1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 08:59
Малгоржата Мирга-Тас е ромска визуелна уметница, едукаторка и активистка. Родена во 1978 година, таа живее и работи во Чарна Гора, село во подножјето на планините Татра во јужна Полска.
Мирга-Тас е позната по нејзините текстилни колажи создадени од материјали и ткаенини кои главно се собрани од семејството и пријателите, што им дава автентичност и соодветна непосредност.
Нејзините визуелни приказни доаѓаат од феминистичка перспектива и ги предизвикуваат стереотипните претстави на Ромите. Мирга-Тас се ангажира во градење на афирмативна иконографија на ромските заедници.
Често креирајќи ги своите дела во соработка со други жени, таа шие парчиња облека, марамчиња, чаршафи и завеси создавајќи живописни портрети и сцени од секојдневниот живот: врски, сојузи и заеднички активности.
Пачворк креациите изработени од завеси, накит, кошули и чаршафи се зашиени заедно за да формираат таканаречени „микроносители“ на историјата, исто како што добиените слики ги ревидираат макро перспективите.
Таа ги реобмислува уметничките дела низ вековите, оние што го прикажувале ромскиот идентитет на негативни начини, трансформирајќи ги во живописни слики проткаени со сила и достоинство.
На тој начин, Мирга-Тас се обидува да ги зајакне Ромите како современа заедница и како заедница која има богато наследство.
„Тешко е да се одвои активизмот од уметноста. Овие две активности се спојуваат, проникнуваат и влијаат една на друга… Не знам да бидам гласна. Мислам дека она што можам да го направам е да зборувам за мојата заедница, да покажам како се гледаме себеси. А алатката што ја користам за да го изразам тоа е уметност”, вели Мирга-Тас.
Мирга-Тас беше официјална полска претставничка на 59-тото Венециско биенале во 2022 година и првата ромска претставничка на познатата уметничка манифестација.
Извор: https://www.frithstreetgallery.com