Сајберхондрија

02.12.2024 02:23
Сајберхондрија

Сајберхондријата е медицински термин од понов датум кој означува неоснована ескалација на анксиозноста поврзана со грижата за здравјето; ги означува упорните пребарувања и читањето содржини за симптоми и болести на интернет.

Разлики помеѓу сајберхондријата и хипохондријата

Хипохондријата е анксиозно пореметување чии основни одлики се стравот и верувањето на личноста дека заболела од сериозна телесна болест. Сличноста е во тоа што во двата случаи постои прекумерна загриженост за телесното здравје. Меѓутоа, сајберхондријата се карактеризира со ексцесивна употреба на интернетот со упорни и често неконтролирани пребарувања на информации во врска со здравјето чии содржини потоа предизвикуваат стрес, вознемирување и анксиозност. Очигледно, сајберхондријата е поврзана со новите технологии, па често се означува како болест на модерната доба.

Причини за сајберхондријата

Причините за сајберхондријата не се докрај јасни, но општата наклонетост кон грижа, хроничниот стрес, искуствата со болести (лична болест или болест кај член од семејството), веќе присутните анксиозни или депресивни состојби, се најчестите фактори кои ја зголемуваат склоноста за развој на сајберхондрија. Од друга страна, лесната достапност на медицинските информации на интернет, штедењето време и пари заради не одењето на лекар, приватноста и потребата за инстант одговори го поттикнуваат пребарувањето на интернет.

Како прекумерното пребарување симптоми на интернет влијае на менталното здравје?

Голем број луѓе ги користат здравствените информации од интернет на адекватен начин. Понекогаш можат да помогнат да се идентификува проблемот, со нивна помош можеме да се информираме за третманот или да добиеме информација каде треба да се обратиме за помош. Добрата информираност најчесто доведува до реално согледување на проблемите, односно до редукција на анксиозноста во врска со здравствените пречки.

Кај други, медицинските информации добиени преку интернет можат да предизвикаат сосема спротивен ефект. Можат да ги збунат, исплашат и вознемират зашто сознанијата за болестите и симптомите можат да бидат погрешно протолкувани. На тој начин може да се создаде уверување дека личноста има сериозен здравствен проблем, што ја интензивира анксиозноста во врска со здравјето. Пребарувањата продолжуваат, а анксиозноста ескалира доведувајќи до нарушување на менталното здравје, општата функционалност и квалитетот на живот.

Влијанието на сајберхондријата на поставувањето точна дијагноза

Иако, барем на почетокот, пребарувањата на интернет се мотивирани од безопасни телесни симптоми, сензации или промени на телото, како што се благата главоболка, чувството на тежина во желудникот, зуењето во ушите или промените на кожата, исходите од пребарувањата вообичаено се драстични. Кај овие лица се создава уверување дека боледуваат од сериозни и тешки болести со лоша прогноза, што значително отстапува од објективната состојба.

Содржините на интернет често можат да бидат неверодостојни, нестручни, па и неточни, или пак се напишани на сензационистички стил за да привлечат внимание. Форумите и социјалните мрежи каде лаици изнесуваат наводни застрашувачки искуства дополнително ја влошуваат ситуацијата. На тој начин се случува информирањето за безопасните тегоби кај некои лица да ескалира во неоснован, но мошне интензивен страв, најчесто во врска со некои опасни болести. Пример може да биде симптомот блага главоболка каде по упорните пребарувања и зголемената анксиозност се заклучува дека тој симптом би можел да биде знак на малигна болест.

Поставувањето дијагнози од страна на лаици врз основа на погрешно протолкувани или неточни информации од интернет или, уште полошо, обидите за самолекување - претставуваат сериозен проблем. На лекарите им е отежната работата зашто пациентите доаѓаат со предубедување дека имаат некоја болест и бараат потврда и третман наместо преглед и утврдување на фактичката состојба. Обидите за разубедување бараат многу време кое би можело да им се посвети на други пациенти. Не се ретки ни промените на лекарите заради недовербата и сомнежот во врска со нивната компетентност како и неоснованото изложување на дијагностички процедури. Сето ова доволно зборува за оптоварувањето на здравствениот систем генерално.

Поврзаноста на сајберхондријата и зависноста од технологијата

Развиената сајберхондрија се манифестира со промена на опсесивните пребарувања на интернет во потрага по објаснување за симптомите и стравот од болест кои ги генерираат содржините на пребарувањата. Времето поминато во пребарување на интернет може да се мери во часови, што како последица има запоставување на другите активности. Наведените манифестации имаат елементи на зависничко однесување, пред сè во форма на принуда за започнување на интернет пребарувања и отежната контрола на времето поминато во пребарување и читање содржини. Ексцесивната употреба на интернетот на сметка на другите активности ѝ оди во прилог на врската помеѓу сајберхондријата и зависноста или проблематичната употреба на интернетот.

Кој е подложен на сајберхондрија?

Пред сè, тоа се личности кои веќе имаат некаков вид анксиозност, особено ако темата на анксиозноста е прекумерна грижа околу здравјето, болестите, телесните симптоми и сензации. На прво место е здравствената анксиозност но и бројни други анксиозни состојби кои се поврзани со развојот на сајберхондријата. Неможноста за толеранција на неизвесноста, дури и кај безопасните телесни тегоби, создава потреба за проверување на здравствената состојба. Информациите добиени преку интернет, односно сознанијата за болестите и симптомите можат да бидат погрешно протолкувани создавајќи уверување дека личноста има сериозен здравстен проблем.

Како да се контролира пациентот?

Треба да се укаже на непродуктивноста на таквото однесување. Обидите анксиозноста да се ублажи со читање медицински информации за симптоми доведува до спротивен ефект, односно до интензивирање на анксиозноста. Вниманието треба да се насочи кон тоа дека информациите на интернет можат да бидат неточни и дека често тенденциозно се пласираат содржини. Контролата на потребата да се започне со пребарувања заради објаснување на симптомите може да биде олеснета со совладување и примена на вежби за релаксација, како што се вежбите за длабоко дишење и прогресивната мускулна релаксација. Треба да се преиспитаат погрешните уверувања на овие луѓе за здравјето и болестите кои вообичаено се засноваат на катастрофирање. Модификацијата на неточните и усвојувањето нови уверувања преку процесот на когнитивна реструктурација ја олеснуваат контролата на обрасците на однесување кои се типични за сајберхондријата.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Changyu Zou

Извор: https://impulsportal.net/

ОкоБоли главаВицФото