1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 08:59
Последните информации на страницата на Регистарот за испуштање и пренесување на загадувачки материи, кој ја содржеше мапата на загадувачи од индустриските капацитети, се од 2019 година. Веб страницата, преку која јавноста требаше да добие пристап до информациите во врска со загадувачките материи и заштитата од загадувањето на животната средина од индустријата се застарени повеќе од пет години, а во моментов не можат да се отворат и да се видат ниту податоците кои биле актуелни од 2016 до 2019 година. Застарените податоци на Регистарот на загадувачи беа регистрирани и во Извештајот во сенка за Поглавјето 27, со кој граѓанскиот сектор ја анализира состојбата со усогласувањето и спроведувањето на законодавството за животна средина со европското.
Причината за нефункционалниот регистар, според Министерството за животна средина, институција која е надлежна за неговото воспоставување и одржување, е расипаниот сервер. За да се надмине оваа состојба, од министерството велат дека работат регистарот да стане дел од Националниот информативен систем за животна средина, кој е пред финализирање, но не прецизираат зошто се дозволило јавноста да остане без увид во податоците толку долг период.
„Причината за недостигот на понови информации на веб-страницата на Регистарот на испуштање и пренос на загадувачи е технички проблем, бидејќи серверот на кој се наоѓаше страницата престана да функционира, што доведе до ограничен пристап до податоците. Како резултат на ова, повеќето од страниците и функционалностите на веб-страницата, вклучително и мапата на загадувачите и извештаите од претходни години, моментално не се достапни за преглед. Министерството работи на обновување на овие функции и на враќање на пристапот до податоците преку воспоставување на Национален информативен систем за животна средина, чиј составен дел е и регистарот. Во моментов, системот е во фаза на завршни корекции, по што се очекува да биде целосно функционален“, посочуваат од Министерството.
Регистарот на испуштање и пренос на загадувачки материи беше пуштен во употреба во ноември 2016 година со цел да биде сеопфатна база на податоци за емисиите на над 90 загадувачки материи во воздухот, водите и почвата, како и за како и трансферот на загадувачите надвор од локацијата каде се создадени. Станува збор за тешки метали, пестициди, неоргански и органски материи, стакленички гасови и хлорирани органски материи кои се испуштаат од индустриски капацитети од повеќе сектори како енергетика, металска и рударска индустрија, хемиска индустрија, управување со отпад и отпадни води, производство и преработка на хартија и дрво, интензивно производство на добиток и риби и животински и градинарски производи од секторот за храна и пијалаци. Страницата требаше да содржи и податоци каде и во кои количини се испуштени штетните хемикалии, како и кој и кога ги испуштил.
Обезбедувањето на јавно достапни и ажурирани податоци е обврска на земјава, која е потписничка на Архуската конвенција. Регистарот беше најавен како алатка која од една страна ќе го идентификува загадувањето, а од друга страна ќе даде и насоки како и каде да се дејствува за намалување на испуштањето и пренесувањето на загадувачките материи и поголема заштита на животната средина.
Извор: https://meta.mk