцијата во Париз 2015-та година стана, од сите практични причини, невозможна. (Целта се однесува на долгорочниот просек на температурата, па, технички, една година над границата сè уште не значи дека таа е пробиена.) Без огромен меѓународен напор, шансата загревањето да се ограничи на два степени наскоро ќе исчезне.
„Амбицијата не значи ништо без акција“, се напоменува во извештајот за емисиониот јаз, по кој следуваше извештај за „јазот во прилагодувањето“, исто така на УНЕП, во кој се проценува дека на земјите во развој ќе им бидат потребни најмалку 230 милијарди долари годишно за да се прилагодат на катастрофите предизвикани од климатските промени кои веќе се случуваат. „Секој мора да ги решава разорувањата настанати заради климатските влијанија“, напиша во предговорот Ингер Андерсен, извршна директорка на УНЕП. „Но најмногу трпат сиромашните и ранливите“.
Фокусот на овогодинешната конференција би требало да биде на парите; таа веќе е наречена „финансиска конференција“. Главното прашање е подготвеноста на богатите земји, одговорни за повеќето емисии кои сега ја загреваат планетата, да платат за намалување на „јазот во прилагодувањето“ и да им помогнат на посиромашните земји да изградат инфраструктура со чиста енергија. Се знаеше дека собирањето пари ќе биде мачно, а сега ќе биде уште потешко. САД - најголемиот светски емитер на кумулативна основа и, после Кина, втор по големина на годишно ниво - веќе долго немаат волја да издвојат толку колку што другите мислат дека би било праведно. Додуша, последниве години претседателот Џо Бајден се обидуваше да ја зголеми меѓународната помош за последиците од климатските промени, додека и САД и ЕУ се подготвуваа во Азербејџан да ги притиснат Кина и богатите држави од Персискиот залив, како Саудиска Арабија, да почнат да издвојуваат средства. Сега, додека Трамп се подготвува да ја преземе власта, САД го изгубија и малото влијание кое можеби го имаа. „На овогодинешната климатска конференција влијанието на Америка не само што е намалено, туку го нема“, рече Ричард Клајн, стручњак за климатски политики од стокхолмскиот Институт за животна средина.
Во својот прв мандат Трамп ги повлече САД од Парискиот договор. Истиот ден кога Бајден ја презеде должноста, започна враќање кон договорот. Во вториот мандат Трамп речиси сигурно повторно ќе го повлече потписот. А можно е новата администрација да преземе уште порадикален чекор за повлекување од договорот кој се наоѓа во основата на Парискиот: Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, која Сенатот на САД ја ратификуваше 1992-та година. Подоцнежното враќање кон договорот не би било толку едноставно, зашто за тоа би било потребно одобрување од две третини во американскиот Сенат.
Се разбира, останува да се види колку втората администрација на Трамп ќе биде лоша за климатските промени, но можните сценарија се мошне мрачни. Во својот прв мандат Трамп се обиде да поништи повеќе од стотина еколошки прописи. И додека администрацијата на Бајден сега забрзано се обидува да ги заштити прописите од Трамп, вклучувајќи ги правилата со кои се обезбедува дупчење за нафта во арктичкиот национален резерват, се чини дека тоа нема да го спречи идниот претседател, кој со своите номинации го пополни Врховниот суд на САД така што ќе биде длабоко наклонет кон неговата програма. Според една неодамнешна анлиза, доколку Трамп ги поништи клучните климатски иницијативи на администрацијата на Бајден, САД до 2030 година ќе емитуваат дополнителни четири милијарди тони јаглерод диоксид. Како што е наведено во анализата тоа „двојно ги анулираше сите намалувања благодарение на примената на ветерот, сонцето и другите чисти технологии ширум светот во последниве пет години“.
На една вечера организирана пролетва, Трамп наводно ги повикал челниците на нафтените компании да вложат милијарда долари во неговата кампања зашто за нив тоа би била добра „работа“. По вечерата, националното здружение на водечките независни компании за истражување и производство на нафта и гас составило еден вид листа со желби за можната републиканска администрација. Медиумите кои го имале овој документ наведуваат дека групацијата особено го истакнала укинувањето на новата давачка предвидена за намалување на емисиите на метанот, далеку помоќен гас од јаглерод диоксидот. (Метанот е главна состојка на природниот гас и се ослободува често, и намерно и случајно, во процесот на екстракција.)
Надоместокот за метанот е усвоен во рамки на Законот за намалување на инфлацијата и во поглед на климатските промени е важно достигнување на администрацијата на Бајден. Од своја страна, Трамп најави дека ќе ја укине секоја „непотрошена“ буџетска ставка одобрена со овој закон. Меѓутоа, нејасно е дали за тоа ќе има поддршка од Конгресот. Голем дел од над 60 милијарди долари, веќе дистрибуирани во согласност со законот, за поттикнување на производството на батерии и електрични возила, на пример, им е исплатен на републиканските држави, додека во август 18 републикански претставници му се обратиле на претеседателот на Конгресот Мајк Џонсон, со повик да ги задржи даночните олеснувања за чиста енергија, предвидени со истиот закон. Како што навеле, „даночните олеснувања за енергија ги поттикнале иновациите и инвестициите и отвориле добри работни места во многу делови од земјата - вклучувајќи ги нашите окрузи“.
Многу стручњаци веруваат дека втората администрација на Трамп ќе ја забави, но нема и да ја запре транзицијата на земјата кон почисти извори на енергија, благодарение на економските сили кои не се под контрола на претседателот. Од првата инаугурација на Трамп цената на соларната енергија се намали за повеќе од половина, додека трошоците за инсталирање соларни или копнени ветроелектрани сега се значително пониски од трошоците за градење нови електрани на гас. Како што неодамна рече Ден Лашоф, американски директор на Институтот за светски ресурси, „враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа нема да биде мртовечко ѕвоно за транзицијата кон чиста енергија, која е значително забрзана последниве четири години“. Сепак, додека планетата ја надминува границата од 1,5 степени целзиусови, а климатските непогоди се натрупуваат - ураганот Хелен во септември, разорните поплави во Шпанија во октомври, пожарите кои беснееја минатиот викенд во Њујорк, Њу Џерси и јужна Калифорнија - забавувањето на напредокот би можело да биде доволно за катастрофа. САД, да не го споменувам остатокот од светот, веќе одамна не можат да си дозволат дополнително време. Па сепак, таму сме каде што сме.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Banksy Street Art
Извор: https://www.newyorker.com/