Најдоброто решение за Израел

09.03.2011 13:45
Единствена држава е најдоброто решение за Израел

Во Израел има сè повеќе иницијативи – кои потекнуваат од официјални органи, рабини и приватни организации, како и од групи на локални жители – да се спречат меѓурасните љубовни врски и бракови. Во источен Ерусалим, групи праведници патролираат низ улиците и го спречуваат мешањето на Арапите со локалните Еврејки. Пред две години, во градот Петах Тиква, е отворена телефонска линија за родители и пријатели кои сакаат да ги пријават Еврејките кои се врткаат околу Арапите; овие жени потоа се третираат како патолошки случаи и се испраќаат на психолог.

Во училиштата во Кирјат Гат, на северот од земјата, во 2008 година е започната програма преку која учениците се предупредуваат на опасностите од забавувањето со Бедуините. На девојчињата им е прикажуван филмот „Спиење со непријателот“, во кој мешаните парови се опишуваат како „неприроден феномен“. Рабинот Шмуел Елијаху за еден локален весник изјави дека „заведувањето“ на младите Еврејки претставува „уште една форма на војна“, а верската организација Јад Л’Ахим изведува практично воени операции за спасување на жени од „непријателските“ арапски села, во соработка со полицијата и со војската. Пред две години, владата ја поддржа рекламната кампања, подоцна прекината, која ги повикуваше израелските Евреи да ги пријават своите роднини во странство на кои им се заканува опасност да влезат во брак со неевреи.

Не е ни чудно што, според една анкета од 2007 година, повеќе од половината од израелските Евреи верува дека мешаните бракови треба да се сметаат за „национално предавство“. Кон крајот на минатата година, рабинот Ари Шват, експерт за еврејско право, на сето ова додаде и доза на лакрдија, дозволувајќи еден исклучок: на Еврејките им е дозволено да спијат со Арапи, доколку тоа го прават со цел да собираат податоци за некоја антиизраелска активност – но, поприфатливо е за тоа да се користат немажени жени.

Првото што паѓа во очи е родовата асиметричност. Бранителите на еврејската чистотија се загрижени затоа што Палестинците ги заведуваат младите Еврејки. Шефот на социјалното одделение во Кирјат Гат изјави: „Девојките, од наивност, одат со користољубивите Арапи“. Овие кампањи се уште подепресивни поради тоа што се спроведуваат во релативно мирно време, барем на Западниот брег. Секој кој е заинтересиран за мир би требал да се радува на дружењето на палестинската и еврејската младина, зашто тоа ја намалува напнатоста и придонесува за секојдневниот заеднички живот.

До неодамна, Израел често беше мета на терористички напади, а либералните, мирољубиви Евреи ја повторуваа мантрата дека кога тие би ја признале неправедната окупација на Западниот брег, другата страна би морала да престане со бомбардирањата пред да почнат вистинските преговори. Сега кога нападите драстично се проретчени, главната форма на тероризмот е континуираниот, секојдневен притисок на Западниот брег (труењето на водата, палењето на посевите и палењето на џамиите). Дали треба да заклучиме дека, иако насилството не успева, запирањето на насилството успева уште помалку?

Ако нешто може да се научи од овие развлечени преговори, тогаш тоа е фактот дека најголемата препрека за мирот е токму она што се нуди како реално решение – создавањето две одвоени држави. Иако тоа не го сака ниедна од страните (Израел веројатно повеќе би сакал делови од Западниот брег од кои е подготвен да се одрекне, да му припаднат на Јордан, додека Палестинците сметаат дека земјата која Израел ја зазеде во 1967 година е нивна), формирањето на две држави некако се прифаќа како единствено изводливо решение, што го потврдува непријатното протекување на палестинските документи за преговорите во јануари.

Двете страни како нереално сонување го отфрлаат токму наједноставното и најочигледно решение: двонационална секуларна држава, составена од целиот Израел, од окупираните територии и од Газа. Многумина тоа ќе го оценат како утописки сон, дисквалификуван од историјата на омраза и насилство. Но, тоа воопшто не е утопија. Двонационалната држава уште сега е реалност: Израел и Западниот брег се една држава. Целата територија де факто е под контрола на една суверена власт – Израел – и е поделена со внатрешни граници. Ајде тогаш да го укинеме постојниот апартхејд и од оваа земја да направиме секуларна, демократска држава.

Ништо од ова не е оправдување за терористичките напади. Имено, тоа е единствената позиција од која можеме без лицемерие да го осудиме тероризмот. Добро ми се познати илјадагодишните страдања на Евреите. Тажно е тоа што многу Израелци, судејќи по сè, се обидуваат од единствената еврејска нација да направат уште една обична нација.

Пред сто години, Гилберт Честертон укажа на основниот парадокс со кој се соочуваат критичарите на религијата: „Луѓето кои застануваат против Црквата заради слободата и хуманоста на крајот се одрекнуваат од слободата и од хуманоста само за да се борат против Црквата... Секуларистите не ги уништија божествените нешта, но ги уништија секуларните нешта, ако тоа им е некоја утеха“. Зарем истото не важи и за заговорниците на религијата? Колку бранители на религијата почнале со напади на современата секуларна култура, а завршиле со отфрлање на какво било значајно верско искуство.

Слично на ова, многу либерални воини со толкав жар влегуваат во борбата против антидемократскиот фундаментализам што на крајот ја отфрлаат слободата и демократијата само за да се борат против тероризмот. На некои толку многу им е важно човечкото достоинство што се подготвени да ја легализираат тортурата – крајната деградација на човечкото достоинство – само за да ја одбранат. Што се однесува до бранителите на еврејската чистина: тие толку сакаат да ја заштитат што се подготвени да се откажат од самата суштина на еврејскиот идентитет.

Извор: pescanik.net

ОкоБоли главаВицФото