1010 hPa
45 %

18 °C
Скопје - Пон, 17.03.2025 09:59
Во време кога водечките трговски сили во светот сè почесто прибегнуваат кон унилатерални постапки за да ги заштитат своите општествени, економски, еколошки безбедносни интереси, на светската економија повеќе од потребна ѝ е јасна нормативна рамка со која ќе се дефинираат правилата на однесување. За почеток, би било корисно барем начелно да се сложиме дека не е пожелно да се користат политиките за „осиромашување на соседите“, оние со кои се остварува корист на штета на другите.
Звучи разумно, но колку е изводливо? Зарем земјите и премногу често не се потпираат на такви политики за сега да се согласат да го променат однесувањето?
Впрочем, тоа не е вистина. Впечатокот дека повеќето земји постапуваат така е последица на концептуалната попреченост која ја замаглува разликата помеѓу државните политики кои само посредно создаваат несакани последици со прелевање на други земји и политики чија примарна цел е осиромашување на соседите. Обидот сите политики од првиот тип да се стават под контрола би бил безнадежен, па и контрапродуктивен. За среќа, потезите насочени кон осиромашување на соседите се само мал дел од таквите политики.
Хиперглобализацијата во голема мера потфрли токму заради обидите за прекумерно регулирање на политиките чии ефекти се прелеваат на меѓународната сцена. Со фокусирање на политиките кои навистина целат кон осиромашување на соседите можеме да го лоцираме вистинскиот извор на проблемите и да обезбедиме напредок во меѓународните преговори.
За да го разбереме значењето на оваа разлика, ќе разгледаме еден класичен случај во кој политиките на една земја создаваат штетни последици во друга земја, конкретно со слабеење на нејзината трговска политика (цените на извозните стоки во однос на увозните). Сценариото за „осиромашување на трговијата“ прв го претстави Јагдиш Багвати, за подоцна Пол Семјуелсон да го употреби за да покаже зошто економскиот подем на Кина е лоша вест за САД.
Посебно ќе ги разгледаме двата случаи. Прво, кога кинеската држава ги субвенционира истражувањето и развојот, со што ја зголемува конкурентноста во доменот на високите технологии и ги соборува цените на високотехнолошките производи на глобалните пазари, САД и другите развиени економии трпат штета, зашто тоа беа областите на нивната компаративна предност. Но и покрај настанатата штета не би било соодветно да се бара од Кина да ги прекине субвенциите, зашто интуицијата ни зборува дека поддршката за истражувањето и развојот е легитимен пристап во поттикнувањето на економскиот раст, дури и ако другите актери трпат штета поради тоа.
Втор пример е политиката за забрана на извозот на ретки метали и важни минерали за кои главен глобален извозник е Кина. Кина профитира од растот на цените на светските пазари и зголемената конкурентност на сопствениот извоз благодарение на евтините инпути. Тоа е веќе јасен пример за политиката на осиромашување на соседите. Остварената добивка директно произлегува од користењето на глобалната монополска моќ со која на странските произведувачи им се нанесуваат загуби.
За политиката за осиромашување на соседите можеме да зборуваме единствено ако користа за домашната економија е условена со нанесување штети на другите. Џоан Робинсон го измисли изразот „политика за осиромашување на соседите“ во триесеттите години на минатиот век за да ги опише постапките како што е компетитивната девалвација, со која во ситуации на општа невработеност работните места од странските земји се преместуваат во домашната економија. Начелно, политиките за осиромашување на соседите се игра на негативен збир за целиот свет.
Препознавањето на таквите политики во реалноста може да биде многу тешко, зашто ниедна држава не е подготвена да ги признае. Но појасната претстава за видовите постапки кои се навистина проблематични би го стеснила полето на спорење и веројатно би донела подобри економски резултати. Тоа би придонело и за развој на подобри политики, зашто државите би добиле поттик да се вклучат во попродуктивна дискусија за тоа што точно прават, зошто го прават тоа и какви се можните последици.
Ако оваа перспектива ја примениме на реалниот свет, ќе согледаме дека повеќето индустриски политики во денешна Кина и САД не ѝ припаѓаат на категоријата политики за осиромашување на соседите. Впрочем, многу од нив подобро би се опишале како политики за богатење на соседите.
Најочигледен пример е широкиот спектар на зелени индустриски политки кои ги спроведува Кина последниве неколку децении, на тој начин намалувајќи ги цените на соларната енергија и енергијата на ветерот, батериите и електричните возила. Ваквите политики имаат двојна корист за светската економија. Иновациите се прелеваат, трошоците на глобалните производители се намалуваат, а потрошувачките цени паѓаат. Истовремено се забрзува преминот од фосилни горива на обновливи извори на енергија, со што делумно се надоместува отсуството на карбонската такса.
Ако индустриските политики ги земаат предвид екстерналиите и несовршеностите на пазарите на соодветен начин - како во случајот со зелените субвенции - нема причина за грижа. Можеме да изразиме оправдана загриженост доколку не е исполнет тој услов, но останува фактот дека трошоците за неефикасните индустриски политики главно ги сносат земјите кои ги применуваат. Ги плаќаат домашните даночни обврзници и потрошувачите преку повисоките даноци и повисоките цени. Лошите индустриски политики им нанесуваат поголема штета на оние што ги спроведуваат, отколку на соседите.
Се разбира, поради зголемените трошоци можат да трпат и други земји. Но тоа не значи дека важните одлуки треба да им се препуштаат на трговските партнери. Не е ни реалистично, ни разумно да се очекува државата да се откаже од сопствените политики за да ги прифати мислењата на другите земји за она што е најдобро за неа. Трговските партнери секако имаат слобода да применат сопствени заштитни мерки, дури и во случаи кога политиките на кои реагираат не ѝ припаѓаат на категоријата политики за осиромашување на соседите.
На пример, ако државата се чувствува загрозено од причини поврзани со националната безбедност или заради можни неповолни ефекти на локалниот пазар на труд, таа има право да воведе извозни ограничувања или царински давачки. Во идеален случај, таквите одговори треба да бидат внимателно одмерени и прецизно насочени кон посакуваната цел, а не да се применуваат како казна за сите оние кои не спроведуваат политики за осиромашување на соседите.
Согледувањето на разликите помеѓу малиот број постапки кои како цел навистина имаат стекнување корист со нанесување штети на другите и широкиот спектар политики кои посредно можат да доведат до прелевање на несаканите ефекти на други земји е прв важен чекор на патот за ублажување на трговските тензии. Тоа би овозможило меѓународните преговори да се фокусираат на реалните проблеми, а државите би добиле одврзани раце за спроведување легитимни економски политики. Создавањето свет во кој државите прво си помагаат себеси е добро и за економијата и за политиката.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Lola Dupre
Извор: https://www.project-syndicate.org/