1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 07:59
Проширен прилог од штотуку објавената книга: Сто филмови за попреченост.
The Elephant Man; САД; Дејвид Линч; 1980
Инвалидитет: Протеусов синдром, масивни телесни деформитети
Сиже: Диви африкански слонови ја нападнале мајката на Мерик на непознат африкански остров. Набргу потоа се родил Мерик, човек со големи деформитети на главата и телото. Филмот е заснован на приказната за Џон Мерик, човекот од викторијанска Англија, кој со помош на лекари бил ослободен од циркусот каде што со години бил злоставуван.
Улоги: Ентони Хопкинс, Џон Харт
Реплика: Џон Мерик: ЈАС НЕ СУМ СЛОН! НЕ СУМ ЖИВОТНО! ЈАС СУМ... ЧОВЕК! ЈАС... СУМ... ЧОВЕК!
Филмот го опишува животот на вистински човек од крајот на 19-тиот век, Џозеф Мерик, „човекот слон“. Мерик е во „сопственост“ на расипаниот Бајтс. Фредерик Тревес, доктор во лондонска болница, случајно го здогледува Мерик; интересен му е од медицински аспект. Така „човекот слон“ станува познат во научните кругови. За него почнуваат да се грижат во болницата на Тревес и тој набргу станува славен; многу богати и познати луѓе доаѓаат да го посетат; меѓу нив е и театарската глумица Кендал. Обичните луѓе продолжуваат да го гледаат Мерик како чудовиште. Тој резигнирано констатира: Луѓето се плашат од она што не го разбираат. Една ноќ чуварот на болницата носи група луѓе во собата на Мерик, каде што тие го малтретираат и омаловажуваат. Меѓу нив е и Бејтс, кој повторно го зема Мерик во својот циркус, носејќи го во Европа и малтретирајќи го. Другите членови на циркуската екипа, нему слични „накази и изроди“, сепак го ослободуваат Мерик и тој повторно се враќа во Лондон. Таму повторно станува славен, но веќе се наоѓа во лоша здравствена состојба. Вечерта пред да почине Мерик присуствува на театарска претстава, нему посветена од актерката Кендал, и доживува овации од публиката. По претставата посакува да спие како секој обичен човек (со тешката глава на перница), легнува и умира.
Во книгата Линч за Линч од Крис Родли, Дејвид Линч објаснува што го мотивирало и одржувало да го сними Човекот слон:
„Ќе ви кажам што ме одржуваше: во најголема мера тоа беше ликот на човекот слон, Џон Мерик. Во тоа е работата. Тука е и Индустриската револуција. Или, кога гледате слики на експлозии, големи експлозии, тоа секогаш ме потсетува на папиломатозните израстоци врз главата на Мерик. Тие беа како бавни експлозии. Почнале да избиваат од коските. Не сум сигурен што ги придвижило екплозиите, но дури и коските почнале да експлодираат, добивајќи иста текстура, пробивале низ кожата правејќи ги тие израстоци налик на мали експлозии. Оттаму идејата за оџаците, саѓата и индустријата веднаш крај човечкото месо; тоа ме мотивираше.“
Кар Гом: Можете да замислите каков му бил животот?
Д-р Тревес: Да, мислам дека можам.
Кар Гом: Мислам дека не можете. Никој не може тоа да го замисли! Никој од нас!
Човекот слон беше успешен и кај критиката и кај публиката. Доби низа важни награди, но остана запаметен како филм кој мораше, поради фасцинантната маска за човекот слон, да добие „Оскар“ за шминка. Не го доби тој „Оскар“ зашто Американската филмска академија го воведе следната година, поттикната од критиките дека била неправедна кон филмот на Дејвид Линч. За својот прв студиски филм Линч самиот неуспешно се обидел да ги дизајнира костимите и шминката. Шминкерот Кристофер Такер за маската на Џон Харт (Мерик) го зел оригиналниот одливок од главата на Мерик, кој бил чуван во Кралската лондонска болница. Секој ден седум до осум часа шминкерите ја закачувале маската врз актерот, а два часа, на крајот на денот, деликатно ја отстранувале. Џон Харт на сетот доаѓал во 5 часот наутро и ги снимал своите сцени од пладне до 22 часот. Тогаш ѝ се пожалил на својата девојка: „Ми се чини дека конечно успеаја да ме натераат да ја мразам глумата“.
***
Младиот Дејвид Линч има уште еден филм за инвалидноста, краткиот (петминутен) Ампутираната (The Amputee, 1974). Жена седи замислена и пишува писмо. Очигледно е дека она што го пишува се однесува на заплеткана мрежа од разни односи и недоразбирања. Влегува лекарот (го игра самиот Линч). Седнува пред нејзе и во тишина ги обработува и преврзува остатоците од нејзините нозе, ампутирани до колената. Жената продолжува да го составува писмото, не забележувајќи ги лекарот и преврската.
***
Време е да се потсетиме на славната приказна за релативноста на сетилата, за нашата ограниченост и несигурност при согледувањето на светот.
Шест слепи мажи застанале пред слон со намера да го осознаат допирајќи го. Првиот се приближил до животното, се спрепнал и паднал врз импозантното тело: „О Боже, слонот е како ѕид“, рекол човекот. Вториот ги допрел долгите бивни: „Мазно, цврсто, остро - животново личи на копје“. Третиот ја фатил сурлата и храбро рекол: „Чувствувам дека слонот личи на змија“. Четвртиот со рака го допрел крупното колено: „Слонот е тврд и рапав како палмино дрво“. Петтиот му го допрел увото: „Личи на лепеза“. Шестиот го фатил животното за опаш: „Наликува на јаже“.
Шесте мажи се расправале долго и жестоко, секој со своја идеја која ги побива сите други. Иако сите биле делумно во право, сите грешеле. Приказната имплицира дека често водиме најразлични расправи без какво било поцелосно знаење, и со голема сигурност и убеденост зборуваме за работи кои никогаш не сме ги виделе и почувствувале целосно. Оваа порака (за ограниченоста на нашите сетила и сознанија) е важна, се разбира, за студиите на инвалидноста, ама може да биде поврзана и со низата (видливи и помалку видливи) пораки кои ни ги испраќа филмот Човекот слон.
Интересно е што едно компактно, хомогено, џиновско и снажно тело, тоа на слонот, во случајов симболизира фрагментарност и плуралност. Филмот како медиум, со својата суштинска комплексност (спој на збор, слика, музика, движење итн.), уште повеќе потсетува на слонот од приказната, и дотолку бара од нас да бидеме внимателни кога поединчено ги анализираме неговите аспекти, неговата вродена разнородност.
Фотографиите се од филмот The Elephant Man (Дејвид Линч, 1980)