Интерсекционалност

02.12.2024 00:32
Интерсекционалност

Интерсекционалност - својство на човечкиот идентитет да се состои од меѓусебно поврзани различни димензии, нивоа и аспекти. Терминот произлегува од социолошката теорија на интерсекционалноста, која ја анализира дискриминацијата како сложен систем во кој различни форми на дискриминација се базирани на различни категории идентитет (род, пол, раса, класа, сексуална ориентација). Овие идентитети се меѓусебно поврзани и влијаат еден на друг, па затоа во разгледувањата на дискриминацијата треба да се гледаат заедно. Иако е осмислена како пристап за анализа на родовата дискриминација, денес интерсекционалноста се користи во различни контексти и не е задолжително феминистички ориентирана.

Интерсекционалноста помага да се разбере како општествените и политичките идентитети на групи и индивидуи резултираат во посебни комбинации на дискриминација и привилегија. Примерите ги вклучуваат факторите пол, род, раса, етничка припадност, класа, каста, сексуалност, религија, инвалидитет, висина, возраст, тежина... Овие „интерсекциски“ и преклопувачки социјални идентитети можат да бидат и одобрувачки и угнетувачки.

Афроамериканската правничка Кимберли Креншо е авторка на терминот „интерсекционалност” во 1989 година. Таа го опишува начинот на кој преплетените системи на моќ влијаат на најмаргинализираните во општеството, опишувајќи како американскиот судски систем не успеал да ја разбере сложената дискриминација што црните жени ја доживуваат на работното место. Во својот текст „Демаргинализација на интерсекцијата на расата и полот: Црна феминистичка критика на антидискриминационата доктрина, феминистичката теорија и антиксиристичката политика”, Креншо анализира неколку судски случаи во кои судот земал предвид обвиненија за сексуална дискриминација или расна дискриминација на работното место, одбивајќи да прифати дека црните жени страдаат од сложена дискриминација, не само како жени или само како „обоени луѓе“, туку како црни жени. Креншо интерсекционалноста ја дефинира како мултидимензионалност на животното искуство на маргинализираниот субјект. Во оваа рамка, на пример, дискриминацијата против црните жени не може да се објасни како едноставна комбинација на мизогинија и расизам, туку како нешто посложено. Интерсекционалноста често нотира и тројно угнетување, на пример, според сиромаштија, друга боја на кожа и мигрантски статус.


Интерсекционалноста го проширува опсегот на првиот и вториот феминистички бран (кои главно се фокусираа на искуствата на белите жени кои од средната класа), вклучувајќи ги различните искуства на жени со друга боја на кожата, сиромашни жени, имигрантки и други групи. Интерсекционалниот феминизам се одвојува од белиот феминизам преку признавање на различните искуства и идентитети на жените. Лесли Мекол и други феминистки тврдат дека интерсекционалноста е „најзначајниот теориски придонес што женските студии и сродните области го направиле досега”. Активистите и академскиот свет ја користат оваа рамка за промовирање општествена и политичка еднаквост.

Епистемолошки, интерсекционалноста може да се опише како развој на феминистичката теорија на стојалиштето која тврди, на малку поинаков начин, дека е суштински важно да се објасни социјалното позиционирање на општествените актери и да се доведе во прашање „измамата на гледањето сè од нигде”, како покритие и легитимизација за хегемониското маскулино „позитивистичко” позиционирање. Интерсекционалноста подразбира покомплексен и поаналитички теренски поглед, во кој се испреплетени „субјективното“ (непосредното животно искуство на индивидуата) и „објективното“ (општествената контекстуализација).

Критичарите на овој концепт укажуваат на можноста поединците да бидат редуцирани на посебни демографски фактори и на користењето на интерсекционалноста како идеолошки инструмент против други феминистички теории. Критичарите го опишуваат концептот како неодреден и без јасно дефинирани цели. Преголемиот фокус на субјективните искуства може да доведе до контрадикции и неспособност за идентификување на заедничките општествени чинители на угнетувањето. Анализата на академски статии објавени до декември 2019 година покажала дека не постојат широко прифатени квантитативни методи за истражување на прашањата на интерсекционалноста и дале препораки за најдобри аналитички пракси за идни истражувања. Анализата на академски статии објавени до мај 2020 година открила дека интерсекционалноста често е погрешно разбрана кога теоријата се прелева во квантитативна методологија.


Слики: Isabelle Boinot
Подготвил: Н. Г.

Слични содржини

Општество / Теорија
Општество / Став / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Балкан / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото