Популизмот некогаш и сега

18.11.2024 01:06
Популизмот некогаш и сега

„Американската политичка сцена често била мегдан на спротивставени побеснети умови“. Тоа не е коментар за овогодинешните претседателски избори во САД, туку осврт на една друга претседателска кампања, онаа од 1964-та година. Станува збор за воведната реченица на еден од најважните и највлијателни политички есеи од повоениот период, Параноидниот стил во американската политика, објавен пред точно 60 години.

Дури и насловот на есејот Ричард Хофстадер укажува на стравовите кои ни изгледаат необично современо. Во деценијата во која Доналд Трамп изгради политичко движење на незадоволство и бес, многумина ја почувствуваа потребата да ја избришат правта од старите примероци на Хофстадер и да му посветат понекоја колумна, како што се „Враќањето на параноидниот стил во американската политика“ и „Стилот на Трамп како совршена илустрација на теоријата на познатиот историчар“.

Така, анализата на Хофстадер за параноидниот стил и неговата пресметка со популизмот добија нова генерација читатели. Сепак, колку и да е брилијантен и влијателен, Хофстадер често не бил во право за овие две прашања и тоа во голема мера ги обликувало сите понатамошни дебати.

Хофстадер, еден од најславните американски историчари, еволуирал од симпатизер на марксизмот во триесеттите години од 20-от век до либерал од периодот на студената војна кој верува дека одредувачка одлика на американската историја не е класниот конфликт, туку општествениот консензус. Неговиот есеј од 1964-та година - скратена верзија на предавањето кое го одржал на Оксфорд (целосната верзија подоцна е објавена како книга) - е обид за пресметка со новиот, борбен облик на реакционерната десничарска политика која го донесе антикомунистичкиот лов на вештерки во добата на Џо Мекарти, основањето на ултраконзервативното Друштво на Џон Бирш и подемот на Бери Голдвотер, сенаторот од Аризона, во добивањето поддршка од републиканскиот естаблишмент, што му обезбедило партиска претседателска номинација во 1964-та година.

Реакциите во јавноста и водечките медиуми за кампањата на Голдвотер во шеесеттите години на повеќе начини го антиципираат непријателскиот став кон Трамп, половина век подоцна. Подемот на Голдвотер бил толкуван како најава за доаѓање на фашизмот. Списанието Факт објавило тематски број со наслов „Умот на Бери Голдвотер“, во кој повеќе од 1 100 психијатри, од кои ниеден никогаш не го ни запознал претседателскиот кандидат, потпишале дека тој е „психички неподобен“ за извршување јавна функција. Ако со победа на изборите успее да ја консолидира Републиканската партија по изведениот „партиски удар“, предупредувал Хофстадер, „демократскиот процес во нашата земја ќе се најде во опасност“. Но Голдвотер изгубил убедливо од Линдон Бејнс Џонсон.

Хофстадер во новата десница гледал главна манифестација на „параноиден стил“ и начин на размислување кој заговорите не ги гледа како поединечни појави, туку како „движечка сила“ на историјата. „Параноидниот политичар“, пишувал Хофстадер, „секогаш зборува со јазикот на Апокалипсата“ и „стои на бедемите на цивилизацијата“ во егзистенцијалната борба на доброто и злото.

Хофстадер нагласувал дека не зборува за „параноја“ во клиничка смисла, туку дека само „го позајмил клиничкиот термин за други цели“. Сепак, сметал дека „постојаното враќање на параноидниот стил“ низ историјата „покажува дека менталитетот обележан со склонста светот да се посматра на параноиден начин секогаш е присутна кај дел од популацијата кој е мал, но не безначаен“. Со други зборови, тоа е ендемска патологија, секогаш присутна латентно, која се активира со подемот на одредени општествени движења или политички организации.

Тоа е привлечен аргумент, зашто ни дава слобода различното мислење да го отпишеме како вид ментална болест. Исто така е поглед со кој политичките одговори се извлекуваат од историскиот контекст. Дури и „европските миленијаристички секти во периодот од 11-от до 16-от век“, пишува Хофстадер, покажуваат „психолошки комплекс кој ги прави мошне слични“ со реакционерната десница во повоена Америка. „Параноидниот стил во обликот кој го опиша Хофстадер“, иронично забележува историчарот Ендру Мекензи-Мекхарг „е присутен низ целата историја, но изгледа дека нема сопствена историја за која би можело да се зборува“. Тоа исто така е перспектива која им дозволува на либералите да го предвидат присуството на слични тенденции во сопствените редови. Несомнено е дека десничарските популисти профитираат со теориите на заговор, било на темата имиграции или глобални елити. Но во либералната паника заради враќањето на „фашизмот“ и „исчезнувањето на демократијата“ често се користи истата апокалиптична перспектива, а борбата против популизмот се слика со црно-бели тонови.

Тоа нè доведува до втората клучна тема од делата на Хофстадер од педесеттите и шеесеттите години - неговата критика на популизмот. Напредувајќи на патот од младешки радикализам кон центризам од средната животна доба, Хофстадер сè повеќе стравувал од масите и нивното влијание на културата и интелектуалниот живот. Растечката недоверба во движењата на работничката класа го навела да изрази скепса и кон самата демократија. „Интелектот е природно спротивставен на демократијата“, пишува во книгата од 1963-та година, Антиинтелектуализмот во Америка, „зашто се доживува како облик на исклучителност кој му пркоси на егалитаризмот“.

Таквата политичка трансформација го обликувала и неговото читање на историјата. Пред Хофстадер повеќето историчари позитивно го гледале подемот на популистичките движења во Америка во деведесеттите години на 19-от век. Овие изборни популисти ги водела омразата кон нееднаквоста и неправдите од таканаречената златна доба. Работеле на изградба на мултирасни коалиции на земјоделци и работници кои ќе бараат демократски реформи, прогресивно оданочување и државна сопственост над јавните услуги.

Во книгата од 1955-та година, Доба на реформи, Хофстадер го доведува во прашање овој наратив и го прикажува целото движење како расистички бунт мотивиран од заговорничкиот поглед на светот, кој „моќно ги антиципира“ макартизмот и повоениот реакционерен конзервативизам. Елементите на биготријата биле видливи, особено кога движењето се распаднало заради жестоките удари на естаблишментот. Но не можат да се занемарат демократските и егалитаристичките ветувања кои ги нуделе популистите.

Многу историчари, вклучувајќи ги Комер Ван Вудвард, Лоренс Гудвин и Валтер Наџент, успешно го оспорувале и побивале ревизионизмот на Хофстадер. Но политичката содржина на неговиот аргумент пуштила длабоки корени. Коментирајќи го Хофстадер во предговорот од 2013-та година за книгата напишана во 1963-та, Наџент забележува дека „популизмот“ добил „конотации на еден демагошки, неразумен, тесноград, конспиративен, исплашен поглед на општеството и политиката“. Тоа се конотации кои ги носи и денес, што го обликува нашиот поглед не само на минатото туку и на сегашноста.

„Растејќи во политичка култура која го велича 'народот' како извор на демократијата и сè што е добро во американскиот живот“, забележува Ерик Фонер, можеби најугледниот жив историчар на американската традиција, во описот на развојниот пат на својот учител, „Хофстадер завршил со сфаќањето на политиката како царство на стравови, симболи и носталгија, додека обичните Американци ги доживувал како луѓе запоседнати со биготерија, ксенофобија и параноидни заблуди“.

Губењето надеж, чувството на предавство и разочарувањето во сонародниците - тоа е добар опис не само на траекторијата на Хофстадер, туку и на патот кој го поминала Америка. Трагедијата е во тоа што нема да се промени, без разлика на исходот од изборите.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Owen Gent

Извор: https://www.theguardian.com/