Депониите како „канцерогени бомби“

25.11.2024 09:28
Депониите како „канцерогени бомби“

Депониите како „канцерогени бомби“ - има ли спас од отровниот чад?

 

Пренесено од: Дојче Веле

Иницијативата „Збогум Буково“, којашто доби поддршка од 50 невладини организаци и месни заедници коишто гравитираат околу депонијата, не се откажува од барањето за итно затворање на охридската депонија Буково и изградба на регионална депонија, каде што ќе се складира отпадот. Тие досега имаат собрано бројни потписи на петицијата чија цел е гласно да се проговори за проблемите коишто ги тиштат граѓаните поради секодјевното загадување на воздухот од чадот на депониите.

„Решавањето на проблемите со депонијата Буково мора да стане приоритет за надлежните. Мора да се изнајдат начини во најкраток можен рок да се надмине овој проблем, оти не може повеќе да се чека“, вели за ДВ Драгана Карашова од Иницијативата „Збогум Буково“.

Тие се решени дека повлекување нема. Бараат да отпочнат процесите за изградба на регионалната депонија во Новаци, како и санација и затворање на депониите „Буково“ и „Мауцкер“.

„Пробиени се сите рокови, градот Охрид се труе од депониите. Планот за затворање на депонијата Буково беше затворање на депонијата до 2020/21 година, а проблемот не е решен, се тапка во место, проблемот е заглавен во процедури. Сведоци сме дека отровните чадови секојдневно стигнуваат во градот, мерните станици секојдневно регистрираат загадувања, а здравјето на граѓаните не може да чека“, порача Ѓоко Зороски, еколог од Охрид и еден од активистите на Иницијативата „Збогум Буково“ на собирот којшто се одржа на 9 ноември.

Чадот од Буково и Мауцкер веќе долго време го загадува воздухот во Охрид и околината

 

Граѓаните се гушат во чад, надлежните молчат

Чадот од Буково и Мауцкер веќе долго време го загадува воздухот во Охрид и околината. Дивите депонии се закана и за Струга, каде мештаните често алармираа за тешката миризба која што го загрозува нивното здравје. Иако во најава е изградба на регионална депонија во југозападниот дел на земјата, решение уште нема.

И жителите на Кочани три недели го блокираа регионалниот пат од Кочани кон селото Бели. Бараа затворање на кочанската депонија, која во меѓувреме стана привремена регионална депонија за ѓубрето и од околни општини. Протестот беше ставен во мирување, откако беше одлучено на депонијата ќе се носи само кочанскиот смет, сè додека не се најде фирма која ќе се грижи за безбедноста на депонијата. Но, проблемот е далеку од решен.

Незадоволство од чадот од депониите, којшто секојдневно го труе воздухот, има и во останатите делови на земјата. Екологистите во повеќе наврати посочија дека чистиот воздух и здравата животна средина се основно човеково право, а не луксуз. Тие бараат трајни и одржливи решенија за дислоцирање на депониите од населените места, со што ќе се заштити здравјето на граѓаните. Укажуваат дека затрупувањето на запалив отпад, особено ако станува збор за индустриски или хемиски отпад, може да има сериозни последици на локалниот екосистем.

Речиси во секоја населба се создаваат мини депонии коишто го загрозуваат здравјето на граѓаните.

 

„Канцерогена бомба“

Зелената партија Демократска Обнова на Македонија – ДОМ како вонпарламентарна партија бара од пратениците да поднесат амандмани на буџетот за 2025 година во делот на обезбедување средства за довршување на ремедијацијата на малата депонија со изомери на НСН (линдан) во ОХИС Скопје во висина од 7 милиони евра.

„Сакаме да укажеме дека актуелното загадување на амбиенталниот воздух со ПМ 10 и ПМ 2,5 честички во комбинација со емисиите на канцероцени честички од изомери на НСН од депоните во кругот на ОХИС е „канцерогена бомба” која предизвикуваат малигни заболувања кај граѓаните на метрополата и пошироко“м велат од партијата.

Владата во буџетот за 2025 година на Министерството за животна средина испланирала средства за довршување на малата депонија во ОХИС во висина од само 35 милиони денари ( 500.000 евра). Затоа се апелира до пратениците да покажат висока свест и одговорност и со надпартиски концензус за добробит на здравјето на граѓаните, во делот на буџетот за 2025 да поднесат амандмани за обезбедување средства за целосен третман на оваа жешка точка.

Но, не е само оваа црна точка во главниот град. Чадот од дивата депонијата „Вардариште“ редовно ги труе скопјани, а речиси во секоја населба се создаваат мини депонии коишто го загрозуваат здравјето на граѓаните. Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје само минатата недела изготвила вкупно 22 едукативно-информативни записника за граѓани и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини во скопските општини Центар, Карпош, Гази Баба, Чаир и Бутел.

Интервентните еко-патроли имаат деноноќни дежурства на т.н. „црни точки“, односно локациите каде што е забележано континуирано непрописно одлагање отпад. Само за седум дена биле отстранети вкупно 57 кубни метри непрописно одложен претежно градежен и кабаст отпад.

Критични точки

Проценките на Националниот план за управување со отпад се дека во земјата има над 2.000 нелегални депонии, како и 54 нестандардни комунални депонии со кои управуваат јавните комунални претпријатија и две коишто се во согласност со стандардите - Дрисла и во Дојран.

Според податоците на Државниот завод за статистика, само во 2023 година над 250.000 тони комунален отпад завршил на дивите депонии. Најголемо количество на собран комунален отпад е забележано во Скопскиот регион – 169.515 тони или 27,3 проценти од вкупното собрано количество.

Во 2010 година беше изработена рамка за изградба на пет регионални современи центри за отпад, а од 2012 започна изработката на првите документи и планови. Според планираните документи, во Русино треба да биде изградена регионална депонија за Полошкиот регион, Дрисла да биде за Скопски регион, Новаци за Југазападен и Пелагониски регион, Добрешинци за Југоисточен и Врадарски регион и Свети Николе за Источен и Североисточен регион.

Во Русино треба да биде изградена регионална депонија за Полошкиот регион

 

Анализи и планови

Но, и покрај тоа засега ниту една од регионалните депонии не е започната. Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) порачаа дека државата е длабоко навлезена во процесот на воспоставување на регионален систем за управување со отпадот во Источниот и Североисточниот регион што треба да резултира со трајно, одржливо и безбедно управување со отпад.

„Самиот процес е комплексен и опфаќа повеќе работни задачи. Досега се набавени возила и опрема за собирање на отпадот за сите општини во двата региона( вкупно 18) во вредност од 8 милиони евра. Во моментов во тек е затварање на нестандардните депонии и ѓубришта во Источниот Регион, се очекува во најбрзо време да започне и во Североисточниот Регион“, најавуваат од Министерството. Во втора фаза, следува затварање на нестандардните депонии во двата региони, по што целокупниот отпад ќе се одлага на Централната депонија во Свети Николе преку трансфер станиците.

Анализите на надлежните покажале дека најекономично решение за Пелагониски, Југозападен, Вардарски и Југоисточниот регион е да воспостават заеднички меѓурегионални системи за управување со отпадот, односно Пелагонија и Југозападен еден заеднички систем и Југоисточен и Врадарски регион еден заеднички систем.

Овој пристап се смета дека ќе овозможи реализација на подобро собирање, транспортирање и отстранување на отпадот и изградба на две санитарни депонии согласно националното и ЕУ законодавството за депонии. Оваа инвестицијата вклучува и набавка на контејнери за комунален отпад и набавка на возила за собирање на комунален отпад и воведува систем на примарна селекција во две канти, сува и мокра фракција. Сувата фракција ќе оди во инсталации за секундарна селекција и во инсталации за преработка на отпад. Мократа фракција ќе оди за депонирање.

За локацијата во Мегленци, пак, се подготвува проект врз основа на кој ќе се распише тендер за изведба на градбата. Оваа постапки ќе се заврши во втората половина на 2025 година. Изградбата се очекува да заврши во 2027 година.

ОкоБоли главаВицФото