Герила уметничка акција: Марсовци се борат против корупција

27.11.2024 11:13
Герила уметничка акција: Марсовци се борат против корупција

Центарот за современи уметности (ЦСУ) организираше уште една уметничка герила акција – овој пат уметници облечени во зелени костими за да наликуваат на Марсовци пред Владата и други државни институции го „мереа“ нивото на корупција во државата со своите научно-фантастични „инструменти“.

„Ве информираме дека вчера и утрово во соработка со сојузот на уметници, активисти и волонтерски антикорупционери од планетата Марс извршивме скенирање на нивоата на корупција во РСМ односно во неколку клучни институции. Нашите почитувани гости кои го вршеа мерењето беа вчудовидени и загрижени како е можно воопшто да функционираме со толкаво ниво на корупција и истакнаа дека земји со вакво ниво на корупција имаат сретнато само на сончевиот систем зулу 456 (преведено значи систем неисполнето ветување) која се наоѓа на 46.74.98 степени и 784 светлосни години од соѕвездието ZH213/dc9b727/3 или за нас познато како соѕвездие Магеланов облак“, стои во комичното соопштение на ЦСУ.

Од ЦСУ велат дека корупцијата е феноменот што ја придружува нашата земја од почетокот на независноста до денес и дека за тоа не е виновна ниту една влада засебно туку сите влади заедно во изминатите 30 години. Дополнително, „колегите од зелената планета“ заклучиле дека токму корупцијата е главниот проблем што го спречува градењето на правна држава и градењето на европско општество кон кое ние, но и „интергалактичкиот совет на сончевиот систем“ се стремиме.

„Марсовците“ дале и неколку препораки како може да се подобри нашата состојба и тие вклучуваат: „Кога влегуваме во институции гласно да ја пееме песната Мито бекријо која функционира како своевидна вакцина против мито и корупција“; „ако некој ни побара мито да го удриме по глава со третиот камен од сонцето и да го пријавиме во антикорупциска комисија и МВР“; и „на докторите да почнеме да им носиме шеќер бидејќи кафе имаат за до 2085 светлосна година“.

„На крајот дозволете да додадеме дека по интензивно скенирање Марсовците успеаја да пронајдат и некорумпирани или минимално корумпирани институции (НБРМ, Министерство за одбрана, Државен завод за ревизија, Природонаучен музеј…) и во знак на среќа (како што се гледа и во видеото) го изиграа Марсовскиот танц кој на тие институции ќе им даде нова космичка енергија да продолжат професионално и совесно да си ја вршат својата работа и да служат на граѓаните“, велат од ЦСУ.

Можете да ги видите „Марсовците“ во акција во следното видео:

Фото: Центар за современи уметности
Извор: https://meta.mk

Слични содржини

Општество / Активизам / Балкан / Уметност
Општество / Активизам / Стрип / Култура / Уметност
Општество / Активизам / Стрип / Култура / Уметност
Општество / Активизам / Култура / Уметност
Општество / Активизам / Култура / Уметност / Настан

ОкоБоли главаВицФото