1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 08:59
Пренесуваме филмски приказ од книгата што наскоро ќе излезе: „Сто филмови за попреченост“.
Pigen med nålen; Данска, Полска, Шведска; Магнус фон Хорн; 2024
Инвалидитет: воени повреди, унаказеност, куца нога
Сиже: Сиромашна девојка, чудовиште со добро срце, кукавички принц и злобна вештерка во продавница за слатки. Бајка во која, како во вештерско јаболко, однатре има и отров.
Улоги: Вик Кармен Соне, Трине Дурхолм, Бесир Зекири
Реплика: Дагмар: Светот е ужасно место. Но, треба да веруваме дека не е така.
Копенхаген 1919, последните денови од Големата војна: Керолин едвај преживува работејќи во фабрика. Таа верува дека е вдовица оти нејзиниот сопруг исчезнал за време на војната, но не ги добива придобивките за вдовици зашто него го нема во списоците на убиените. Керолин забременува и останува без работа. Се запознава со госпоѓа Дагмар, која води продавница за слатки и лекови. Користејќи ја продавницата како заштита, Дагмар илегално посвојува несакани бебиња. Меѓу двете жени се развива блискост, но Керолин е запрепастена кога ја дознава вистинската страна на Дагмар и кога се соочува со кошмарната реалност во која несвесно влегла.
Црно-белиот филм, хипнотички силната драма-кошмар, е направен врз вистински историски настан: низата убиства на бебиња во 1921 година во Данска. Експресионистичката бајка за возрасни полна со вештерки и чудовишта на крајот сугерира: најголемото чудовиште сепак е општеството.
На почетокот ги запознаваме четирите главни актери: Керолин, сиромашната работничка која живее во бедно поткровје; куциот аристократ и капиталист Јорген, „принцот на бел коњ“ кој пред Керолин се покажува како кукавица и мизерно синче на мајката бароница; Петер, застрашувачки унаказен бивш војник со добро срце; и Дагмар, злокобна жена во продавница за слатки и лекови.
Главната тема на филмот се несаканите деца, но во голема мера тема се и несаканите луѓе, попречените луѓе и нивната улога во заедницата. Филмот укажува и на вообичаената класна подвоеност (слична на денешната): додека, на пример, бароницата живее во огромни простори со високи таваници, воената жртва Петер се крие по валкани дупки и настапува по мрачни подземни кабареа.
Необично е што „симболи за попреченост“ во филмот се двајцата мажи на Керолин: нејзиниот вистински маж Петер, кој од војната се враќа со измасакрирано лице, и Јорген, куциот сопственик на фабрика, љубовник на Керолин и татко на бебето од кое таа се ослободува давајќи ѝ го на Дагмар. Меѓу двајцата вака или онака дефектни мажи Керолин е принудена да се снаоѓа како што знае и умее. Филмот во голема мера е феминистички (женското тело нема речиси никаква автономија, што е мрачен факт и денес, по 100 години), но жртви на крволочното општество во голема мера се и мажите, првенствено воената жртва Петер.
Гледајќи го во крупен план тешко изобличено лице на Петер, ми падна на памет една забелешка за филмскиот крупен план, на филмскиот теоретичар Паскал Боницер: „Да се насочи публиката ‒ кон тоа отсекогаш тежнееле големите режисери на ’масовните емоции‘, Грифит, Ланг, Ејзенштајн, Хичкок. Таа нивна опсесија во филмовите е насекаде присутна. Тие дејствуваат со помош на страшното, со помош на насилството, со помош на крупниот план. Грифитовите избришани лица, Велсовите изобличени лица, Ланговите унаказени лица, Хичкоковите откорнати лица...“
„Страшна бајка, но лицето токму е бајка на страшното“, велат Делез и Гатари во Илјада платоа. Крупните планови на лицето на Петер во Девојката со игла влегуваат токму во таа неверојатна галерија на хипнотизирачки моќните филмски човечки лица.
Освен старите експресионистички филмови кои влијаеле врз изгледот на Девојката со игла, режисерот ги спомнува, како инспирација, Оливер Твист на Дејвид Лин и Човекот слон на Дејвид Линч. Видлива е, особено во изгледот на лицето на Петер, инспирацијата од фотографиите на Роберт Френк и архивските фотографии од Првата светска војна.
Петер и Керолин на крајот, како слабо зракче надеж, заминуваат со патувачкиот циркус за накази. Своевидното фрик-шоу (референца кон славниот филм Freaks, застапен и во книгава) е можеби последно уточиште на слободата за протераните од немилосрдниот општествен поредок.
Фотографиите се од филмот: Pigen med nålen (Магнус фон Хорн, 2024)
Извор за текстот: Никола Гелевски - Сто филмови за попреченост (Темплум, 2024)