1015 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 09:59
Зад проектот „Видови на Земјата” стои американска непрофитна организација која сака да ја декодира комуникацијата со животните со помош на вештачка интелигенција. Тие неодамна ја споделија веста дека дека собрале 17 милиони долари од донации.
Организацијата планира да ги искористи парите за да го удвои својот истражувачки тим за вештачка интелигенција. Нивниот тим, кој сега брои осум члена, моментално проучува примероци на звуци од птици и работи на ран модел сличен на „Чет-ЏПТ”, само за животни.
Крајната цел на организацијата е истражувањето да го промени начинот на кој луѓето гледаат на своето место во природниот свет и на тој начин да помогнат во борбата против климатските промени и заштитата на биолошката разновидност.
„Во текот на изминатите две години, вештачката интелигенција ни покажа дека сè што може да се преведе ќе биде преведено. Како што телескопот ни помогна да сфатиме дека Земјата не е во центарот на Сончевиот систем, нашите алатки ќе ни овозможат да погледнеме во светот и да сфатиме дека човекот не е во неговото средиште“, вели Аза Раскин, еден од основачите и претседател на проектот.
Раѓање на идејата
Пред 11 години, Раскин слушал приказна за гласовите на мајмуните и за прв пат се запрашал дали комуникацијата со животните може да се декодира. Пет години подоцна, тој го основа проектот „Видови на Земјата” со поранешните работници од Силиконската долина Брит Селвител (која беше во основачкиот тим на Твитер) и Кејти Закаријан (една од првите вработени во Фејсбук).
Организацијата сака до 2030 година да им овозможи на луѓето да комуницираат со другите видови - или барем да разберат што велат тие. Нивните тековни проекти се врани, китови и сипки. Тие исто така работат на поопшт „основен модел” кој сакаат да го развијат во нешто слично на „ЧетЏПT”.
Првата верзија на тој основен модел беше претставена во 2022 година. Таа идентификува обрасци во големата архива на аудио снимки на животни од различни видови користејќи техники за машинско учење. Една таква техника, на пример, наликува на мрежа од графикони кои ги групираат звуците и сликите по сличност.
Организацијата собира повеќе податоци и ги ажурира своите модели, со што се појавуваат и повеќе модели. Со текот на времето, тоа овозможува екстраполирање на „значења” од податоците врз основа на нивната сличност, без потреба да се знае што всушност значат податоците.
Донации од милијардери
Од своето основање, проектот „Видови на Земјата” објави пет рецензирани трудови и сега работи на шестиот. Некои се однесуваат на конкретни видови, додека други се занимаваат со основниот модел. Проектот главно се финансира од донации од милијардери, делумно благодарение на фактот што сите тројца основачи имаат искуство во „Силиконската долина”.
Раскин го запознал Хофман додека работел во Мозила, каде што Хофман бил во одборот. Идејата за проектот за Видовите на Земјата му ја спомнал за прв пат во 2015 година. Хофман е „фасциниран од филозофските импликации што се појавуваат кога сфаќаме дека не само луѓето имаат култура и јазик. Што значи тоа за промената на односот меѓу луѓето и остатокот од природниот свет?”, вели Раскин.
Со фондацијата „Вејверли Стрит” тој стапил во контакт во 2022 година преку пријател кој работи на борбата против климатските промени. Раскин вели дека „хуманизацијата” на животните може да ги поттикне луѓето да бидат погрижливи, да почнат повеќе да размислуваат за биолошката разновидност, што ќе помогне да се сочуваат планетата и човечкиот род.
За проектот донирале и милијардерот Крис Ларсен, Фондацијата „Пол Г. Ален” и Интернет архивата. Од своето основање, проектот собра девет милиони долари, покажуваат даночните пријави до крајот на 2023 година. Новата донација од седумнаесет милиони ќе им помогне да ангажираат повеќе истражувачи кои ќе соберат нови податоци.
Најголемите предизвици
Раскин вели дека пристапот до податоци за обука на моделот во моментов е најголемиот предизвик на проектот. За разлика од големите јазични модели кои можат да се обучуваат за сè што има да понуди интернетот, проектот „Видови на Земјата” мора да собира аудио снимки од различни животински видови. Тешко е да се разберат податоците за животните.
Дури и со сите информации што веќе ги има здружението, исклучително е комплицирано да се одделат индивидуалните животински звуци од бучавата од околината. Има и дополнителен проблем што нема многу пари за финансирање на модели со вештачка интелигенција за комуникација со животни.
Скептиците велат дека идејата за „преведување” на животинската комуникација во нејзината основа претпоставува дека постојат сличности со човечкиот говор кои можеби не постојат.
Иако ова е непрофитно здружение, неговите корени во „Силиконската долина” и начинот на размислување на основачите покажуваат како тие работат на претприемачки начин. Раскин ги споредува новите донации со инвестиции во стартапи. Биолозите го користат моделот за декодирање на снимките од терен, а нивното рано истражување може да покаже какви звуци, на пример, испушта враната кога го напушта гнездото. „Сè што ни треба се пари”, вели Раскин.
Слика: Phillip Lay
Извор: https://forbes.n1info.rs