Постоиш ли, Алиса?

25.11.2024 16:11
Постоиш ли, Алиса?

Кон изложбата на фотографии „Постоиш ли Алиса?”

„Замислете смели, испакнати и – да речеме – заканувачки карпи, грмотевици и облаци што се собираат на небото и се движат проследени со молњи и грмежи, вулкани со сета своја разрушувачка моќ, урагани со сиот пустош што го оставаат зад себе, бескраен океан што се издига до небото, високи водопади на моќна река и слични појави. Во споредба со силата на кое било од овие појави, нашата способност да се спротивставиме станува незначителна ситница. Сепак, нивниот одраз станува сè попривлечен колку што е пострашен, се разбира, доколку сме на безбедно место. И ни е пријатно да ги наречеме овие појави возвишени, бидејќи ја издигнуваат силата на душата над нејзиното вообичаено ниво и ни овозможуваат да откриеме во себе способност за отпор од сосема поинаков вид, која ни дава храброст [да веруваме] дека би можеле да ѝ парираме на привидната семоќ на природата.“ (Имануел К. The Critique of Judgment. 1987[1790]: 120.)

Каде си?

Постоиш ли?

Можеби си веднаш зад аголот. Но чекај, застани. Немој
да заминеш. Те губам низ просторот. И уште паѓам во дупката, не наоѓајки причини или одговори на многу прашања.

Изложбата „Постоиш ли Алиса?“ на авторката Јелена Белиќ претставува визуелна наратива на едно исклучително патување на портрети во простор каде фотографиите се движат од лик до лик, формирајќи единствена целина во црно бело. Секоја фотографија суптилно и директно комуницира со гледачот, за на крајот – односно, на почетокот – да открие една заедница која патува на аголот на времето. Портретирањето нè носи до возвишеното – каде протагонистите цврсто стојат наспроти белината како една метафора за минливоста на времето и човековата маленкост пред моќта на природата.

Фотографиите од изложбата се реализирани во рамки на сетот за краткиот црно-бел нем филм на Колектив Ветерница и Трисомија 21 со работен наслов „Чуда во земјата на Алисите“ реализиран од 15-ти до 18-ти јануари 2023-тата година.

Инспирирана од принципот на мултиплицирање на ликот на Алиса, задржувајќи ја сценографијата, костимографијата и актерите на филмот, авторката застанува надвор од целото сценарио и во соработка со целиот тим наместо документирање зад сцената создава своја фото приказна спроти камерите, во која прави сублимат меѓу архитектурата, фотографијата и човекот.

Отсуството на боите става акцент на самите субјекти, како и на формата на просторот, а na портретите може да се гледа и како на филмско ехо. Тие се двојници и сенки, врамени чинители во статичен однос со просторот, за разлика од немиот филм каде нивните изрази и движења се ослободени и директно ја обликуваат приказната.

„Со оваа изложба сакам да создадам визуелна приказна на уште една Алиса (во случајов можеби јас како наратор) и бескрајно можните опции на Чудо (Простор) + Алиса (Човек) и нивните мултидимензионални испреплетени односи“, вели Јелена Белиќ, авторката на овој серијал.

Портретите се во хармонија или во контраст со геометриските карактеристики на просторот како метафора на зајачка дупка, каде авторката започнува лична креативна одисеја во фоајето на Македонската Опера и Балет (МОБ). Со својот нежен – а моќен – сензибилитет визуелно ни пренесува нов слој на безвременската приказна за Алиса кој се губи и се пронаоѓа себе си во разноразни очудени ситуации, среќава различни ликови во секогаш подместените просторни обликувања.

Таа вешто си поигрува со впечатливите пропорции, острите агли, белите површини, сјајот и светлината што ја исполнува внатрешноста на самиот објект. Од таму ги црпи елементите на композицијата, понекогаш апстрактни, понекогаш сплотени со самиот портретиран субјект или, пак, во доминација на истиот.

Во целината и самите портрети стануваат навидум неподвижни санти мраз кои пловат во отворениот Арктик. Преку оваа визуелна приказна Белиќ нѐ потсетува дека и во најминливите моменти нашата способност да создаваме е нашиот најмоќен одговор на семоќта на природата. На гледачите им останува да се доближат пред човечките облици и да го насетат нивното неизбришливо и загатнувачко присуство во просторот кој што преку својата симболичност и грандиозност несомнено го провоцира прашањето каде е моментот помеѓу крајот и бесконечноста.
Тука сме, Алиса!

Кон изложбата на фотографии: “Постоиш ли Алиса?”

Автор: Јелена Белиќ

Куратор: Иван Блажев

Текст: Билјана Димитрова и Стефан Алијевиќ

Лектор: Ѓорѓи Крстевски

Костимографија: Магдалена Таневска и Ангела Бикова

Шминка: Моника Вучковиќ

Дизајн: Тања Вукобрат

Продукција: Партизанска Штампа

Ноември 2024, Скопје





Слични содржини

Фотографија / Култура / Настан
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Фотографија / Книжевност / Култура
Јавни простори / Фотографија
Општество / Активизам / Живот / Филм

ОкоБоли главаВицФото