1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 08:59
Денес често застапена и банализирана во секојдневниот говор (на пример, придавката „шизофрен“ или „шизофрени“ колоквијално се користи како обележје за лицата кои се ексцентрични), шизофренијата како болест претставува навистина голема непознаница за пошироката заедница. Меѓу другото, со неа се поврзува стигмата на заболените како физички агресивни лица која всушност е нереална зашто за лицата со шизофренија постои поголема веројатност дека се жртви на насилство отколку сторители. Станува збор за психичка болест која вклучува голем број симптоми, со заеднички аспект дека заболените лица (иако во својата манифестација на болеста немаат нужно „исти“ проблеми) наидуваат на потешкотии во разликувањето на реалните од нереалните дразби и мисли.
Шизофренијата, покрај другите таканаречени шизоактивни пореметувања, спаѓа во групата психотични пореметувања специфични според манифестирањето и времетраењето на симптомите. Тие можат да вклучуваат и промени на расположението како важен дел во дијагностиката, но најчесто станува збор за халуцинации и мрачни идеи под закрила на проблематиката за неможност за распознавање на реалните дразби, мисли и ситуации од нереалните. Она што го знаеме денес е дека шизофренијата има одредена генетска компонента и најчести се случаите во адолесценцијата и раната возрасна доба (приближно до 25-тата година од животот, при што појавноста кај мажите е почеста во адолесценцијата, а кај жените во раната возрасна доба). Шизофренијата исто така се покажа како генетски најзаснована болест од сите психијатриски состојби, што значи дека, според некои истражувања, веројатноста за развивање шизофренија е поголема дури и до десетпати кај роднините (браќата/сестрите и децата на заболените) во однос на општата популација. Таа претставува болест на развојот на мозокот и кај заболените лица постои биолошка основа, односно генетска предиспозиција за развој на болеста, иако за самата појавност придонесуваат и факторите од средината, но тригерите не ни се сосема познати. Значи, кога зборуваме за причината за оваа болест, најверојатниот одговор лежи во интеракцијата и околностите произлезени од бројните биопсихоцоцијални фактори.
Што е „реално“ во шизофренијата?
Шизофренијата е тип на болест во која сипмтомите на повеќе нивоа го зафаќаат функционирањето на личноста, влијаат на нејзините мисли, емоции и однесувања, а интензитетот во секој аспект може да варира од личност до личност. Симптомите типично се класифицираат во групи позитивни и негативни симптоми но и други, кои не се вклопуваат во претходните групи според логиката на поделбата.
Можеби се прашувате како симптомите на болеста можат да бидат „позитивни“ - и тоа е сосема оправдано прашање - а одговорот лежи во тоа што симптомите го менуваат и „додаваат“ одредени аспекти на нормалното функционирање на личноста. Типично, некои од позитивните симптоми се халуцинациите, делузиите или налудничавоста и пореметувањето на размислувањето или попречениот говор, најчесто во вид на неорганизирано размислување и идеи, што се согледува и во говорот на личноста (некохерентно зборување, губење на текот на мислата, отежнато задржување на темата на разговор и слично). Позитивните симптоми вообичаено ја искривуваат перецепцијата или доживувањето на заболената личност, што доведува до погрешно толкување на реалноста, а истовремено се нетипични за општата популација, што ја олеснува дијагностиката преку препознавањето и пристапот на лицата со шизофренија.
Од друга страна, негативните симптоми вклучуваат влошување и во екстремни ситуации нарушување на нормалното функционирање. Во оваа група се соочуваме со симптоми како што се намалувањето или губењето емоционални реакции, експресии и гестови или емоционална затапеност, анхедонија (намалување или губење интерес или можност за доживување задоволство во активности кои претходно ѝ причинувале задоволство на личноста), аволиција (намалена мотивација за започнување и одржување смислени активности, позната и како апатија) и алогија, позната и како „сиромашен говор“.
Третата група симптоми се однесуваат на симптомите надвор од шемата позитивно-негативно. Примери за овие симптоми во литературата се кататоничната неподвижност (заземање необичен став на телото во кој личноста може да остане подолг временски период) или, пак, зголемената општа активност кај некои пациенти. Исто така, во оваа група симптоми е и несоодветниот афект, односно неусогласеноста на емоционалните реакции со контекстот на ситуацијата во која се наоѓаат лицата - како што се бесните реакции на ситуации во кои им се поставени едноставни прашања или, од друга страна, реакции со смеење во сериозни ситуации и ситуации кои типично доведуваат до намалено расположение кај другите лица. Овој симптом не е меѓу најчестите, но, кога ќе се појави, има голема дијагностичка вредност зашто укажува на извесна ненадејност при премин од еден вид емоционални реакции до други без очигледна причина. Исто така, многу заболени изразуваат облици на бизарно однесување, како што се разговарањето со себеси во јавност, натрупувањето предмети или отпад и слично.
Со оглед на тоа колку наведените симптоми ја искривуваат реалноста на личноста, може да биде тешко од позиција на посматрач да се замисли како е да се живее со шизофренијата и да се разбере оваа состојба. На Јутјуб низ годините се појавуваа бројни видеа со „симулации“ на симптомите на шизофренијата, разновидни халуцинации кои ги има заболената личност и ефектите од симптомите во секојдневието. Се разбира, сите овие видеа не се веродостојни и не ја прикажуваат вистинската слика зашто ја стереотипизираат оваа состојба, затоа - ако веќе не се потпираме на проверени извори, туку нè интересира субјективното доживување на личноста - предлагаме да се анализира како реагира лицето со шизофренија на таква содржина.
Шизофренијата во 21-от век
Според последните информации на Светската здравствена организација од 2022 година, се проценува дека 24 милиони луѓе ширум светот имаат шизофренија, односно 0,32 проценти од вкупното население. Ако ја гледаме зачестеноста на другите психички пореметувања и болести, се чини дека шизофренијата не е толку честа болест, но, во однос на сериозноста на симптомите и важноста на интервенцијата кај заболените, едно на секои триста лица секако претставува незанемарлива бројка.
Шизофренијата не е болест со која личноста може да живее незабележано, а искривеното доживување на реалноста со себе често повлекува и други потешкотии. Заради дополнителните физички заболувања, за лицата со шизофренија постои два до три пати поголема веројатност за смртност во раната доба во однос на општата популација. Исто така, се проценува дека приближно половина од хоспитализираните пациенти во психијатриските установи имаат дијагноза шизофренија, а од сите заболени лица со психотични пореметувања само 31,1 процент добиваат специјализирана помош од стручњаци за ментално здравје.
Оптимален модел за пристап на заболените од шизофренија
Бидејќи шизофренијата навистина го зафаќа секој аспект од функционирањето на личноста, понекогаш не е доволно само да му се пристапи на заболениот ако сакаме да го подобриме квалитетот на животот и опоравувањето барем во делот на интензитетот на симптомите. Со оглед на тоа и дека е невозможно да се прецизира самата причина за болеста на еден аспект, пристапот на лекување и третманот на овие лица исто така мора да биде сеопфатен, односно холистички. Додуша, сериозноста во пристапот на пациентите и конзистентноста на самиот третман во повеќето случаи подразбираат болнички третман како основа на која се надоградува подоцнежниот индивидуализиран пристап. Со придржување до упатствата и навремена реакција на симптомите, животот на лицата со шизофренија денес има мошне висок квалитет и значајно отстапува од стигматизирачката перцепција која е обликувана од неразбирањето и историскиот пристап на оваа болест.
Групата лекови кои ги смируваат претходно споменатите симптоми ги нарекуваме антипсихотици, кои се развиени во педесеттите години од минатиот век и претставуваат основа на терапевтскиот процес и денес. Како и кај другите болести или состојби кои бараат третман, клучно е да се пронајде вистинскиот лек за секоја личност кој предизвикува минимални нуспојави и навикнување на ефектите (за да не се зголемуваат постојано дозите за ефектот за намалување на симптомите), што може да биде процес и да трае одредено време. Во случаи кога другите пристапи и лекови не покажуваат значајни ефекти, се препорачува и електроконвулзивна терапија, секако, во согласност со најновите стандарди и сигурносни мерки.
Покрај споменатите лекови кои го стабилизираат „биолошкиот“ аспект на болеста, третманите кои се покажаа како корисни во намалувањето на бројните симптоми се когнитивно-бихејвиоралната и семејната терапија. Со индивидуален контакт со терапевтот се одржува конзистентност во третманот и притоа се опфаќаат симптомите на обрасците на размислување и фокусирање, додека терапијата во семејно опкружување придонесува и за социјалниот аспект кој често е нарушен кај заболените, а има и едукативна цел за сите инволвирани и придонесува за разбирање и подобра реакција на блиските лица на симптомите. Комбинацијата на сето наведено се покажа како најдобра во поглед на намалување на појавноста и интензитетот на самите симптоми - го намалува стресот кај лицата со шизофренија и, генерално, придонесува за подобра семејна динамика и квалитет на животот на засегнатите.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Lizaveta-Alisa K
Извор: https://nepopularna.org/