Кичот

08.06.2009 14:59
home_bathroom_toilet.jpg

Кичот пред сè претставува изобилство на предметите, хиперпродукција на објекти, но и идејата и менталитетот која нив ги обликува. Терминот потекнува од германскиот јазик и всушност од германскиот културен контекст, и тоа од Минхен и борбата за простор во официјалната култура. Со овој термин авангардните уметници ја означувале официјалната, академизирана уметност, а апстрактните уметници како кич ја одредувале целата „фигуративна“ уметност. Најверојатно станува збор за адаптација на локален говор, во кој Kitsch означува „лоша стока“. По кусата и бурна истрија во војните на германската уметничка критика, зборот е прифатен во поголемиот дел од европските и во многу светски јазици како нешто сосема друго – како популистичка и популарна уметност, понекогаш дури и наивна, односно спонтана уметност, која веќе не се враќа кон своите авангардни историски извори. Така терминот стана употреблив во историјата на книжевноста и уметноста така што денес веќе не покрива ниеден поединечен случај, туку означува огромно подрачје на продукција која се препознава, но многу тешко се дефинира.

Два основни начини за разбирање на кичот се од стојалиштето на мерилата на институциите, академиите и културата, според која кичот е заблуда на вкусот, и од стојалиштето на рецепцијата, според кој кичот е уметност на среќата – според францускиот теоретичар А. А. Мол. Двата пристапи се радикално различни, а ниеден веќе не ја следи мисловната схема на германската авангарда од крајот на 19 и почетокот на 20 век...

Денес тешко би можеле да го одредиме кичот како уметност на среќата, затоа што среќата веќе не ја остварува самиот објект на желбата, туку пред сè неговата апропријација – купувањето. Многу современи теоретичари се склони кичот да го поврзат со наивно/спонтано производство на предмети кои не припаѓаат ниту во сферата на уметничката, ниту во сферата на потрошувачката продукција: тоа е конечен доказ дека кичот го направи едно од најинтересните и најамбивалентни патувања низ терминологијата и поимање на уметноста во поновата историја. Некои решенија можеме да побараме во постојната енциклопедија на кичот, кои барем панорамски покажуваат што во одредена културна средина може да се согледува како кич. Врз основа на тие енциклопедии, центарот за производство на кичот би биле тоталитарните режими, потрошувачката култура (книжевноста и визуелната уметност), популарната култура со најновите технологии, туризмот и непризнатите потрошувачки области, како што е порнографијата. Значи кичот се произведува и во културите на изобилство и во културите на немаштија, и кога не е непосреден производ на некој режим лесно добива статус на наивна уметност. Официјалниот кич на тоталитарниот режим (униформи, ордени, слики и сл.) добива нова улога на улиците на Берлин по падот на ѕидот; сиромашни сликари од Хаити на метри произведуваат наивна уметност (главно акрилик на платно) која преку границите се продава на туристите во Санто Доминго; мексиканскиот погребен кич ги краси европските станови; африканските дрвени маски понекогаш во пластика се „штанцаат“ во Кина, како и поголемиот дел од денешниот глобален кич.

Кичот не ги означува само уметничките и пара-уметничките, односно украсните предмети. Често станува збор за начин на живот, вид на храна, автомобили, музика, уредување на просторот... Тешко би можеле да одолееме на дефиницијата на кичот за кој било Дизниленд концепт, или воопшто за „тематските паркови“, „тематските празници“ и „тематизираните“ програми во „welneess“ центрите.

Еден од најинтересните начини за промислување на кичот се отвори неодамна со изложбата „Ефектот Тито“. Изложбата на светлоста на денот ги изнесе оние предмети кои никој досега не сакаше да ги украде: подароци што обичните луѓе му ги давале на Тито, примероци за наивна уметност и неумешни дела во сите можни техники. Тешко е да се замисли колку богат избор на кич нуди овој дел од изложбата: тука има светилки, прибори за пишување, комплети со алати и куп други „корисни“ предмети, кои претседателот би требало да ги користи во секојдневната работа и за украсување на своите простории. Овие предмети ја одржуваат состојбата на утописката имагинација за заедничкиот работен свет на оние кои ја подаруваат својата рачна работа и на оној кој го прима подарокот. Многу од овие предмети не се разликуваат од она што ние како освестени граѓани од развиениот свет го купуваме во fair-trade продавниците. При изложбата не е искористена можноста репродукции на предметите да се продаваат, што би ги привлекло не само носталгичарите, туку и заљубените во необичните и луди предмети од многу други ориентации. Токму врз примерот на оваа изложба може да се зборува за клучниот елемент на можната дефиниција на кичот денес: тоа се предмети или вид на однесување, културни навики кои бараат дополнително објаснување за секој друг освен за самиот корисник. Во светот во кој милиони се трудат своето секојдневие и својот свет да го претстават на што е можно поголем број анонимни други корисници, кич предметите подразбираат тајна, интимност и зачувување на сопствениот свет. Како спротивност на јавното и профанизација на вулгарноста, кичот одеднаш се појавува како можност на осамената слобода за создавање идентитет. Испраќачите на подароците, дури и ако се надевале дека Тито на работната маса ќе чува ламба од кочан на пченка, знаеле дека нивниот подарок потонува во нечија интима, и дека само случајно ќе биде виден во јавноста – но затоа оној што бил даруван засегаш ќе биде потсетуван на оној што дарувал, во ритуалната размена на подароци. Неочекуваниот аспект на правичноста на изложбата е токму во тоа што сите предмети, фрлени во магацинот додека Тито сè уште се сликал со оние што му го дале подарокот на балконот од Белиот двор, конечно ја здогледаа светлоста на денот, и дадоа клучни податоци за функционирањето на култот, за неговата скриена внатрешност. Историјата на кичот со нив ќе стане побогата – доколку авторите на изложбата се одлучат да објават публикација – и полесна за анализирање, на јасни посебни примери.

Извор: pescanik.net

Слични содржини

Општество / Балкан / Став
Општество / Балкан
Општество / Балкан
Општество
Општество / Европа
Општество / Европа
Општество / Европа

ОкоБоли главаВицФото