„Приказни од плакарот“ - активистичко-уметничка инсталација за животот на ЛГБТИ+ лица

19.11.2024 12:28
„Приказни од плакарот“ - активистичко-уметничка инсталација за животот на ЛГБТИ+ лица

Минувачите имаа прилика да влезат во плакарот и да прочитаат анонимни приказни од речиси триесет млади ЛГБТИ+ лица, но и, на момент, да замислат и да почувствуваат како изгледа животот меѓу четири ѕида.

Неодамна, шетајќи се по улица Македонија во главниот град граѓаните имаа прилика да видат една активистичко-уметничка инсталација, во форма на плакар. Целта на оваа инсталација, наречена „Приказни од плакарот“, е визуелно и низ приказни да ги претстави искуствата со криење, отфрленост, насилство и процесот на самоприфаќање и прифаќање од околината на ЛГБТИ+ луѓето. Инсталацијата е креирана како заеднички продукт од учесниците на Летната школа за ЛГБТИК+ млади и сојузниц(чк)и на Здружението за едукативен развој „Еквалис“.

Минувачите можеа да влезат во плакарот и да прочитаат анонимни приказни од речиси триесет млади ЛГБТИ+ лица, но и, на момент, да замислат и да почувствуваат како изгледа животот меѓу четири ѕида.

Поставениот плакар алудира на англиската фраза „in the closet“ („во плакарот“), која се однесува на сите оние што се идентификуваат како лезбејки, геј, бисексуални, трансродови и квир лица, а коишто не можат целосно или до крај да бидат свои, автентични и отворени за своите идентитети.

„Терминот ‘во вашите четири ѕидови’ или „во плакарот“ честопати се користи и како црвена линија кога општеството смета дека ЛГБТИК+ луѓето може да постојат, но само затворени, надвор од очите на јавноста, никогаш во јавниот простор, туку засекогаш изолирани“, велат од „Еквалис“.

Во овие интимни исповеди од плакарот, публиката се соочува со приказни на тоа како е да се живее и менаџира сопствениот живот во услови кога тоа станува прашање на опстанок.

„Пред некој ден ми беше многу лошо. Најверојатно некој стомачен вирус, што не ми дозволи цел ден да го напуштам домот. Тамам помислив ситуацијата се подобрува, почувствував ужасни болки во стомакот. Не можев да се помрднам. Бидејќи живеам во друг град, далеку од моите, им се јавив на телефон плачејќи за да им кажам колку ми е лошо. Се слушнавме, ми направија муабет и ме смирија преку телефон. Малку подоцна ми се јави само мајка ми и ми рече дека минатата вечер сонувала лош сон, та знаела дека нешто ќе се случи. Кога ја прашав, ми одговори: „Те сонував тебе. Во сонот ми кажа дека си се заљубила во жена.“ – молчев, а таа продолжи. „Ту, ту, ту, не дај Боже, па ти не си лезбејка. Штом го сонував тоа, знаев дека нешто лошо ќе ти се случи!“ Се одлучив да не ѝ велам ништо. Најубаво е да не знае ништо за мојот љубовен живот“, вели една од приказните поставени во плакарот.

Но, покрај пораката на отфрлање, плакарот со приказни поставен од „Еквалис“ дава порака и сигнал кон сите оние коишто до крај не се аутирани или свои, дека сепак постојат мали кругови на поддршка кои и во овој плакар може да ги направат да се почувствуваат сакано, поддржано и да продолжат да бидат она што се.

„Иако плакарот може да биде загушлив, неподнослив и гневен на моменти, има и мигови во кои понекогаш се отвора и Ве обвива со топла прегратка. Иако има луѓе во животот што Ви вртат грб, ве омаловажуваат, ве игнорираат, има и луѓе коишто ќе Ви ја отворат вратата без да мора да се објаснувате. Како млад тинејџер, моето секојдневие поминуваше криејќи се во соба, барајќи други лица кои се чувствуваат на ист начин како мене – додека од тенките ѕидови ги слушав моите родители како ги осудуваат емисиите што ги вклучуваат ‘обратните’. Но откако почнав со моите студии, најдов луѓе кои ме прифаќаат и ме гледаат како личност, без разлика кого сакав. Можеби нема повеќето луѓе во мојот живот да ме поддржуваат ако дознаат, но фактот дека ги имам тие неколку ми е повеќе од доволно“, вели една од приказните.

Оваа уметничка инсталација ја поставува Здружението за едукативен развој „Еквалис“ во рамки на проектот „Пристап до правда и човекови права“, поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на САД- USAID North Macedonia, имплементиран од Коалиција „Маргини“, а во партнерство со Здружение за едукативен развој – „Еквалис“, Хелсиншки комитет за човекови права и Асоцијацијата за здравствена едукација „Хера“.

Фото: Еквалис

Извор: https://meta.mk

Слични содржини

Активизам / Квир / Уметност / Настан
Општество / Активизам / Фотографија / Квир
нема
Активизам / Квир / Боли глава
Општество / Активизам / Фотографија / Квир / Око

ОкоБоли главаВицФото