Моќта на глупоста

28.11.2024 00:53
Моќта на глупоста

Глупавите нешта имаат одредена моќ во светот. Не се работи за моќта на непропустливоста за критика, туку за моќта на таквата пропусливост, дека секоја критика поминува без никаков ефект, како невидливите неутрини кои постојано струјат низ нашите тела. Соочувањето со зората на Втората Трампова ера ќе бара од нас да ја прифатиме непријатната вистина дека Глупостите и Важните нешта наскоро ќе се претопат во една единствена болна категорија на егзистенцијата.

Доналд Трамп е груб, прекумерно самоуверен, нарцисоиден, навреден – глупав човек кој со времето околу себе привлече поле астероиди, глупави сојузници, помали верзии на себеси. Неговиот непресушен нагон да дејствува без знаење е глупав, како што е глупава и неговата непоколеблива вера во своето смешно расудување. Во таа смисла ниту една трезвена анализа не би дозволила никаков сомнеж. Тој поседува отровна комбинација на голема моќ и крајно отсуство на одговорност. Знае малку, а прави многу. Живее во детинеста фантазија за уредување на непосредно видливите делови од светот на таков начин што сè му ласка и за возврат го опсипуваат со пофалби сите оние кои би сакале да живеат таков маѓепсан и ништовен живот.

Во 2004-та година списанието Њујорк Тајмс Магазин ги објави познатите зборови на еден функционер од Белата куќа во мандатот на Буш кој се потсмеваше на „заедницата заснована на реалноста“: „Сега сме империја и со нашето дејствување создаваме наша сопствена реалност. И додека ја проучувате таа реалност – секако, совесно и вредно – ние ќе продолжиме да дејствуваме и да создаваме нови реалности, кои исто така можете да ги проучувате, и така ќе се одвиваат нештата“, рече анонимниот функционер. „Ние сме актери на историјата… а вие, сите вие, ќе можете само да го проучувате она што го правиме.“ Во тоа време луѓето жестоко му се потсмеваа на овој цитат. Какви надуени империјални стереотипи!

Две децении подоцна, лакот на моралниот универзум повторно се наклони кон таквиот став, но овојпат се работи за поглупава верзија. Администрацијата на Трамп не само што ќе верува дека може да создаде алтернативна реалност, туку ќе биде спокојна зашто нема да разбере дека тоа за некои може да биде неподносливо. Ова се новите актери на историјата: талогот на ријалити шоуата, луѓето кои рекламираат гел за коса на вестите на кабловските канали, професионалните боречки могули, распаднатите политички наследници шекнати од теориите на заговор на интернет. Ако мислите дека шегата оди на нивна сметка, морам да ви кажам дека се лажете. Тие ќе создадат реалност која наскоро ќе нè поплави. Колку порано го сфатиме тоа, толку подобро.

Дел од моќта на Трамп произлегува од тоа што неговите глупави одлуки дејствуваат на неговите противници како удари во глава: од нив остануваат зашеметени и немоќни. Количината на аналитичката моќ која ја потрошија нерепубликанците обидувајќи се да ги сфатат постпаките на Трамп во последнава деценија би можела да ги напојува сите национални центри за податоци. Внимателно ја анализираме секоја очигледно идиотска политика или цитат или именување за во нив да најдеме некаков знак на скриена стратегија, како луди нумеролози кои се обидуваат да извлечат значење од случајно генерирани бројки. На тој начин се исцрпува интелектуалната опозиција додека светот на Трамп весело продолжува по својот пат. Можеби ќе си направиме тактичка улога ако се помириме со тоа дека Глупоста е суштинска состојка на она што ќе се случи во Америка.

Како најмоќната нација на светот заврши со водител на вести од Фокс Њуз како Секретар за одбрана? Со изопачен антиваксер како министер за здравство? Со телевизиски доктор кој опасно наликува на шарлатан на чело на Медикер, со професионален борач како министер за образование, со мал, неуспешен сексуален предатор како врховен обвинител, со милијардер, крал на бубалиците отруен со мемиња како министер за финансии? Вртлогот на бесмислиците што изгледа дека расте со секој поминат ден треба да му биде познат на секој што бил принуден сериозно да размислува за првиот мандат на Трамп. А тоа е доволно луѓето со раширени раце да ги дочекаат високите функционери кои се фашисти, но барем не се неспособни (што е една од најопасните последици).

Доналд Трамп е агресивен неук човек и не му е важно ништо доколку не влијае на него лично. Тој не знае речиси ништо за доследноста и го избира својот кабинет врз основа на две мерила: оној што најмногу му ласкал и оној што најмногу го гледал на телевизија. Не е важен фактот дека тоа е смешно - дека така би можело да се однесува дете во сон, дека таквото страшно откажување од одговорност најверојатно ќе има страшни последици за целиот свет. Тој е претседател и е таков. Американците одлучија да ја пропуштат приликата тоа да го спречат во корист на забавата која ќе им ја донесе набљудувањето на текот на настаните. Можеме да се измачуваме обидувајќи се да наметнеме ментален ред во хаосот кој ќе настапи, но тоа не е најдобриот начин на кој ќе го користиме своето време.

Толкувањето на умот на глупавиот човек не е корисно. Владеењето на Глупоста во нападите на интелектот се однесува како црна дупка: едноставно ги вшмукува без трага. А тоа трае многу пократко отколку што трае примената на сложените теории за тоа како интелектот би можел да се употреби корисно. Не вреди длабоко да се размислува за тоа што ќе се случи, туку за тоа како стигнавме таму каде што сме. Бранот од плимата на Глупоста веќе нè покрива.

Прашањето зошто на нашата нација толку ѝ се смачи митот за политиката како јавен сервис па весело ја прифати политиката која личи на серијата Игра на лигни, со која се соочуваме во моментов, всушност може да направи нешто добро за нас. Но, видете, тоа не е прашање за самиот глупак, ниту за неговата придружба составена од кретени, ниту за досадната парада на социопатскиот грабеж кој ќе мора да го издржи нашата држава. Не, тоа е прашање за фините, угледни, паметни луѓе кои беа тука пред него и за тоа како нивните оправдувања за социопатскиот грабеж од минатото станаа толку провидни што исчезнаа.

Дозволете му на системот без човечки вредности доволно долго да функционира и луѓето на крајот само ќе сакаат да се смеат кога ќе гори. Единствено ни преостанува да градиме нешто подобро кога ќе се расчисти чадот.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Dennis Goris

Извор: https://inthesetimes.com/

ОкоБоли главаВицФото