1015 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.12.2024 07:59
Знам дека се повторувам секој 29 ноември пишувајќи за Југославија, мајката на македонската република, родилката што им вдахна живот и слобода да израснат и замавтаат со крилјата и на македонската нација и на македонскиот јазик и култура. Сосем ми е јасна залудноста и на овој ламент, зашто тие што ќе го читаат веќе ги знаат вистините што упорно ги повторувам заглушен од меќавата од лаги што со децении владее во јавниот простор, а тие што не ги знаат веќе одамна престанале да читаат, или кутрите никогаш и не научиле.
И овој роденден на македонскиот државен и културен проект – како и трите дузини пред него – ќе биде премолчан од целото македонско општество, и овој пат најсветиот ден од македонската државна историја ќе помине во срамна тишина.
Се чини како од смртта на Југославија Македонците веќе да не смеат ниту да се сеќаваат – а камоли да ја слават – Југословенската Федерација, дури и по цена да го избришат од колективното сеќавање фактот дека македонската република била создадена во Југославија и од Југославија, на денешен ден пред 81 години, во преубавото босанско гратче Јајце, со одлука на Второто заседание на АВНОЈ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Југославија). Заседанието на АСНОМ осум месеци подоцна – коешто го славиме како роденден на Републиката – е само остварување на Одлуката на Второто заседание на АВНОЈ, со која е воспоставена Федеративна Југославија и македонската Република како нејзин составен дел.
Важно е да се повтори дека македонската држава, заедно со институционалната еманципација на македонската култура – македонската нација, јазик и идентитет, се родени во гратчето Јајце, на 29 ноември 1943 година, со актот на донесувањето на Третата одлука на Второто заседание на АВНОЈ, која гласи: „За да се оствари принципот на суверенитет на народите на Југославија, за Југославија да претставува вистинска татковина на сите свои народи, и никогаш повеќе да не биде домен на која било хегемонистичка клика, Југославија се гради и ќе се изгради на федеративен принцип, кој ќе обезбеди полна рамноправност на Србите, Хрватите, Словенците, Македонците и Црногорците, односно на народите на Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина“.
Не постои подостоинствен извод од матичната книга на родените држави, а сепак, сите родени републики, вклучувајќи ја и македонската, упорно веќе три и пол децении ја кријат, забрануваат и премолчуваат неговата содржина, со намера податоците за родното место, датумот на раѓањето и имињата на родителите да потонат во небиднината на заборавот.
Овој предизвикан и фабрикуван заборав, оваа инверзија на вредности што беше остварена со веројатно најопсежната пропагандна активност од почетокот на времето и со темелната ревизија на историјата на 20 век, што го форматираше денешниот свет.
Во новата, денес важечка историја, фашизмот како практично да победи во Втората светска војна, а советските и југословенските комунисти – нејзините вистински победници – станаа злосторниците што го зацрнија континентов цел половина век. Фашистичката реа стана повторно „мирисот на светоста“, и токму затоа Југославија е завиткана во молк и заборав на целиот континент, зашто беше жив сведок, отелотворување и паметник на победата над капитализмот и фашизмот; беше цивилизација и општество што хуманистичките вредности на слободата, еднаквоста и братството ги беше остварила подобро од сите цивилизации во историјата, а особено подобро и поверодостојно од сите современи држави на развиениот Запад.
Јасно е самото по себе – иако исто така премолчувано сево ова време – дека негирањето на фасцинантниот југословенски државен, политички и културен проект, е основната агенда на политичките движење што ја растурија југословенската федерација по смртта на нејзиниот водач Маршалот Тито. Тоа се ултранационалистичките политички партии што и денес ги држат или клучно партиципираат во властите на сите држави бивши федерални единици.
Тоа се истите движења што соработувале со Хитлеровата оска на злото во Втората светска војна, тоа се рупниковците, усташите, четниците, балистите, вмровските контрачети и друг човечки талог што беше победен од страна на Титовите партизани, и што со прогласувањето на Декларацијата на Второто заседание на АВНОЈ беше – мислевме наивно – засекогаш фрлен на ѓубриштето на историјата.
Најефикасната пропагандна тактика за отфрлањето на југословенското социјалистичко минато беше релативизацијата на сеќавањата кај луѓето, и рационализација на југословенското наводно неуспешно општество, која пак се состоеше од економски просеравања за катастрофалниот југословенски јавен долг. Секој од овие одвратни пропагандни спинови заслужува свој простор, но овој пат, како роденденски ламент, јас ќе им посветам само по еден пасус.
Елем, релативизацијата на сеќавањата се темели на општото место дека старите секогаш се сеќаваат на времето на својата младост како на „објективно“ подобро време, па така и масовното сеќавање дека порано беше подобро веднаш се дискредитира и паушално му се негира каква и да е вистинска објективност. Луѓето што се сеќаваат се нарекуваат пејоративно „југоносталгичари“, со што нивните сеќавања се претвораат во болникави емоции на губитници.
Овој евтин трик работи сѐ уште и ден-денес, па никој и не помислува да седне и да воспостави објективни критериуми со кои многу лесно може да се види дека од 16 основни аспекти на квалитетот на животот во времето на Југославија подобри беа цели 15. Денешницата го надбива југословенското време во неколку дисциплини од кои две особено се истакнуваат: денес имаме повеќе мобилни телефони по глава на жител, а и интернетот е многу подобар отколку во ЈУ добата.
Што се однесува до задолженоста на Југославија, во таа област имаме цврсти нумерички показатели. На својата смртна постела 1989 година Југославија должеше речиси 19 милијарди долари, што беа неверојатни 24 отсто од бруто домашниот производ на федерацијата.
Државите што настанаа со распаѓањето на Југославија, од кои две се членки на ЕУ, денес заедно имаат нето долг од 150 милијарди долари, што поединечно кај некои од земјите (Хрватска, Словенија, Србија) претставува повеќе од скромни 80 отсто од БДП, а кај сите други значително повеќе од 60 насто. Толку за економијата.
Што се однесува на социјалистичкиот систем, што да ви кажам, тој беше единствен на планетата и воедно оригинален и успешен вон секое сомневање. Комбинацијата на отворено и слободно граѓанско општество со највисоки стандарди на јавен сервис, еднаквост и човечки права, солидарност, безбедност и одржливост, со високо развиена локална самоуправа и работничко самоуправување, со непогрешлив морален компас и во внатрешните и во меѓународните работи, а беше и лидер на најмасовното светско движење на неврзаните, па сето тоа заедно го направи југословенскиот социјализам единствен пример на реализирана утопија во светот.
И покрај сето тоа, ние, кои својата златна доба ја имавме во времето кога југословенскиот процут на вредностите на слободата, правдата, достоинството, еднаквоста и братството го достигнаа својот највисок и најверодостоен дострел во историјата на светот, наместо да го славиме, го премолчуваме нашиот „златен век“, и талкаме по темницата како дементни болни, облечени во карневалски руби на Александар и татко му, затруени со фашизоидни вмровски будалштини, упорно, секоја година завиткувајќи го роденденот на југословенската федерација и на македонската република во темна есенска тишина, и во тажниот гнилежен мирис на паднатите лисја.
Среќен ти роденден Југославијо, рајска земјо на остварената вечна утопија за човечката слобода, еднаквост и братство! Среќен ти роденден Македонијо, што среќата ја наоѓаш во блажената деменција и самозаборавот со кој талкаш низ предолгата ноќ на вечната транзиција!
Илустрации: Зоран Кардула
Извор: https://www.slobodenpecat.mk/