Љутков нека го обнови стиропорот, нека пребојоса и нека си брка работа

20.11.2024 12:15

Министерот за култура Зоран Љутков се изненадил кога го посетил Македонскиот народен тетар (МНТ). Ја обвини претходната власт дека не го одржувала објектот што чинеше 40 милиони евра. Љутков изгледа заборавил дека неговата партија ВМРО-ДПМНЕ не доаѓа прв пат на власт. Театарот за кој самиот „не вели дека немало пропусти во изградбата“ беше во катастрофална состојба само што го пуштија, во 2013 година. Уште оттогаш, среде фоајето стојат кофите за прибирање на водата што тече од терасата на таванот. Околу театарот стојат вреќите со песок за да не се поплават подрумите ако заврне дожд. Претстави се откажуваа за глумците да не ги отепа струја. Не е дека субстандардот од 40 милиони евра не се одржувал. Туку на таа зграда не може крај со крај да ѝ се пофаќа. (...)

Да го потсетам Љутков дека неговата партија ни го наплати стиропорот како мермер, а бојата за ќунци како злато. Така што нека го обнови стиропорот, нека пребојоса и нека си брка работа. Што повеќе се жали, толку повеќе ја освежува меморијата кој всушност тоа го изгради. Дека баш тие згради што се распаѓаат, сосе зградата на Владата од која отпаѓа стиропорот, се дело на 11-годишното владеење на неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ.

Горан Михајловски, СДК, 15.11.24.