1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 07:59
Според истражувањето на Националниот демократски институт (НДИ), во првата половина на 2024 година биле идентификувани 3.380 коментари со сексистички говор против жените во политиката, што е изразено особено во периодот пред изборите. Проблемот се влошува поради недостаток на соодветната регулација на гореспоменатите социјални платформи, кои честопати не успеваат ефективно да ги адресираат тековните прекршувања што се случуваат врз жените во јавноста, како и поради неказнивоста на овие случаи од релевантните органи. Овој недостаток на одговорност негативно влијае не само врз поединечните жени што се соочуваат со овие напади, туку и врз севкупните напори да се создаде јавен дискурс што ќе се почитува.
Вкоренетите стереотипи за улогите на жените во општеството често се користат како оружје за напад врз жените што ги предизвикаат традиционалните норми и заземаат раководни позиции. Така „ВИП“ обично се ставаат во тешка позиција, каде што нивниот јавен живот го загрозува нивниот приватен живот. За разлика од мажите, кои често се соочуваат со критики за нивните професионални вештини, жените се соочуваат со напади што вклучуваат неоправдано нарушување на нивната приватност. Која и да е нивната јавна позиција, во политиката, медиумите, бизнисот или во шоубизнисот, во ваквите случаи, нивната професија, достигнувања и талент обично се занемаруваат и наместо да им се презентираат вештините, тие се мета на нивниот морал како жена. Има многу примери што можеме да ги земеме за да го илустрираме постоењето на оваа социјална проблематика.
Медиумски „инциденти“ на говор на омраза кон жените во јавната сфера
Пред еден месец, познатата пејачка од Скопје, Аделина Тахири, по којзнае кој пат стана мета на говор на омраза. Имено, под oбјавата на Фејсбук од страна на АТВ, дел од емисијата каде што гостуваше Тахири, каде што таа зборуваше за своите брачни и семејни односи, имаше многу навредливи коментари главно засновани на пол. Пејачката и претходно била жртва на ваквите коментари, особено поради бракот со етнички Македонец, кога нејзиниот брат се оженил со Македонка, па дури и кога таа се истакнала на партискиот митинг на ВМРО – сето тоа одразува лични избори и е дел од нејзиниот приватен живот. Овој вид говор не само што ја оцрнува нејзината уметничка активност, туку и укажува дека родовите стереотипи сè уште постојат во општеството во кое доминира патријархатот.
Друг пример, исто така идентификуван на социјалните мрежи, е кога пејачката Биг Мама стана мета на говор на омраза откако беше објавено видео снимено од Balkan.info на Tикток и емитувано од порталот in7.tv каде што е видена како пее српски песни во кафеана. Коментарите насочени кон неа се полни со навреди, комбинирајќи го говорот на омраза заснован на пол со говорот на омраза заснован на етничка основа, со што се зајакнуваат дискриминаторските наративи и етничките поделби.
Исто така, меѓу неодамнешните случаи е и оној на Калтрина Зеколи, во моментов заменик на министерот за транспорт во РСМ, која исто така се соочува со остри напади поради своите политички ставови. Поточно, пред неполн месец во емисија за ТВ21 таа изрази благодарност до претседателот на партијата Изет Меџити, кој, според неа, имал важна улога во нејзиното формирање во политиката, со што ја поддржал нејзината одлука да биде покрај него во новата поделба на политичката структура. Порталот „Експлус“ го искриви овој материјал манипулирајќи ја и поврзувајќи ја со фотографија на која Зеколи се појавува како седи со уште неколку луѓе пред маса полна со пари, под наслов „Калтрина Зеколи со многу пари на масата на Изет Меџити во Општина Чаир“. Овој тип објава, кој сам по себе содржи говор на омраза од самиот медиум, предизвика многубројни сексистички, мизогински и погрдни коментари за нејзината личност.
Исто така, неодамна, пратеничката на ВЛЕН, Саранда Имери, со коментари на ваков говор беше нападната во објава на ТВ21 на дел од нејзиното интервју за овој медиум, каде што раскажува за тоа дека порано била уметник, сега е политичар, додека дипломирала англиски јазик. Навредливите коментари само ја потврдуваат хипотезата дека различноста на жените и нивните достигнувања во многу области, во нашето општество, имаат тенденција да се гледаат со осудувачко око, пред да се сметаат за успех на напорот и вложувањето што тоа го подразбира.
Повеќе од логично е ваквите напади да им отежнат на жените активно да се вклучат во политиката и во јавниот живот, создавајќи непријателска средина што ја поткопува родовата застапеност. Ефектот на родово базиран говор на омраза и клевета оди подлабоко од едноставно оштетување на угледот на поединците. Тие создаваат клима на страв и обесхрабрување што ги спречува другите жени активно да се вклучат во јавниот, политичкиот и во културниот живот. Овој феномен ја продлабочува родовата нееднаквост на јавните простори и предизвикува жените да бидат помалку присутни и застапени.
Експертите: Говорот на омраза кон жените е нормализиран
Експертите наведуваат дека онлајн насилството врз жените е нормализирано во голем обем.
Од Институтот за човекови права, истражувачката Кристина Дода нè информираше за наодите на едно од најновите истражувања за уште повознемирувачкото прашање на онлајн родовото насилство (или таканареченото сајбер малтретирање), со целната група – средношколците во РСМ.
Дода нè информира дека младите девојки се најчести жртви на овој вид вознемирување.
„Родовите стереотипи, предрасудите и традиционалните улоги ги зајакнуваат културните (насилни) форми на однесување во физичкиот и во онлајн просторот. Додека за момчињата, вознемирувачкиот наратив главно се среќава во профилите што отстапуваат од општоприфатените норми на хетеронормативност, нашите анализи покажуваат дека наративот кон девојчињата е главно со сексуална конотација, со мизогински и сексистички коментари“, вели таа.
Ваквите наоди сугерираат дека изворот на тенденцијата да се судат жените што постигнуваат некаков успех во јавната сфера, се негува во детството.
Од друга страна, активистката Билјана Бејкова, чија дејност се протега на областа за заштита на правата на новинарите и на жените, додаде дека покрај негативните коментари, како изворен фактор на антиродовото движење треба да се гледа и родовата дезинформација која ги поткопува правата на жените.
„Овие штетни наративи имаат за цел да ги дискредитираат, да ги девалвираат и да ги заплашат жените. Дезинформациите за родовите не само што го ограничуваат учеството на жените во јавната сфера, туку и поттикнуваат култура на нетолеранција и омраза, што е спротивно на основните демократски начела на еднаквост и правда. Со оглед на сето ова, исклучително е важно овие наративи и дезинформации да се препознаат како дел од пошироките напори за поткопување на родовата еднаквост и да се развијат стратегии за нивна превенција и искоренување“, елаборира Бејкова.
Императив е актуелната ситуација да се третира сериозно, барајќи постојана реакција од властите и од медиумите. Властите треба да ја зајакнат правната рамка и да обезбедат соодветна имплементација на законите против родово базиран говор на омраза преку обезбедување соодветните казни. Во меѓувреме, медиумите имаат одговорност да промовираат јавен дискурс, кој се почитува и кој не толерира напади врз жените, одржувајќи професионален стандард на известување и контролирање на коментарите на релевантните платформи. Само преку таков пристап може да се создаде безбеден и поддржувачки простор, каде што жените ќе се чувствуваат слободни да учествуваат активно во јавниот живот, придонесувајќи за еднаква родова застапеност и социјален развој.
Сара Миленковска, истражувач за родова еднаквост и соосновач на мрежата „Стела“, објасни дека говорот на омраза кон жените е толку нормализиран што стана стандарден говор за начинот на кој одредени политичари, медиуми и, за жал, граѓаните, се однесуваат, зборуваат и ги портретираат жените во политиката, во јавниот живот и во нивниот приватен живот.
„Само погледнете ги резултатите на говорот на омраза кон политичарките за време на изминатите избори, што директно влијае врз желбата и можностите за повеќе жени да се вклучат во заштита на нивните права преку политиката. Сепак, жртви не се само жените во политиката, туку женските тела, нивното присуство во јавноста со самото нивно постоење – веќе е мета на говор на омраза. На пример, Олимписките игри и начинот како се зборува за различните жени покажува дека говорот на омраза не се заснова само на пол, туку и на нееднаквост во однос на расизмот, ксенофобијата и исламофобијата. Нееднаквоста со која се соочуваат жените е меѓусекторска, односно на повеќе нивоа“, рече Миленковска.
Таа додаде дека антиродовите движења, како и игнорирањето и институционалното деинвестирање во борбата за послободен и еднаков свет, само ја отежнуваат секоја заложба за промени.
Говорот на омраза во РСМ е казниво дело
Законот за заштита и спречување на дискриминација забранува поттикнување дискриминација и вознемирување по дискриминаторска основа.
Кривичниот законик во Северна Македонија наведува неколку кривични дела мотивирани од говорот на омраза, вклучително и оние извршени преку интернет.
Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги забранува пренос на медиумски содржини што поттикнуваат или промовираат дискриминација, нетолеранција или омраза.
Инаку, анализата на Portalb.mk објавена на крајот на 2023 година покажува дека во Северна Македонија во последните години се зголемени случаите на говор на омраза на интернет. Податоците покажуваат дека најпогодени од овој проблем се жените, главно јавните личности. Од друга страна, институциите не прават доволно во оваа насока, додека граѓанското општество и меѓународните извештаи се постојано алармантни.
Слики: Yoshitomo Nara
https://meta.mk/