„Не си одам дома“ – изложба на Клелија Живковиќ

02.12.2024 10:41
„Не си одам дома“ – изложба на Клелија Живковиќ

На трети декември (вторник), со почеток во 20 часот, во Националната галерија на Северна Македонија, објект Мала станица, ќе биде отворена изложба на уметницата Клелија Живковиќ насловена „Не си одам дома“.

„Се плашиш ли да бидеш непријатна? Те нарекуваат ли луда кога си лута? Како ги загушуваш твоите крици од болка, бес, задоволство? Каде ја криеш твојата љубов? Во што ја маскираш твојата солидарност? Каква приказна за тебе ти беше понудена како поприфатлива од вистината?
Кога бев девојче, сакав да бидам вештерка, не принцеза што трпеливо мечтае по принцот. Сакав да бидам бушавата, паметната и слободната жена што зборува со животните, ги познава билките и не се плаши од темнината на шумата. Напротив, таа и темнината се штитат една со друга.

Не станав вештерка од бајка, но секогаш ја чувствувам темнината. Сакам и јас како неа да се замоткам околу дебелите корења на старите дрвја. Да продрам низ влакната на мовта и да се засолнам под капите на печурките. Да одморам во студен поток, да се искачам до најгорната гранка на највисокото дрво и да го набљудувам светот под месечината.

Тишината во темнината е поинаква од тишината на денот. Кога ќе стивне денот, шепотот најјасно се слуша. Изговореното и премолченото женско знаење. Молитвите и баењето долги колку еден здив. Насилството од кое се штитиме една со друга. Насилството што си го нанесуваме една на друга. Ужасот, кој го обзема односот што некогаш бил безбеден. Она што не си дозволуваме да го именуваме, а кое клокоти во нашите клетки и не дозволува да биде занемарено.

Угнетувањето на нашата планета и на нашите тела се иста приказна. Расткајувањето на светот што умира може да се случи само со љубов и грижа. Оваа изложба е мојот пренос од меѓусветот. Од несветот. Од разсветот. Ја сочинуваат неуредноста на оживувањето, блуењето на насилството, живоста на оплакувањето, еротичноста на распаѓањето. Му ја посветувам на мојот вресок“, пишува уметницата Клелија Живковиќ во најавата за претстојната изложба.

Изложбата е дел од наградата „ДЕНЕС“, која ја организира „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ). Содржи дела создадени во периодот од 2023 - 2024 година и ќе биде отворена до 24 декември, 2024 година.

ОкоБоли главаВицФото