Лобирање за пеколот

22.11.2024 02:20
Лобирање за пеколот

Поголемиот дел од овогодинешниот климатски самит (ЦОП 29) во главниот град на Азербејџан, Баку, помина во атмосфера на меѓусебни обвинувања и жестоки антиимперијалистички говори и со тоа укажа на сè поголемото заострување на конфликтот помеѓу развиените западни земји, кои се одговорни за климатската криза, и земјите во развој кои трпат диспропорционални последици од оваа криза и сè повеќе го губат трпението. За разлика од претходните климатски самити, кога светските лидери ладнокрвно повторуваа празни ветувања, изгледа дека присутната емоционална напнатост на овогодинешниот самит укажува дека сите станаа свесни оти климатската криза достигнала точка од која нема враќање, но и ништо повеќе од тоа.

Во деновите кога се случуваше овогодинешниот 18-ти по ред ураган во Атлантскиот базен, а на Филипините шестиот тајфун во месецов, Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, 2024-та година ја опиша како „мастерклас за човечката деструкција“. „Семејства што бегаат за да ги спасат своите животи пред да удри следниот ураган, работници и патници кои колабираат на неподносливи жештини, поплави кои ги разоруваат заедниците и инфраструктурата, деца кои одат на спиење гладни зашто сушите ги уништиле културите, сите овие катастрофи се предизвикани од климатските промени што ги предизвикува човечкото дејствување“, изјави Гутереш при отворањето на самитот.

Малку подоцна, исто така драматично, на учесниците им се обрати и премиерот на Албанија, Еди Рама, кој во lounge-от за лидери на олимпискиот стадион во Баку доживеа епифанија. Рама реши да не го прочита подготвениот говор, туку наместо тоа опиша сцена во која учесниците на климатскиот самит „јадат, пијат, се дружат и се фотографираат, додека во позадина постојано се вртат слики од лидерите без звук“. „Токму тоа се случува во вистинскиот свет секој ден. Животот оди понатаму, со старите навики и нашите убави говори за борба против климатските промени кои не менуваат ништо“, изјави Рама и се запраша „што воопшто правиме на ваквите собири секоја година ако не постои заедничка политичка волја да преминеме од зборови на смислена акција?“

Потоа, албанскиот премиер ги критикуваше лидерите кои го „бојкотираа“ климатскиот самит, реферирајќи на фактот дека на самитот дошла само мала група од највисоките државни претставници, додека некои преставници дојдоа па си заминаа по неколку дена. Имаше и такви кои се појавија дури втората недела од самитот, па шефот на ОН за климатски прашања, Симон Стиел, ги „укори“ и им рече дека би било подобро да ги засукаат ракавите и да се посветат на најважната задача на овогодинешниот состанок, а тоа е договор за создавање фонд за прилагодување на земјите во развој на климатските промени, кој треба да изнесува еден билион долари годишно. Конечниот договор околу ова најважно прашање на самитот треба да биде постигнат на самиот крај од самитот, во среда на полноќ по азербејџанско време.

Освен големиот хаос во агендата, среде самитот дел од малубројните претставници на најголемите загадувачи од Баку отпатуваа за Рио де Жанеиро, каде започна самитот на земјите од Г20. Совпаѓањето на двата толку важни меѓународни состаноци е мошне невообичаена појава, но оптимистичките набљудувачи сметаат дека тоа би можела да биде можност дополнително да се притиснат земјите од Г20, имајќи предвид дека тие се одговорни за 80 проценти од вкупните емисии на јаглерод диоксид.

Како шлаг на тортата, на почетокот на самитот беше објавено дека избраниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој е ноторен негатор на климатските промени, за шеф на Министерството за енергетика го именувал Крис Рајт, обожавател на фосилните горива и извршен директор на компанијата Либерти Енерџи која ги опслужува нафтените платформи. Републиканската делегација се појави во Баку на почетокот на втората недела од самитот и веднаш одржа прес-конференција на која најави укинување на климатските политики на претседателот (поранешен) Џо Бајден.

Што се однесува до официјалните лица кои го напуштија самитот пред да се отвори прашањето за фондот за прилагодување, први тоа го направија претставниците на Аргентина, откако добија таква директива од својата влада. Аргентинските претставници не наведоа конкретен повод, па се претпоставува дека се во прашање „принципиелни“ причини. Имено, аргентинскиот претседател, неолибералот Хавиер Милеи климатската криза претходно ја опишуваше како „социјалистичка лага“, а најави и излез на Аргентина од Парискиот договор и укинување на министерството за заштита на животната средина.

Пред ненадејното заминување на Аргентинците скандал приреди и самиот домаќин на самитот, претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, кој во својот говор ја нападна Франција, обвинувајќи ја за „колонијални злосторства“ во нејзините прекуморски територии. Алиев мислеше на насилното гушење на протестите на автохтоното население во Нова Каледонија во мај, кога загинаа 13 лица, па француската министерка за животна средина Агнес Пање-Ронашер, го откажа понатамошното учество на климатскиот самит. Обвинувањата ги нарече „неприфатливо кршење на кодексот на однесување“ и во исто време му забележа на Алиев дека е лицемер. Нафтената држава Азербејџан планира да го зголеми производството на фосилни горива и покрај пресметките кои покажуваат дека на глобално ниво не треба да се започне ниту еден нов фосилен проект ако се сака да се задржи порастот на температурата на 1,5 степени над прединдустриското ниво.

И покрај тоа, за својот говор Алиев доби аплауз од делегациите на пацифичките островски држави, за кои Антонио Гутереш констатираше дека имаат целосно право да бидат лути на богатите држави, бидејќи „го извлекоа подебелиот крај од една колосална неправда". Нивните претставници остро го напаѓаа својот регионален хегемон Австралија, која исто така планира масовна експанзија на производството на гас. Изјавија дека овие проекти ќе резултираат со 125 пати поголема количина на стакленички гасови отколку што се тековните заеднички емисии на сите пацифички островски држави.

И шефот на преодната влада на Бангладеш, Мухамед Јунус, во своето обраќање ги обвини развиените земји за „неограничена потрошувачка", повикувајќи на создавање „нова култура без отпад, фосилни горива и лична добивка". Јунус ја нарече „понижувачка" ситуацијата во која сиромашните земји мораат да молат пари за решавање на проблеми кои не ги предизвикале. „Зошто воопшто да преговараме? Вие сте причина за проблемот, вие треба да го решите", изјави бенгалскиот економист кој за својот концепт на микрокредитирање на сиромашните доби Нобелова награда за мир во 2006 година. Премиерот на Пакистан, Шахбаз Шариф, го критикуваше моделот според кој сиромашните земји добиваат кредити за адаптација на климатските промени, наместо донации, бидејќи ова ги оптоварува со дополнителни долгови, додека потпретседателката на Иран кој е богат со нафта, се пожали дека санкциите на западните земји ја спречуваат зелената транзиција на Иран.

Според сегашниот договор, околу една третина од износот од еден билион долари годишно треба да платат развиените земји, преку кредити или директно финансирање, додека една третина ќе биде обезбедена од приватниот сектор. И додека земјите во развој сметаат дека сите трошоци треба да ги сносат развиените земји, тие не сакаат да дадат ниту една третина, а нема консензус ни околу тоа колку треба да придонесат нафтените држави, како на пример Саудиска Арабија, ниту големите загадувачи кои не спаѓаат во групата развиени земји, пред сè Кина.

Како едно од потенцијалните алтернативни решенија за полнење на фондот, работната група за „глобални даноци на солидарност" разработи идеја за собирање пари преку оданочување на криптовалутите, производството на пластика, авионските летови или вкупното богатство, а финалниот предлог на оваа идеја ќе биде претставен пред следниот климатски самит во Бразил. Гринпис пресмета дека само со минимално оданочување (2 проценти) на седумте најголеми фосилни компании, фондот за обештетување би се зголемил за 20 пати во првата година.

На овогодинешниот самит е забележан голем ентузијазам за зголемување на капацитетите на нуклеарната енергија, па сега со шест нови, вкупно 31 земја го поддржува барањето тие капацитети да се зголемат за трипати до 2050 година. Во вторникот, на 19 ноември, беше постигнат консензус за намалување на емисиите на метан од органски отпад, но очигледно е дека сите овие договори за помалку или повеќе маргинални прашања служат за прикривање на недостигот на политичка волја за договор околу најважната климатска цел, а тоа е транзицијата од фосилни горива. На почетокот на самитот беше претставен извештај кој покажа дека годинава емисиите на стакленичките гасови се зголемиле, иако за да се ограничи температурата тие до 2030 година треба да се намалат за 43 проценти.

Во февруари треба да продолжат преговорите околу т.н. „национално определени придонеси" (НДЦ), намалување на емисиите што секоја поединечна држава е подготвена да го понуди за реализирање на Парискиот договор. Домаќинот на следниот самит, Бразил, тоа веќе го направи, и тоа мошне амбициозно, но впечаток е дека овој план не споменува транзиција од фосилни горива, туку напротив, Бразил планира значително да го зголеми сопственото производство на фосилни горива. Бразил, благодарение на огромните ресурси на хидроелектрична енергија, се позиционираше како еден од предводниците на зелената транзиција, но најавите за започнување нови фосилни проекти во земјата со едни од најголемите природни складишта на јаглероден диоксид, особено загрозената амазонска прашума, се мошне депресивни.

Генерално, на овогодинешниот самит лобирањето на фосилната индустрија повторно го сруши историскиот рекорд. Кон крајот на првата недела на самитот беше објавено дека присуствуваат 1.773 лобисти на индустријата за јаглен, нафта и гас, како и повеќе од 200 лобисти на земјоделската индустрија. На самитот имаше и речиси 500 „ЦЦС лобисти" (Carbon Capture and Storage), односно оние што лобираат за технологијата за извлекување и складирање на јаглероден диоксид. Станува збор за технологија што индустријата за фосилни горива веќе ја поддржува со децении како примарен инструмент за декарбонизација, но и покрај тоа што бројни студии покажаа дека самата технологија не е успешна, уште поголем проблем е што ЦЦС е типична идеја за „гринвошинг", која на индустријата за фосилни горива ѝ овозможува да продолжи со производството. На овогодинешниот самит, технологијата ЦЦС се промовираше многу агресивно, а бројот на нејзините лобисти беше дури петпати поголем отколку што беше случај на минатогодишниот самит во Дубаи.

Заради сето ова, група влијателни климатски и други експерти, меѓу кои и поранешниот главен секретар на ООН, Бан Ки-Мун, испратија отворено писмо во кое го критикуваат постојниот модел на климатскиот самит како концепт кој веќе не ѝ служи на својата цел, поради што климатските преговори треба целосно да се реформираат. Освен што сметаат дека присуството на лобисти од фосилната индустрија треба значително да се регулира, потписниците на писмото предлагаат и почеста динамика на состаноците, како и тие да не се одржуваат во земји кои не се доволно посветени на напуштањето на фосилните горива, како што се домаќините на овогодинешниот и минатогодишниот самит, нафтените држави Обединетите Арапски Емирати и Азербејџан.

Слики: Murmure Street

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото