1015 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 09:59
Влада Урошевиќ
ВЕЧЕРЕН АВТОБУС
Тој автобус што плови навечер низ градот:
тоа весело чудовиште, тоа плашило.
Зад него остануваат непрочитани книги,
проѕирни куќи, матно зеленило.
Девојки што лижат сладолед го следат.
Небото се ниша зад него со тешка глава.
Место шофер генерал со ширити внатре се гледа.
Кучиња и пожарникари неговото минување го слават.
Тој автобус што плови навечер низ градот:
тие што немаат седнато во него ужасно грешат.
Сеедно дали вози само до Козле или до Кисела Вода
тој нè носи секогаш кон невидени нешта.
Ѓоко Здравески
АВТОБУСОТ Е РЕЧИСИ ПРАЗЕН
автобусот е речиси празен
кондуктерот ги проверува картите
шоферот се кара со патниците
патниците ги караат своите деца
циганка со бебе во рацете бара милостина
таму каде што патниците го чекаат својот кусур
пушачите ја допушуваат цигарата
и догорчето го фрлаат
до корпата за отпадоци
семкарот никогаш не грицка семки
заљубениот ѝ пишува порака на љубената
љубовникот на швалерката
на полковникот нема кој да му пишува
пензионерите читаат вечерње новости
и чуваат замастен чешел во внатрешниот џеб од карираното палто
оние што доцнат
стигнуваат навреме
оние што се веќе таму
чекаат
и сето ова
има некаква смисла
Горан Иванов Крстевски
ПАТ
заминав со бус
не оти ми е кус
или оти сум во плус
туку така
заминав
Иван Шопов
***
Момче ја чека девојката на автобуска станица. Но, тие се среќаваат уште пред таа да излезе од автобусот: тој гледа низ прозорците на автобусите што поминуваат, сѐ додека преку прозорското стакло на еден од нив не ја препознае и онаа што ја чека. Погледите им се сретнуваат, си мавтаат и на нивните лица се исцртуваат насмевки. Дури потоа таа слегува од металното чудовиште кое сепак има некаква своја магија среде рутинското повторување на патот меѓу две оддалечени точки од градот; но нивната средба веќе е остварена.
Ако постоите подолго на станицата, ќе забележите дека на овој начин се пречекуваат и роднини, пријатели, познаници, љубовници кои забораваат на тајната природа на нивната врска, деловни соработници, дури и непријатели кои едвај ги сокриваат притаените зли намери.
Сѐ додека постојат скопјани кои се среќаваат на овој начин, знам на која адреса живеам.
Избор: Иван Шопов