1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 08:59
Општо прифатен како вистинит е фактот дека зголемувањето на концентрацијата на гасовите со ефект на стаклена градина директно влијае на зголемувањето на температурата на морето и површината на Земјата. За жал, во некои земји тоа престанува да биде факт во зависност од политичката волја на елитите. Додека во некои земји се спроведуваат мерки за намалување на емисиите на овие гасови, во други тие се зголемуваат. Вкупниот резултат - кога се гледа концентрацијата на јаглерод диоксид создаден од согорувањето фосилни горива годинава - е зголемување од 0,8 проценти во однос на минатата година. Така постигнавме нов максимум и се оддалечуваме од планираните ограничувања за зголемување на температурата од 1,5 степени целзиусови. Тоа се проекциите на истражувачите од групата Global Carbon Project. Трудот ќе биде објавен во Earth Science Data кога ќе заврши рецензирањето.
Додека истражувачите истражуваат, политичарите се собираат на огромни собири. Таму носат разни заклучоци и резолуции, но многу малку од тоа се реализира. Во Азербејџан се одржа Климатската конференција на Обединетите нации. Инаку, домаќинот на конференцијата 90 проценти од својот извоз го остварува со продажба на нафта и гас. Кина, САД, Франција и Германија не испратија никого од врвот на власта на конференцијата. Другите учесници имаа можност да го слушнат податокот дека Земјата од 1850-та година до денес се загреала за 1,3 степени целзиусови. Овој податок го објавија група експерти формирана од Светската метеоролошка организација, ВМО.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, имаше подготвен говор за пленарната седница. Меѓутоа, во меѓувреме сфатил дека „поголемиот дел од учесниците воопшто не ги слушаат излагањата, туку се дружат, јадат, пијат и така натаму“ (негови зборови). Поради тоа, тој одлучи да се откаже од подготвениот говор и во краткото излагање на пленарната седница, меѓу другото, го кажа и следново: „По ѓаволите, што правиме собирајќи се повторно и повторно и повторно, ако нема политичка волја да се премине од зборови на обединување за значајна акција?"
Мислам дека премиерот Еди Рама со оваа критика погоди точно „во целта“ и тоа со право, бидејќи Албанија, според неговите зборови, достигнала 100 проценти обновливи извори на енергија.
Секако, во тој контекст транзицијата од енергетски извори кои емитуваат стакленички гасови кон оние кои не го прават тоа или се на нулта биланс е скапа. Од каде да се најдат пари?
Прво треба да запрат воените конфликти и милијардите евра кои се трошат за убивање и уништување, како и за производство на воени оружја и муниција и речиси на дневна основа да се насочат кон енергетски разумни проекти.
Но, шансите тоа да се случи наскоро се мали.
Голема сума пари е предвидена за изградба на првата фаза од идниот кружен судрувач (Future Circular Collider, FCC) во ЦЕРН. Првата фаза треба да чини околу 17 милијарди евра, но трошоците секогаш ги надминуваат очекувањата.
Многу научници сметаат дека ЦЕРН досега не отворил нови патишта во физиката со своите експерименти и дека не треба да се инвестира во нови огромни инфраструктурни проекти.
Во околностите во кои се наоѓа Европа и голем дел од светот, тие пари би можеле да се потрошат за помош на земјите кои мораат да се развиваат, а тоа го прават користејќи фосилни горива. Инвестирањата во нивните транзиции на обновливи извори и еколошко производство на храна сигурно би имало позитивен ефект на намалување на порастот на концентрацијата на гасовите со ефект на стаклена градина.
За жал, постојат назнаки дека новата американска администрација ќе направи значаен пресврт во климатските политики. Претставувајќи го новиот шеф на Агенцијата за заштита на животната средина, избраниот претседател на САД рече: „Тој ќе обезбеди праведна и брза дерегулација која ќе ја ослободи моќта на американскиот бизнис, а истовремено ќе ги зачува највисоките стандарди за животната средина“. Мислам дека не постои подобар пример за поимот оксиморон од: дерегулацијата и зачувувањето на животната средина е нешто како дрвено железо.
Емисијата на стакленички гасови, пред сè метанот, ја предизвикуваат сточарството и месната индустрија, но и современите прехранбени навики на голем дел од човештвото. За САД постојат добро документирани податоци. Кон крајот на 19-от век бројот на говеда бил околу 29 милиони. Денес е околу 94 милиони. Максимумот бил во 1975 година, кога во САД имало 132 милиони говеда. Каква врска имаат кравите со метанот? Тие го произведуваат на дневна основа во големи количини при разградувањето на тревата во своите стомаци и потоа го испуштаат во воздухот преку гасовите од дигестивниот процес. Па ако сте помислиле дека американските крави се најголемите виновници, се лажете. Тие се само околу 8 проценти од сите говеда на планетата. Се проценува дека вкупниот број на говеда изнесува речиси 1,5 милијарди. Преведено, ова значи околу 150 милиони тони метан годишно.
Таквата огромна продукција на месо, не само говедско, туку и пилешко, овозможи понуда на евтина храна која заедно со пржените компирчиња и засладените пијалаци стана дел од секојдневната исхрана на популацијата во сиромашните слоеви на општеството. Мастите и огромните количества шеќери во овие производи доминантно влијаеја на големиот пораст на дебелината во последните неколку децении. Тоа е особено изразено кај сиромашната популација.
Во 2000-та година во САД дебелината кај популацијата изнесувала 30 проценти, додека оваа бројка денес се искачи на 40 проценти. Се смета дека е постигнат максимум и дека овој процент малку се намалил во последниве неколку години. Бројот на екстремно дебелите во овој период се зголемил од 5 на 10 проценти.
„Утешна“ е најновата објава дека новиот министер за здравство на САД ќе биде многу познат противник на вакцинацијата, па се очекува значително подобрување на здравствената состојба на нацијата. Сето тоа во време кога се зголемува бројот на заболени од сипаници, бидејќи се повеќе и повеќе семејства не ги вакцинираат своите деца. Изгледа дека е полесно да се верува во разни необјаснети теории на заговор отколку во научно и искуствено поткрепени медицински постапки.
За жал, мораме да констатираме дека овие трендови се видливи и во многу европски земји.
Но, има и добри вести ама за нив друг пат.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Ben Zank
Извор: https://www.portalnovosti.com/