Модерната историографија може да го реши спорот на Македонија и Бугарија

19.11.2024 02:06
Модерната историографија може да го реши спорот на Македонија и Бугарија

Стефан Дечев е еден од водечките историчари во Република Бугарија, но поради начинот на кој гледа на разликата за поимањето на историските факти за македонско-бугарскиот спор, тој од националистите во својата земја неретко е нарекуван предавник.

Во интервјуто за „Слободен печат“ тој говори за потребата од професионализација на историографијата во двете земји, а дава и своја формулација за терминот „заедничка“ историја на двете земји.

Иднината на македонско-бугарските односи е обременета од историјата. Како да го надминеме тоа во билатералните односи?

Со воведување модерна историографија, која е на рамниште на модерните текови во светската историографија и на социјалните и хуманитарните науки и земање примери од државите што ги надминале меѓусебните проблеми поврзани со историјата. Потребно е и двете општества помалку да се занимаваат со историја, а од друга страна политичарите да не се мешаат во работата на историчарите што се дел од мешовитата Комисија за историја. А многу е важно и историчарите од двете земји да се издигнат на нивото на модерните достигнувања во историографијата. Нема друг начин.

Како ја оценувате работата на мешовитата Комисија за историја?

Сум кажал и претходно, некаде во февруари 2019 година беа изнајдени решенија за Кирил и Методиј, Климент Охридски, Наум Охридски, Самуил, со добри општи формулации за тие личности. Така требаше да се продолжи со работа и од македонска и од бугарска страна и истата општа формулација можеше да се примени и за другите историски личности. Но тоа тогаш не беше јавно објавено од македонската страна, што беше голема грешка и тоа придонесе подоцна за ветото. Мислам дека во еден момент требаше поголем број на историчари од Македонија да застанат во одбрана и во поддршка на македонските членови на Историската комисија. Инаку, Бугарија направи многу сериозна грешка, кога бугарската страна во Комисијата се согласи на општата формулација за Кирил и Методиј како словенски просветители, како и за Климент Охридски и тоа веќе стана факт, за да на крајот од 2020 година бугарското Народно собрание изгласа одлука 24 Мај да се слави како ден на „бугарската азбука“, а не како што беше дотогаш. Бугарската страна значи тогаш го погази тоа што веќе беше договорено во Комисијата.

Што подразбирате под заедничка историја? Повеќе или повеќе сите словенски народи делат некаква историја, а тоа може да се каже и за сите жители на Балканот. Како Вие тоа го формулирате?

Мислам дека во Македонија се бега од тој термин, бидејќи постои сомнеж дека под формулацијата „општа историја“, многу фактори во Бугарија тоа го толкуваат „заедничка или иста историја“, што ќе значи дека македонските историчари ќе треба да ја препишат историјата каква што ја напишале бугарските историчари. Што се однесува до општата историја за која треба да важи и терминот „заедничка“, тој не треба да важи за средновековниот период кога Македонија била дел од Византија или од Српското Кралство, туку само во оној период кога била дел од Бугарија, но тој термин најмногу одговара на т.н. црковна борба, периодот на ВМРО и до крајот на Првата светска војна. Тогаш доаѓа до разделување на историјата, која кулминира во 30-тите години. Значи, заедничка историја можеме да бараме во втората половина на 19 век и почетокот на 20 век.

Дали историјата се злоупотребува?

Се разбира дека се злоупотребува историјата, на пример од еден Владимир Путин, кој со злоупотребата на историјата прво изгради еден авторитарен режим во самата Русија, а потоа повторно со злоупотреба на историја ја легитимизираше инвазијата врз Украина. Тука на Балканот сè што имаме како злоупотреба може да се види и во Бугарија и во Македонија. Причина за тоа се состојбите во општествата и ниското ниво на професионалната историографија. Всушност, доколку имаше повеќе независни интелектуалци и историчари, потешко ќе се направеше злоупотребата.

Колку политиката влијае врз историјата? Дали денешниот наратив влијае врз нештата што се случиле пред 100, 500 или 1000 години?

Постојат такви случаи. Се сеќавам како во 80-тите години кога во Бугарија беше актуелна асимилацијата на Турците и на муслиманите, беа снимени два филма, едниот за Кнез Борис Први, како и „Време разделно“, кои во минатото ги префрлија идеолошките наративи што важеа за 80-тите години. Тука се злоупотребува историјата за да ја оправда актуелната политика.

Скулптури: Clementine Keith-Roach

Извор: https://www.slobodenpecat.mk/

Слични содржини

Општество / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Балкан / Историја
Европа / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Спорт / Историја
Општество / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото